ЛИДЕРСКА- за прв пат!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Вчера за прв пат имаше ЛИДЕРСКА СРЕДБА. Зоран Заев и Христијан Мицковски, еден на еден, сами без „партиски привезоци и засилувања“. Сите претходни беа се друго, само не лидерски.
И се покажа дека ако се сака, се може. Значи досега не се сакало. И не е дека ова е резултат што се јавил овој, или оној одозгора, (иако не е дека не се јавил). Но и досега се јавувале истите и слични, ама не секогаш биле послушани. Едноставно проработел разумот. И беше супер. За прв пат видовме политичките противници со нормален изглед на лицата, со изјави во кои немаше супремација, нетрпение или триумфализам. Оние кои до вчера „очи си вадеа„ кои ни името на другиот не сакаа да му го изговорат, покажаа лидерска доблест и се договорија! А стрепев, не само дека ќе биде уште една неуспешна средба, туку кој ќе ги слуша со познатите фрази од типот „Со Мицковски не се преговара, или со криминалецот Заев не се преговара и друг познат арсенал на навреди и дисквалификации“. За чудо, а на наше задоволство, најдоа сила за компромис во интерес на граѓаните и на државата. А цело време само тоа се бараше од нив. Ништо повеќе. Тие и натаму нека си бидат идеолошки различни, ќе имаат различни погледи на иднината на државата и на тоа што е најдобро за своите граѓани, и ќе останат политички противници.

Сега е важно на одлуките што двајцата лидери ги донесоа да се повинуваат нивните партиски „ботови“, медиумите и сите останати „радикали“, кои можат со своите пропаганди да ја „заматат  водата“ оздола-нагоре и да го упропастат  моментумот на победа на разумот.

Сепак не можам да не забележам дека вчерашната подготвеност за комромис, создаде претпоставка дека заедничка Влада или Влада на национален спас е можна. Имено, и во секоја досегашна Влада која била коалициска имало несогласувања и различни ставови по круцијални прашања, но се наоѓал компромис. Зошто во таа пракса да не биде вклучена и најголемата опозициска партија, зад која стојат најголем број македонски граѓанни.
Во прилог на размислувањата во оваа насока говори и изјавата на политологот и идеолошкиот советник на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Божиновски, кој смета дека заедничка Влада на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ може да ги застапува националните интереси во спорот со Бугарија. А тој не е дел од „одметнатите“, кои за воља на вистината веднаш ја прифатија отворената понуда од страна на Зоран Заев.
Веројатно идејата за заедничка Влада треба да „зрее“ уште некое време. Таа секако не е идеалното решение за нормално функционирање на државата, со која треба да управува политичка Влада што ќе си ја сноси и политичката одговорност. Но може да биде функционална кога постои голема општествена поделба што го разјадува еничкото ткиво и ја доведува во опасност државата од внатрешна имплозија.
Ако сепак до тоа не дојде, варијанта на Влада на национален спас можат да бидат и лидерските средби од ваков формат како вчерашниот.
На крајот на краиштата не мора ни да се состануваат, важно е лидерите на политичките партии да имаат трошка воља за попуштање, подготвеноста за излез од рововите, малку повеќе општа култура на џентлменско однесување, и прилична доза на политичка разборитост заради интересите на граѓаните кои за тоа и ги избрале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот