Мирослав Лабудовиќ/ Фото: Слободен печат-Методи Здравев

Лабудовиќ: Центар ќе воведе зелен буџет, за секое вратено шише ќе се добиваат зелени поени

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, најави воведување Зелен буџет, посебна ставка во буџетот на општината која ќе ја наградува одговорноста на граѓаните и ќе ја претвори еколошката свест во реална вредност

Нашата цел е јасна – Центар ќе биде првата општина со Зелен буџет. Секој што ќе врати шише или лименка ќе добие зелени поени што ќе може да ги искористи за купување, паркинг или превоз. Создаваме систем во кој одговорноста не само што се вреднува – туку се наградува, изјави Лабудовиќ.

Со овој концепт, граѓаните што ќе ги користат ПВМ-апаратите за рециклирање ќе добиваат зелени поени што ќе може да ги заменат за практични придобивки во секојдневниот живот – купување во поголемите маркети, плаќање јавен превоз, паркинг, па дури и донации за хуманитарни цели како СОС Детско село.

Во рамките на оваа зелена програма, како што најави тој, Центар ќе воспостави и нов модел на селекција на отпад, преку соработка со колективни постапувачи, со што ќе се овозможи поефикасно собирање и рециклирање на пластика, електронски отпад, батерии и други материјали. Овој систем ќе ја намали количината на отпад што завршува во депонии, ќе ги намали трошоците на јавните претпријатија и ќе донесе дополнителни приходи за општината преку договори со рециклажните компании.

Ќе се формира и новa редарска служба задолжена за надзор на парковите, контејнерите, игралиштата и јавните површини. Таа ќе има задача да спроведува редовни контроли, да изрекува казни за несовесни граѓани и да реагира навремено во случаи на нарушување на јавната хигиена. На критичните локации ќе биде поставен видеонадзор, како превентивна мерка против нелегално истурање отпад и уништување на урбаната опрема.

Во сите основни училишта во Центар, Лабудовиќ најавува воведување четири задолжителни еко-часа годишно, каде учениците ќе учат за отпадот, рециклирањето, загадувањето и значењето на одговорното однесување кон природата.

Центар ќе биде пример дека вистинската промена почнува со еден избор, со едно шише, со едно дете што ќе научи дека немаме резервна планета. Ова е нашата заложба – за Центар што дише, расте и живее во зелено, порача Лабудовиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот