Лазаров од „НИКОБ“: Кога ќе се отворат сите проекти меѓу Скопје и Софија, верувам дека никој нема да зборува за политика (ВИДЕО)

Макотрпна и посветена работа е причината за признанието „Лидер на годината за Југоисточна Европа“, доделено на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа во Париз, вели сопственикот на компанијата „НИКОБ“, Кирил Лазаров во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

-Сето тоа што го работев е призанено. НИКОБ е формирана 1995 година, јас сум трет по ред сопственик и од 2004 до денес, секојдневно и макотрпно се работеше на сите услуги кои ги нудиме. Се изненадив кога видов дека од македонските компании, најголем работодавач е НИКОБ со преку 1.800 вработени минатата година, изјави Лазаров.

Признанието од фондацијата „Ротшилд“, вели сопственикот на „НИКОБ“, само ќе придонесе за уште повеќе резултати кои ќе бидат значајни за државата но и надвор од неа.

Сепак, како што вели Лазаров, потребна е координација внатре во МВР во однос на соработката на полицијата со компаниите за обезбедување.

-Обезбедуваме преку 22.000 објекти, дел со физичко, дел со мониторинг и патролно обезбедување. Соработката со МВР е генерално добра но потребна е стандардизација во поглед на барањата на одредени сектори во МВР. На пример, секторот Штип и Скопје, различни се барањата на раководителите во однос на тоа што треба да сработиме ние. Мислам дека е потребна поголема координација, бидејќи се соочуваме со крајности, со барања кои не се однесуваат на нашата улога, вели Лазаров.

Тој исто така смета дека треба да се подобри и работењето на Комората за приватно обезбедување, која наиде на жестока критика од Лазаров.

-Во последните 7-8 години се соочуваме со недостиг на кадар, а преголема побарувачка од клиентите за обезбедување и Комората не е во состојба да ги испорача резултатите за кои е формирана. Ние сме надвор од таа комора бидејќи претходното раководство реши да не изолира. Ние немаме многу влијание, таму сме само кога треба да се плати нешто или треба да надополниме со нашите ресурси, смета соптственикот на „НИКОБ“.

Лазаров, кој е прв човек на македонско-бугарската стопанска комор, се осврна и на соработката со источните соседи.

-Односите со Бугарија пред решавањето на политички горливите прашања, беа на многу ниско ниво. Сега сме растеретени во тие односи и потребно е да се стави акцент на инфраструктурата. Нам ни се потребни 4-5 големи инфраструктурни проекти за да може народот да зборува за нешто што е прагматично. Интерконекторот Струмица – Петрич треба да не поврзе со азербејџанскиот и американскиот гас, да имаме можност за гас од други извори. Потребно е да се гради брза железница Струмица – Петрич. Треба да се прават заеднички проекти со пограничните градови. И под итно да се почне да се работи на автопат Скопје-Софија. Кога ќе се отворат сите тие проекти, верувам дека никој нема да зборува за политика, потенцираше Лазаров.

Тој тврди дека компанијата релативно лесно се справува со Ковид 19, но за тоа вели, потребна е железна дисциплина.

-Ние немаме ниту еден заразен во нашата компанија. А финансиски сме погодени, но менаџментот донесе одлука дека можеме сами да ја пребродиме кризата. Не сме искористиле ниту една државна мерка и тоа е нашата контрибуција кон општеството. Не сме намалиле ниту една плата, тврди Кирил Лазаров.

Признанието кое неодамна му беше доделено, е за лидерство во економијата и развојот, во интеграцијата на балканските земји во поширокото европско семејство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот