Коронавирусот нè тресе и без треска

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Две лица, едното пристигнато од Италија, а другото од Дубаи, беа хоспитализирани на инфективните клиники во Скопје во последните 48 часа со симптоми на коронавирусот, но резултатите се негативни и во двата случаи.

„Коронавирусот ги испразни улиците на Милано, а директорите на училиштата им наложија на родителите да не ги носат децата на настава. Продавниците се испразнети, сепак, луѓето ретко носат заштитни маски на лицето. Ситуацијата се следи од минута во минута.“

Вака ни ја пренесе атмосферата од Италија, Емил Муарем, државјанин на Македонија, кој со својата сопруга и децата живее во метрополата во Ломбардија. Во регионите зафатени со коронавирусот – Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања, според МНР живеат околу 23.000 македонски граѓани.

– Веќе два-три дена го нема вообичаеното движење по улиците. Луѓето се плашат и на улица нема никој. Добивме препораки да обрнеме внимание на хигиената, да се мијат рацете. Одиме на работа, а потоа се затвораме дома. Нема мрдање. Сепак, ретко кој носи маски. Работам во дом за стари лица и таму нема некоја посебна заштита. Пациентите не знаат за вирусот и не се вознемируваат. Епидемијата не се забележува, освен по тоа што улиците се празни и по тоа што децата втор ден не одат во училиште – изјави Муарем за „Слободен печат“.

Во единаесет италијански провинции затворени се училиштата, откажани се сите јавни манифестации и собирања од едукативен и културен тип, а сите натпревари од фудбалската Серија А што се закажани за претстојниот викенд се одложени.

Тестирани две лица, наодите негативни

Две лица, од кои едното пристигна од Италија, а другото од Дубаи, ОАЕ, беа хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје во последните 48 часа со симптоми на коронавирусот, но резултатите се негативни и во двата случаи.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера апелираше граѓаните што допатувале од странство и кои имаат симптоми на грип, да не одат во болниците, туку да се јават на телефоните во центрите за јавно здравје.

– Важно е да не се шетаат по болниците, туку да се јават на телефон, по што медицински екипи ќе отидат да ги прегледаат во нивните домови – рече Филипче.

За пациентите со симптоми на вирусот, за специјализираните оддели во болниците во Скопје, Велес и Гостивар се обезбедени 40.000 заштитни маски, 10.000 мантили и скафандери со кислород и 150 болнички кревети, дополни министерот.

Паниката во меѓувреме се префрла на социјалните мрежи, а со неа во пакет доаѓаат и лажните вести. Завчеравечер протече лажна информација дека униформирани вооружени лица се наоѓаат пред Клиничкиот центар во Скопје, зашто внатре „има заразен од ковид 19“, што е официјалното име на коронавирусот. Властите веднаш ја демантираа информацијата. Полицијата во Клиничкиот центар во Скопје дошла за да спроведе затвореник од висок ризик на лекарски преглед.

И министерот Филипче демантираше на својот Твитер-профил:

„Остро ја демантираме оваа вест, во државата нема ниту еден заболен од корона вирус,“ напиша министерот.

Владата побара да се формира инфоцентар

Македонската влада вчера одржа седница, на која главна точка на агендата беше справување со коронавирусот. Заклучено е Министерството за здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста, во кој ќе се слеваат информациите од граничната полиција, Центарот за управување со кризи и од Секторот за односи со јавност на Владата. Тие интензивно ќе комуницираат со медиумите за навремено и точно да се информира јавноста.

Владата, исто така, донесе заклучок да го ограничи влегувањето во Македонија од кризните подрачја од Северна Италија преку аеродромите во Скопје и Охрид, како и преку граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир. Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, градинките и јавните тоалети.

Министерството за здравство го подигна степенот на подготвеност на највисоко ниво и апелира да не се крева паника. Состојбата се следи будно и во континуитет, според препораките на Светската здравствена организација. Формиран е Кризен штаб во Министерството, а во сила се и нови мерки.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека ќе се дистрибуира информативниот прашалник и заштитниот материјал до сите гранични сувоземни премини и до аеродромите на местата каде што недостасува.

– Имаме доволна количина резерви на маски, мантили, скафандери, која ќе ја дополниме во периодот што следува – рече Филипче.

Агенциите почнаа да ги откажуваат патувањата за Италија

Дел од аранжманите се откажани од повеќе туристички агенции. На сите патници што уплатиле парите ќе им бидат вратени, велат туристичките работници.

Само една од петте агенции што ги контактиравме вчера ќе носи патници во Рим, ама не за празникот на жената 8 Март, туку подоцна – за верскиот празник Велигден.

– Ако не е безбедно и ние не би оделе. Ќе знаеме за некој ден дали ќе има аранжмани – ни рекоа оттаму.

Агенцијата „Атлантик турс“ ја откажа предвидената екскурзија во Италија Тренто, Мерано, Болцано.

Во дел од агенциите, операторите рекоа дека менаџерите се на состанок во Владата.

Нема екскурзии во Италија за учениците!

Владата на вчерашната седница ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат предвидените екскурзии во Италија. Исто така, побара да се организираат едукативни часови за превенција од коронавирусот, во соработка со локалната самоуправа и со центрите за јавно здравје.

На граѓаните им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот. Меѓу заклучоците е и препораката до установите за згрижување деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот