Краток спој им ги скрати животите на 14 пациенти  

Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Оваа верзија на настаните односно на причината за избивањето на пламените јазици, за „Слободен печат“ еден ден по пожарот ја сведочеше ќерка на хоспитализиран пациент, кој успеа преку прозорец да се спаси од сигурна смрт, а сега е официјализирана.

Краток спој во дефибрилатор под висок напон со кој се правел обид да се реанимира пациентка, бил причина за пожарот во кој до темел изгоре модуларната болница во Тетово и смртно настрадаа 14 пациенти. Ова го покажа форензичкиот извештај што го доби Основното јавно обвинителство во Тетово.

Оваа верзија на настаните, која сега е официјализирана, за „Слободен печат“, еден ден по пожарот ја сведочеше ќерка на хоспитализиран пациент, кој успеа преку прозорец да се спаси и да ѝ избега на сигурната смрт. Според сведочењето на ќерката, до собата каде што лежел татко ѝ се вршела реанимација на девојче што било на умирање, при што се слушнало дека нешто пукнало, потоа некој извикал „пожар“, по што сите во паничната атмосфера почнале да ги кршат прозорците во последен обид да избегаат од болницата.

Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР го изработи форензичкиот извештај, според кој вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица.

Вештите лица утврдиле дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент.

Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Бидејќи пациентите биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, присуството на кислород во целиот болнички простор било зголемено, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период, се вели во соопштението од ОЈО.

Ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази. Се очекува во Основното јавно обвинителство во Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне во согласност со побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Германија. Обвинителството и натаму интензивно постапува по предметот и се преземаат и други дејства за целосно расчистување на настанот.

Министерството за здравство ја предало модуларната болница во Тетово без струја и без централен довод на кислород, нешто за чие обезбедување била одговорна самата болница, која склучила тендери за овие потреби со приватни фирми. Централниот довод на кислород, според документите што ги добивме, бил поставен за пет дена, а за неговото поставување била одговорна фирма од Скопје. Од видеоматеријалите што протекоа на социјалните мрежи, евидентно беше дека модуларната болница изгорела за нецели 3 минути, а пожарот бил проследен со низа експлозии, најверојатно на боци со кислород.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот