Лажно „да“ од Франција ќе биде вистинска пропаст за Македонија

Процесот за проширување на Европската Унија се одвива без политичка волја и на многу козметички начин, оценуваат угледни експерти од ЕУ. Тие објаснуваат дека по овој тек на работите, Македонија ќе наиде на огромни проблеми дури и ако добие зелено светло да го почне преговарачкиот процес идната пролет. Експертите предупредуваат дека е голема веројатноста одлуката за проширување на европското семејство да биде неволно донесена. Од друга страна, македонскиот државен врв воопшто не мисли дека добивањето датум за преговори за земјава ќе биде незаслужено. Тоа го истакна претседателот Стево Пендаровски веднаш по средбата со својот француски колега Емануел Макрон, а и премиерот Зоран Заев се врати од Самитот на НАТО во Лондон со позитивни очекувања од претстојниот мајски самит на ЕУ во Загреб.

Пирова победа

Курт Басинер од Советот за политика и за демократизација вели дека во голема мера го загрижува тоа што кон проширувањето на ЕУ се пристапува на многу тактично-козметички начин, наместо со стратешки ориентиран пристап.

– Само ги одложуваме проблемите наместо да се соочиме со нив и да ги решиме. Ако вака се движат работите меѓу земјите членки на Унијата и доколку францускиот претседател Емануел Макрон каже „да“ за проширувањето, тогаш Северна Македонија ќе наиде на проблеми во иднина, дури и ако ги почне преговорите. Ќе биде пирова победа, ако тоа се случи пред или по изборите во април – објаснува Басинер.

Додека се чека Унијата внатрешно да се реформира и да ја прифати новата методологија на која инсистира Макрон, странските експерти оценуваат дека францускиот нон-пејпер е несериозен документ спакуван набрзина. Тие велат дека тој дополнително ја отежнува работата на новата Европска комисија (ЕК).

Истражувачот во Клингендал институтот од Холандија, Воутер Звеерс, вели дека реформите во ЕУ и реформите за проширувањето на европското семејство се две различни дискусии. Тој додава дека во текот на следните неколку месеци ќе се одвива многу жешка дебата и дека ќе биде многу тешко да се постигне консензус пред април следната година.

И францускиот експерт од фондацијата „Жан Жорес“, Себастиен Грику, вели дека нон-пејперот не е најпрофесионално изработен.

– Нон-пејперот беше направен многу набрзина, но од друга страна, немаме друг избор освен да направиме нешто со него – вели Грику.

Домашните експерти, пак, велат дека на македонските власти не им преостанува ништо друго освен да бидат рационални и да не ги подгреваат очекувањата во пресрет на мајскиот самит на ЕУ што ќе се одржи во Загреб.

– По сето тоа што се случи во октомври годинава, никој од нас веќе не се осмелува да биде оптимист, дури и ние што секогаш сме имале извесна доза на резерва – истакна Малинка Ристевска Јорданова, членка на управниот одбор на Институтот за европска политика.

„Реален оптимист“

Претседателот Стево Пендаровски е прилично голем оптимист кога станува збор за доделувањето датум за преговори на земјава со ЕУ во мај следната година, бидејќи, како што истакна, францускиот претседател Емануел Макрон лично му соопштил дека нема намера по вторпат да ја „исече“ Македонија.

– Сигнал дека датумот за преговорите може да се реши во првите пет-шест месеци од хрватското претседавање со ЕУ е тоа што Макрон рече дека сака да дојде во нашата земја, но дека ќе му биде многу тешко да го објасни тоа доколку не добиеме датум за преговори. Го прашав отворено дека ако по вторпат нè исече, како тоа ќе го оправда пред граѓаните, а тој ми одговори дека нема да нè исече по вторпат – истакна Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев порача дека од обичен оптимист сега станал реален оптимист во однос на почнувањето преговори со ЕУ.

– Јас сум уверен дека следува убава одлука, убаво време за нас, не можам да споделам ништо затоа што како најголем оптимист, сега сум реалистичен оптимист. Работите се движат во позитивна насока, наше е да продолжиме да работиме, да продолжиме со реформи и се надевам дека вистинската одлука ќе биде донесена, односно дека историската грешка што ја направија ќе биде исправена. Не сакам со тоа да делам оптимизам никако, треба да бидеме посветени да ја европеизираме Македонија со повеќе вредности и реформи, а штом ќе одлучат, да ни соопштат – изјави Заев од Лондон.

Позитивна одлука за почеток на преговорите за Македонија и Албанија пред самитот на ЕУ во Загреб побара и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи.

Тој порача дека новата Европската комисија (ЕК) останува посветена на процесот на проширување.

Вархељи истакна дека Македонија го исполнила сето она што ЕУ го побарала од неа.

Унгарскиот еврокомесар најави и дека Европската комисија на почетокот на наредната година ќе излезе со предлогот за новиот пристап на проширување.

– Очекувам процесот на интеграција во иднина да стане подинамичен, а не да се одвива само преку отворање и затворање поглавја. Проширувањето треба да се одвива паралелно со внатрешната трансформација на Европската Унија – истакна Верхељи.

Макрон: Не бев само јас против преговори со Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон на прашањето зошто ги блокираше преговорите со ЕУ за Македонија во октомври, изјави дека не бил сам во таа одлука.

– Ја прифаќам лошата улога уште еднаш, ако сакаат луѓето да велат дека само Франција беше против, уште еднаш ќе прифатам, но Франција не беше единствена против почетокот на преговорите – одговори францускиот претседател.

Тој ја повтори позицијата на Париз дека ќе одбие секакво отворање преговори со земји кандидати доколку претходно нема реформа на преговарачката процедура.

– Сметам дека пристапната процедура е премногу бирократска, конфузна, не е читка, не може да се сопре и не е релевантна, вклучително за засегнатите земји. Прашајте ги Србите дали им се менува животот на секое отворање поглавје. Мораме да ја обмислиме процедурата на постратешки начин – рече Макрон.

Францускиот претседател додаде и дека целосно ги признава постигнувањата на Македонија, вклучително и промената на името, како и дека станува збор за многу храбар потег.

Тој потврди дека Франција била и останува против какво било одвојување на Албанија и Македонија.

– Одбивам одвојување на Албанија и Северна Македонија, тоа е прашање на рамнотежа на регионот, лошо е да се одвојат, смртоносна одлука ќе беше ако отворевме со Северна Македонија, а не Албанија – истакна Макрон.

Мекалистер: ЕУ во мај ќе ја поправа грешката од октомври

Тоа што на Самитот во октомври не беше донесена одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија беше историска грешка и го разбирам разочарувањето во Скопје и во Тирана. Ова го изјави претседателот на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.

Тој најави дека германската канцеларка Ангела Меркел ќе стори сѐ што може за да ги убеди другите земји дека треба да се донесе одлука за почеток на преговори со Македонија и со Албанија.

– Договорот од Преспа беше најдобрата вест од регионот. Сите беа среќни поради тоа. Потоа резолуцијата на германскиот Бундестаг требаше да биде мостот по кој ќе се помине до одлуката за преговори. Но, три земји имаа различно мислење, а едната од нив имаше суштинска улога – рече Мекалистер.

Неговата порака до Париз, Хаг и до Копенхаген е да кажат какви реформи на Унијата сакаат за да можат членките брзо да донесат одлука. Тој останува на ставот дека е можно да се работи на реформа на Унијата и да се даде зелено светло за Македонија и за Албанија на самитот во Загреб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот