Се запознале на караоке во Скопје: Љубовната приказна на Англичанецот Ендру и Македонката Срна

Ендру Иан Кук и Срна Дамчевска
Ендру Иан Кук и Срна Дамчевска / Фото: Приватна архива

„Љубовта е голема движечка сила во мојата работа, особено кога имам уникатни нарачки за нечии најсакани. Често додека работам, знам да му направам нешто интересно на Ендру што ќе го носи како приврзок како знак дека секогаш сум со него“, вели Срна.

Љубовта е најубавото и најсилното чувство кое човекот може да го почувствува, нешто за што вреди да се наздрави со чаша квалитетно вино. Денеска католичките верници ја слават љубовта, а православните верници го одбележуваат денот на лозарите и градинарите. По тој повод, ние ви ја пренесуваме убавата приказна на Ендру Иан Кук и Срна Дамчевска – Англичанец и Македонка, чија љубов се родила низ скопските улици.

Имено, Ендру е по потекло од Отли, Англија и работи како балетан во Националната опера и балет (НОБ), а Срна е скопјанка која работи како дигитален маркетер и е основач на „Elain Crafts“, онлајн продавница за рачни изработки. Овие млади луѓе велат дека уметноста е голем дел од нивната врска, нешто што ги сплотило и ги натерало да научат нешто повеќе за себе.

„Дома зборуваме на ‘македонглиш’ – половина англиски, половина македонски. Ние славиме два Бадника, два Божиќа, два Велигдена и сите слични празници, што значи дека пола година ни оди во славење“, велат Ендру и Срна.

Што се однесува до денешните празници, со оглед на тоа што Ендру го празнува Свети Валентин, а Срна – Свети Трифун, тие немаат некои големи планови, но секако планираат да уживаат со убаво пенливо вино.

Срна и Ендру, како започна Вашата љубовна приказна?

– Ние се запознавме пред почетокот на пандемијата, во јануари 2020. Двајцата бевме излезени со нашите пријатели во барот „Гарсон“. Благодарение на караокето таа вечер, по неколку испеани песни, конечно се запознавме. Како судбина или коенциденција, следниот ден Ендру имаше претстава во НОБ за која веќе имав купено карти пред да се запознаеме. По претставата, излеговме на нашиот прв состанок и оттогаш сме неразделни. Кога уште бевме „тазе“, започна полицискиот час што нѐ принуди да поминеме повеќе време заедно и да ја оформиме врската која ја имаме. Поради пандемијата и времето што го поминавме заедно, решивме да живееме заедно по шест месеци.

Фото: Приватна архива

Ендру, Вие сте од Велика Британија, а по професија сте балетан. Како животниот пат Ве донесе во Македонија и Националната опера и балет?

– Уште откако се иселив од дома на 17 години, јас секогаш сакав да патувам на различни места. Па, кога ја добив можноста да аудицирам во Македонија, веднаш прифатив и дојдов тука. По мојата аудиција (која се случи за време на топлотен бран за кој јас не бев спремен, со оглед на тоа што доаѓам од поладна држава како што е Велика Британија), го започнав мојот прв работен договор во Националната опера и балет во септември 2016 година. Балетот не ми претставуваше проблем, но учењето на македонскиот јазик ми беше најголемиот предизвик.

Ендру Кук на сцената во НОБ / Фото: Приватна архива

Што најмногу Ви се допаѓа тука и кои аспекти од живеењето во Македонија Ви беа чудни на почетокот?

– Карактерот на Македонците беше првата работа која веднаш ја засакав кога се преселив во Скопје. Сите беа гостопримливи и ме пречекаа со отворени раце. Колегите и пријателите секогаш ме прашуваа дали сакам да одам на кафе, да излеземе на дружба или да одиме каде било. Уште од самиот почеток ме обзема добрината на луѓето.

Во исто време, мислев дека слушам гласно и луто викање насекаде. Како што разбрав, никој не беше лут, само сите зборуваа гласно. Сфатив дека Македонците се многу поотворени со искажување на нивните емоции за разлика од мојот народ. Иако ми беше шок во тоа време, тоа е нешто на кое се навикнав и го засакав како дел од живеењето во Македонија.

Фото: Приватна архива

Дали имате омилени места во Скопје кои се нераскинлив дел од Вашата приказна?

– Првото место секогаш ќе биде „Гарсон“. Таму се запознавме, таму често излегуваме и многу наши спомени се наоѓаат на тие маси. Останатите места се НОБ, каде што Срна често одеше на претстави уште од дете, долго пред да се запознаеме. Го сакаме и Марков манастир, каде што одиме кога сакаме да сме надвор од градската гужва и секако првиот стан во кој живеевме и го поминавме поголемиот дел од 2020.

Денеска Ендру го слави Свети Валентин, а Срна – Свети Трифун. Како планирате да го прославите денот посветен на љубовта и виното?

– Ендру ќе биде на проба вечерта, што значи дека славењето на Св. Валентин ќе го поместиме за следен викенд. Но, во името на Св. Трифун планираме да отвориме убаво пенливо вино кое ќе го уживаме во нашиот дом без да правиме нешто посебно.

Фото: Приватна архива

Ендру, дали можеби имате омилено македонско вино?

– Ја имав можноста да го пробам Камник Вранец Териор и навистина беше одлично. Но, Темјаника на Тиквеш е виното што често го одбирам.

А храна? Како Ви се допаѓа македонската кујна?

– Свежото месо, свежиот зленечук и одличното друштво секогаш го правеа секое јадење што го пробав – извонредно. Секако, нешто што навистина го засакав е ракијата, која ми ја служат со секоја салата. Омилено македонско јадење ми е сармата, а туршија е единственото нешто што не можам да го јадам.

Фото: Приватна архива

Срна, Вие сте голем креативец кој својот талент го искажува преку рачните изработки. Дали може да ни раскажете нешто повеќе за техниката што ја применувате?

– Техниката што ја користам се вика пирографија, или како што сите ја знаат – горење на дрво. Пирографијата како дел од уметноста и особено рачната изработка, е помалку распространета поради фаткот дека се работи со алат од висока температура и бара голема прецизност. Затоа, од најголема важност е безбедноста и познавањето на алатот кој се користи за горење на дрвото. За разлика од сликањето и цртањето, во пирографијата мотивот се доловува со контраст и сенчење, што може да претстави голем предизвик за оние кои првпат започнуваат со оваа уметност. Тоа што најмногу ме привлече кон горењето на дрво е едноставноста да се доловат комплексни приказни, особено за оние дела што се направени по нарачка со голема сентиментална вредност. Во овие 8 години што го работам ова, сѐ уште имам многу да научам и да остварам поголеми проекти кои си ги замислив низ годините.

Рачна изработка на Срна Дамчевска / Фото: Приватна архива

Колку љубовта како чувство Ве инспирира во вашата работа?

– Љубовта е голема движечка сила во мојата работа, особено кога имам уникатни нарачки за нечии најсакани. Љубовта претставува среќа, безбедност и дом на душата, и токму тоа чувство сакам да го пренесам низ моите изработки. Често додека работам, знам да му направам нешто интересно на Ендру што ќе го носи како приврзок како знак дека секогаш сум со него.

Која е Вашата порака до сите парови кои се „на гости“ во друга држава?

– Секогаш најдете начин да ги вклучите двете култури во врската. Ние тоа го правиме преку јазиците што ги зборуваме и идиомите што ги користиме, стереотипите што ги имаме или немаме, јадењата од двете држави, различните празници, навиките и знаењата. Тоа ни овозможува секојдневно да се надградуваме како луѓе, да се зближиме уште повеќе и да научиме повеќе еден за друг. Како што би рекол Ендру на неговиот тикток-профил, затоа дома зборуваме на ‘македонглиш’ и ги крие влечките по дома, хаха.

Повеќе интервјуа на Катерина Стевовска:

Разговор со Сашка Кузманова: Изработката на перики за пациенти со рак е повеќе од благородна работа

Разговор со Софија Стојановска: Моќно е да се биде жена во светот на бразилското џиу-џицу

Разговор со Михаела и Филип Илиоски: Парот што го искачи највисокиот врв во Македонија заедно со шестмесечниот син Исак

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот