Лавиринт од хартија:  Стотина дозволи и лиценци ќе летаат, ама не се знае кога

Илустрација: Администрација / Фото: Архива на „Слободен печат“

Некои институции сметаат дека парафискалните давачки што ги наплатуваат се реални и нема потреба за нивно укинување или намалување, а дел од нив веќе намалиле поголем дел од парафискалните давачки 

Ќе се укинат или ќе се рационализираат најмалку 100 парафискални давачки, но бирократскиот лавиринт, кој со години ги тенчи нервите и буџетите на компаниите, сè уште се расплетува.

И по една година од ветувањето дека ќе се елиминираат 75 проценти од нив, операцијата не е завршена, иако своите предлози до Владата ги доставија неколку владини институции, како и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ и Сојузот на стопански комори. Од Министерството за економија за „Слободен печат“ оценуваат дека Листата на парафискални давачки што произлегла од анализата е добра основа, но таа треба се доработи, провери, дополни и да се разграничат давачките за компаниите што произлегуваат од Законот за административни такси, од парафискалните давачки што произлегуваат од материјалните закони во надлежност на конкретни институции.

– Најголемиот дел од услугите што се мапирани како парафискални давачки произлегуваат од Законот за административни такси, а не од законите во надлежност на конкретната институција. Некои институции сметаат дека парафискалните давачки што ги наплатуваат се реални и нема потреба за нивно укинување или намалување, а дел од нив веќе намалиле поголем дел од парафискалните давачки – велат од Министерството за економија.

Лани во април Владата ја разгледа „Информацијата за наодите од изработената Експлоративна анализа на парафискалните давачки за малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија“, а формирана е и работна група. Во ноември 2020 година се одржал и првиот онлајн состанок на работната група, на кој е договорено да се разгледа и да се коригира направениот список. Од стопанските комори е побарано да достават предлог-список за давачки што ги сметаат како најкритични и кои владините институции би можеле веднаш ги изменат. Било побарано и да се наведат услугите што сега се даваат во хартиена форма, а можат да се даваат електронски.

– Министерството за економија во соработка со Делегацијата на Европската комисија подготвува проект, со кој се предвидува зголемување на транспарентноста и предвидливоста преку создавање законски и институционален амбиент за воведување, следење и модификација на давачките што имаат карактер на парафискални такси. Предлогот е начелно прифатен и е во постапка на понатамошно разгледување за одобрување – информираат од Министерството за економија.

Претходните анализи покажаа дека секторот земјоделство, шумарство и рударство плаќа двојно повисоки надоместоци за лиценци, елаборати и сертификати, во споредба со другите сектори. Ваквата перцепција доаѓа од фактот дека од јавните услуги на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, 60 проценти се разни дозволи, овластувања и решенија за производство и за пласман. Ова министерство има најмногу парафискални давачки – 59, додека Царинската управа на Северна Македонија и Јавна установа Центар за образование на возрасни Скопје, имале најмалку. На пример, во Агенција за храна и ветеринарство нема документ за кој не се плаќа надоместок, а тоа се елаборати и други потврди, покажала анализата на „Фајненс тинк“.

Стопанските комори со години укажуваат на проблемот со парафискалните давачки, а премиерот Зоран Заев најави дека таргет на Владата е до крајот на мандатот да се елиминираат 75 проценти од нив. Во согласност со анализите на ССК, во последните 10 години бројот на парафискални давачки во континуитет се зголемувал, се воведувале плаќања за полагање испити, за концесии, како и за издавање документација од институциите по разни основи.

– Системот на скриени давачки е непредвидлив, непостојан и сериозно влијае врз конкурентноста на македонското стопанство и влева несигурност кај компаниите – констатираат бизнисмените.

Според анализата на „Фајненс тинк“, 56 проценти од вкупно идентификуваните парафискални давачки се однесуваат на давачки за лиценци, дозволи, сертификати и за одобренија. Издавањето документи од институциите е втора категорија според значењето во структурата на парафискалните давачки со учество од 13 проценти. Цената на чинење на парафискалните давачки се движи од 50 до 18 милиони денари.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот