Љубовната приказна на Македонката Елена и Швеѓанецот Оскар: Ми направи романтично запросување за време на видеоигра

Фото: Приватна архива

Многумина знаат да кажат дека вистинската љубов не познава граници. Доказ за тоа е и приказната на Елена Парапунова и Оскар Ериксон, Македонка и Швеѓанец, чија љубов ги победи сите препреки.

Нив ги споила страста кон играњето видеоигри, но по некое време сфатиле дека имаат многу повеќе заеднички интереси. Иако не било лесно, тие направиле сè за да ја одржат врската на далечина, а годинава ја крунисаа љубовта со свадбена церемонија во прекрасниот замок Рокелстад во Шведска.

Денес тие живеат во шведското гратче Орибру, но ја користат секоја можност за да ја посетат Македонија и да уживаат во убаво друштво и вкусна македонска храна.

Елена и Оскар, како започна Вашата љубовна приказна?

– Се запознавме играјќи ја видеоиграта „Светот на војување“ („World of Warcraft“) во 2021 година. Ние бевме дел од ист клан („guild“), па многу време поминувавме заедно во една таква виртуелна форма. Делумно игравме сами, а делумно и со други другари од играта. Така беше до есента истата година, кога другарството помина во нешто повеќе во нашите приватни разговори. По два месеца интензивно комуницирање, сфативме дека имаме многу заеднички интереси, надвор од видеоиграта, па се развија и романтични чувства. Оскар одлучи да ме посети во Скопје во ноември таа година. Беше доста краток викенд, но навистина се покажа дека чувствата се присутни и дека во живо се уште посилни.

Дали можеби се соочивте со одредени предизвици на почетокот од вашата врска?

– Секако, далечината беше голем предизвик за нас. Сепак, станува збор за релација Шведска – Македонија. Кога Оскар се врати во Шведска по втората посета на Скопје, од него ја добив можеби најубавата порака што некој некогаш ми ја пратил, а тоа дека уште од првиот ден знаел дека сме еден за друг и дека не сака повеќе да сме оддалечени. Од моментот кога добив дозвола за престој во Шведска, ние правевме сè што можеме за да бидеме заедно, вклучувајќи броење денови колку можеме да престојуваме во одредена земја.

Фото: Приватна архива

Како вашите родители ја прифатија идејата да бидете со некој што живее во сосема друга држава?

– На почетокот, моите родители беа малку скептични бидејќи јас сум „една на мајка“. Но, како што поминуваше времето и како што гледаа што сè правиме за нашата љубов, полека се привикнаа и ја прифатија мојата одлука да се преселам во Шведска.

Родителите на Оскар веднаш ме прифатија како ќерка и така ме третираат и ден-денес. Тие беа пресреќни и многу заинтересирани за Македонија, за нашите обичаи и традиции.

Пандемијата на коронавирусот беше тежок период и за паровите кои, во тој момент, одржуваа врска на далечина. Како вие се справивте со таа ситуација?

– Многу беше тешко за време на пандемијата, но имавме среќа што двајцата можевме да работиме од дома, па одлучивме да го искористиме правилото 90-90 дена на Европската Унија. Така што, бевме по три месеци во Македонија и три месеци во Шведска. Иако сме од две различни земји, доста оддалечени една од друга, мислам дека во овој период од две и пол години, ние двајца бевме разделени само еден месец.

Фото: Приватна архива

Видеоигрите претставуваат важен сегмент од вашиот однос, нешто што првично ве зближи. Дали може да ни раскажете како Оскар го изведе романтичното запросување за време на една од вашите омилени игри – „Светот на војување“?

– Запросувањето се случи додека бевме во Македонија. Прво ме изненади со непланирана романтична вечера во центарот на Скопје. Кога се вративме дома, ме убеди да „поиграме малку“. Во играта постои опција за размена на предмети („trade“), каде што играчите можат да си направат размена на различни работи. Светот во играта е доста голем и отидовме на една виртуелна прошетка. Во еден момент застана, клекна во играта и ми подари прстен. Прво не сфатив што значи тој гест додека не се свртев накај него и тој беше веќе клекнат и ме праша дали сакам да се омажам за него. Навистина беше уникатно и нешто што ќе го памтам засекогаш.

Вие ја крунисавте вашата љубов во прекрасниот замок Рокелстад во септември годинава. Како изгледа една шведска свадба и дали можеби вметнавте и сегменти од македонската традиција?

– Шведската традиција е доста различна од македонската традиција. Мислам дека шведската свадба е нешто поблиску до американските обичаи. Искрено, ние направивме свадба „по наше“, како што ние сакавме, и беше мешавина од шведски и македонски обичаи. И двајцата бевме облечени во темно зелено, најблиските членови од фамилијата имаа по еден краток говор за нас што навистина беше интересно и емотивно. Секако, го вклучивме и традиционалното македонско оро, иако само четвртина од гостите беа Македонци. Имавме луѓе од многу земји, а и неколку другари од нашиот клан (од видеоиграта) пристигнаа од Шкотска, Фарски Острови, Данска и Англија за да бидат со нас на тој ден.

Фото: Приватна архива

Елена, што е она што Ви беше најголем културолошки шок кога се преселивте во Шведска? Колку Швеѓаните се поинакви од Македонците во секојдневието?

– Многупати го имав слушнато коментарот дека Швеѓаните се ладни, дека не можеш да изградиш пријателство со нив, но тоа не е моето искуство. Јас секаде бев третирана како да сум родена таму и сите се насмеани и весели луѓе. Ми требаше доста време да се навикнам на нивната храна, бидејќи е целосно различна од нашата. Исто така, ми требаше малку време да се навикнам на животното темпо, бидејќи тоа е многу побавно од кај нас. Сè оди полека, бавно и со трпение.

Оскар, што е она што најмногу Ви се допаѓа во Македонија? Дали можеби имате омилено јадење од македонската кујна?

– Освен Елена, секако, многу ми се допаѓа тоа што имате многу вкусно овошје и зеленчук. Овие намирници се секогаш свежи и може да се купат за убава цена. Во Шведска, цената на овошјето и зеленчукот е многу висока, а храната не е многу свежа и вкусна. Мое омилено македонско јадење е пинџурот, кој го подготвува татко ѝ на Елена, но и шопската салата.

За крај, која е Вашата порака до оние парови одржуваат љубов на далечина?

– Не откажувајте се и дајте ѝ време на љубовта. Ако сакате некого, далечината треба да е последната пречка.

Се запознале на караоке во Скопје: Љубовната приказна на Англичанецот Ендру и Македонката Срна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот