Кучињата лаат, а карванот си врви

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Последниве денови сме сведоци на повеќе написи, коментари и протести од  граѓаните за локацијата кај хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје. На пример: Градските власти ќе добијат 2,4 милиони евра, Нема спас за просторот кај „Холидеј ин“, Инвеститорот уплатил 2,4 милиони итн. Од предлагачот на овој проект слушнавме бомбастични изјави како дошол до 30 проценти за контрола на локацијата, згради од 25-35 ката, демек и Македонија заслужува да има центар како Њујорк, Лос Анџелес… со други зборови и ние да се вклучиме во светските метрополи. Јас на 12 декември 2018 година објавив во „Слободен печат“ колумна, со анализа и визија за капацитетот и за можностите што ги дава таа локација за општината, градот и за Македонија. Што губи, а што добива државата? Ги слушам изјавите на одговорните од Општина Центар: „Не можеме ништо, Уставниот суд пресуди“. Мислам дека Општината може, ако сака, да направи многу до доделувањето на градежната дозвола. Министерството за транспорт и врски, исто така, може да оспори давање градежна дозвола, а постојат и многу други можности.

Ако го анализираме „цунамито“ на урбаната мафија во последните 10-15 години, Скопје 2014, кампањата за катни гаражи, хотелот „Мериот“ и зградата на Самсоненко, доаѓаме до заклучок дека е направен урбанистички хаос. Остана неначната единствената локација кај „Холидеј ин“, и неа Македонија и градот Скопје мора да ја гледаат со визија за развој на бизнисот и на репрезентативните институции за следните 20-30 години. Јас би ја прогласил за НАЦИОНАЛНА ЛОКАЦИЈА, која не смееме така лесно да ја раскрчмиме. Да ги наброиме последиците од раскрчмувањето:

– Се губи концентриран простор за сместување на Светската банка, Монетарниот фонд, Европската банка, Обединетите нации, Европската Унија, Регионалната берза и другите интернационалните институции.

– Се нарушува предлогот за спојување на Градскиот трговски центар со топла врска во еден центар, како и со подземните гаражи.

– Се забораваат основните барања за оваа локација: изградба на 4.500 паркинг-гаражи, подземна сообраќајница на „Кеј 13 ноември“, подземна бензинска пумпа, отворање на кејот за повеќе национални ресторани и друго. Сево ова Градот и Републиката мора да го реализираат преку „Национална локација“, со детален урбанистички план, со јавен конкурс и со јавна дебата. Така треба да се решат содржините на оваа локација – со надворешен план локацијата да се вклопи во сообраќајните текови. Во овој правец неодамна објави колумна професор од  Архитектонскиот факултет во Скопје.

Големи можности

Малку наивно звучи приодот на предлагачот да се гради сѐ што е слободно во првата фаза (не кажува што е првата фаза), а во втората и третата фаза да се градат помали објекти, но треба да се решаваат имотно-правните односи на стотина сопственици на куќи и локации. Овој потег (трик) може да го оптовари градот со милионски суми за експропријација на земјиштето и за рушење на малите куќи. Во „Слободен печат“  на 6 декември 2018 година, имаше наслов на насловната страница: „Ви ветувам, ќе изградиме најубав и најзелен градски центар на Балканот“. Читајќи го, се најдов поттикнат на граѓаните на град Скопје да им ја покажам и другата страна на приказната за локацијата кај хотел „Холидеј ин“.

Како еден од најстарите активни инженери со искуство од 30 години во Македонија, во Југославија и 30 години во САД, изработив повеќе студии за урбаниот простор на Скопје, а една од нив ја опфаќа и оваа локација. Ќе го задржам вашето внимание со претставувањето на оваа локација со сите елементи и можности.

Таа не е обична локација, таа е последната најголема локација во центарот на градот, простор помеѓу улиците и булеварите Мирче Ацев (210 м.), Кеј 13 Ноември – Река Вардар (360 м.), булевар Кочо Рацин (400 м.) и Филип Втори Македонски (150 м). Овој простор има површина од приближно 110.000 квадратни метри. Со проектот за подземната сообраќајница (изработив шест варијанти), Кејот 13 Ноември оди под земја, што го сметаме за многу корисно.  Во почетокот на оваа година изработив идејно решение до мостот кај „Холидеј ин“- од две ленти го прошируваме на четири и може да кажеме дека имаме чиста локација од 110.000 квадратни метри од Вардар до булеварот М. Ацев и од Ф. В. Македонски до К. Рацин со пристап од двете страни со по четири сообраќајни ленти.

Ова значи дека Општина Центар, градот Скопје и Македонија добиваат една многу атрактивна локација во центарот на градот и тука треба да изникне новиот бизнис-центар на Скопје и на Македонија. Да ги презентирам можностите на една ваква атрактивна локација според мојата префизибилити студија: Од мостот кај хотелот до мостот на булевар Кочо Рацин со димензии 300х90 би се формирало вештачко езеро. Просторот од 110.000 метри квадратни затворен со четири бетонитски дијафрагми овозможува градење три ката под земја, од кои на првиот кат се дуќани и сервиси, а двата други се паркинг од вкупно 4.500 места поврзан со тунел со паркингот во ГТЦ. Кејот помеѓу двата моста ќе се искористи за 15 ресторани во национален стил, а истурени кон вештачкото езеро. Приземниот дел се користи за дуќани, кои со првиот кат под земја се спојуваат во функција на двокатни дуќани, кафулиња и шоу студија. Целиот простор помеѓу булеварите Ф. Втори и К. Рацин е со следните содржини: по должината од страната на Ф. Втори ќе се лоцираат три стоковни куќи од 4 до 6 ката поврзани со мост со ГТЦ; по должината на К. Рацин лоциран е систем на кули и sидови (како Градскиот sид и кулите на Кензо Танге), со повеќе хотели и станбени објекти. Одејќи кон средината, се редат деловни згради, банки, берза, оф шор компании, претставништва, бизнис-канцеларии… и доаѓаме до центарот на локацијата каде што има воздушен покриен простор со водоскоци по целата должина од М. Ацев до рестораните покрај Вардар. Во првиот подземен кат се сместени автобуска станица, бензинска пумпа и други сервисни содржини за целиот комплекс.

Огромна штета

Од дадениот преглед на можни содржини се гледа дека оваа необична локација го донесува и го претставува новиот бизнис-центар на Скопје и на Македонија. Не смееме да дозволиме овој простор да го крчмат според стариот начин од претходната влада, со спрега помеѓу Владата, олигарсите и урбаната мафија, со менување на деталните урбанистички планови. Со таква игра му е направена огромна штета на градот, со тоа што најатрактивните локации кај Беко, кај Железничката станица, кај Домот на синдикатите се издадени за гаражи. (Урбаниот простор си има цена, најскап е за ексклузивни канцеларии, потоа за  претставништвата, на трето место е станбениот простор, на четврто дуќаните, а на петто место се гаражите). Овој најскап простор урбаната мафија го издаваше за најниско платената позиција – гаражи.

Ова го кажувам за да не се повторува старата стратегија, зашто во времето на градоначалникот А. Жерновски Општина Центар нарачала урбанистички проект за дел од оваа локација, но под сомнителни околности нарачката е одземена, со изговор: „Имаме други планови“. Тие намери испливаа на површина подоцна, со бомбата за „најубав и најзелен градски центар“. Урбаната мафија го подготвила предлогот, затоа што дел од локацијата е оформена на спекулативен начин во комбинација со Црквата. Тие не постигнале ниту 20 отсто од локацијата, па како сакаат со ваков процент да ја крчмат целата локација, а на градот ќе му го остават расчистувањето на сите мали објекти? Овој трик не може да пројде. Сметам дека една ваква атрактивна локација треба да оди на јавен конкурс, за целисходно решение за градот, за бизнисот и за граѓаните. Сметам дека мојата визија може да се реализира и Скопје и Македонија ќе го добијат нов бизнис-центар.

Да не бидеме утописти, тој центар ќе чини повеќе од 700 милиони евра и ќе се гради повеќе од 10 години. Од  2001 до 2005 година во САД изработив седум визионерски префизибилити студии за развој на Скопје: за подземната сообраќајница шест варијанти, за тунелот под Кале две, потоа за користење на подземниот урбан простор во комерцијални цели, изработив решение за паркинг кај Државната болница, во центар, кај фудбалски стадион, решение за сообраќајот во градот, препораки и решенија за загадувањето и друго.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот