Коронавирус: Како светот ќе вакцинира седум милијарди луѓе

Фото: EPA-EFE/HOTLI SIMANJUNTAK

Меѓународниот сојуз за вакцини, Гави, ги повикува земјите да започнат да размислуваат за дистрибуција на вакцини уште веднаш.

Неколку тимови ширум светот работат на развој на вакцина која ќе биде ефикасна против Ковид-19, а токму тоа британскиот премиер, Борис Џонсон, го нарече „најитниот заеднички подвиг на нашето време“, пишува во анализата на „Би-Би-Си“ на српски.

Но, ако ја исклучиме напредната наука за наоѓање на победничката формула, што е со логистиката на давање на вакцината на седум милијарди луѓе ширум светот?

Во Велика Британија, сржта на иницијативата се наоѓа во Научниот кампус Харвел во поранешната база на кралските воздухопловни сили (РАФ) во Оксфордшир. Таму ќе биде Британскиот центар за производство на иновација на вакцини (VMIC).

– Успеавме да го намалиме рокот на половина. Бидејќи работиме како сè да биде готово до крајот на 2022 година, сега навистина се надеваме дека сè ќе биде оперативно до 2021 година, објаснува Метју Дукарс, извршен директор на Центарот.

„Како печење колачи“

Дукарс смета дека ова место на крајот би можело да стане производител на вакцините од универзитетот Оксфорд. Тој е во постојан контакт со тимот од Институтот Џенер, од соседството Оксфорд.

– Клучно е, не само за земјата, туку и на глобално ниво, да може брзо и ефикасно да се произведат ваквите вакцини.  Дозволете ми да споредам – тоа е како да печете колачи дома. Може да поминете часови и часови за да ги направите совршени, но тогаш мора да излезете и да направите уште 70 милиони колачи и сите тие треба да бидат совршени, така што тоа е прилично голем предизвик. Кога сè ќе се додаде и одземе, човештвото ќе мора да направи милијарди дози на неколку видови вакцини против Ковид -19. Сите тие ќе треба да бидат произведени, дистрибуирани и дадени на целата планета  – вели Дуракс.

Меѓународниот сојуз за вакцини – Гави – ги повикува земјите да започнат да размислуваат за дистрибуција на вакцини уште веднаш.

Но, не е лесно да се обезбеди меѓународна соработка, бидејќи многу богати земји веќе склучуваат билатерални договори со фармацевтските компании за да обезбедат доволно резерви, доколку се открие магичната формула.

Надминување на алчноста

Сет Беркли, извршен директор на Гави, вели дека тоа е една од најголемите пречки со кои се соочува таканаречениот „вакцински национализам“.

– Ние сакаме сите земји да започнат да размислуваат за ова во глобална смисла, делумно затоа што тоа е единствената исправна работа да се направи, но и поради проблемот со алчноста, рече тој.

– Ако имате огромни резервоари на вирусот коишто циркулираат во соседните земји, не можете да се вратите во вашата нормална трговија, патувања или движења. Многу е важно да се влезе во тој менталитет: ние не сме безбедни сè додека сите не се безбедни.

Покрај тоа што земјите во развој имаат пристап до вистинските вакцини, Беркли мора да ги земе предвид и прозаичните аспекти на давање вакцини, вклучително и дали има доволно стаклени шишиња во светот.

Постојат извештаи за потенцијално „тесно грло“ во производството на медицинско стакло.

– Бевме загрижени за тоа, признава Беркли, па затоа се организиравме однапред и купивме доволно шишиња за две милијарди дози, онолку колку што се надеваме дека ќе бидат подготвени до крајот на 2021 година.

Ако стаклените шишиња се потенцијален проблем, истото важи и за фрижидерите, бидејќи повеќето вакцини мора да се чуваат на ниски температури.

Одржувањето на вакцината во ладно

Професорот Тоби Питерс, на Универзитетот во Бирмингем им помага на организациите како Гави да размислуваат за тоа како можат да го максимизираат постојниот капацитет на ладење во земјите во развој.

– Не станува збор само за фрижидер за вакцини, туку и за сите други делови: палети за транспорт во авиони; возила што ќе ги превезуваат до локалните продавници, а потоа и за достава преку луѓе кои ги доставуваат директно до локалните заедници. Сето тоа треба да работи беспрекорно –  вели Питерс.

Професорот Питерс веќе дискутираше со глобалните компании за храна и пијалоци за да ја истражи можноста за позајмување ланец за складирање ладилници за да помогне во ваков гигантски проект.

За да се олесни организацијата на вакцинацијата, земјите ќе треба да утврдат кој ќе има приоритет кај населението.

Кој е прв во редот?

Д-р Чарли Велер, шеф за вакцинација од британскиот „Wellcome trust“, вели дека земјите ќе треба да постават отворени прашања.

– На кого му треба оваа вакцина? Кои групи се со најголем ризик? И кој има најголем приоритет? Бидејќи ние сме прилично сигурни дека првичните резерви на вакцината ќе се искористат брзо, така што ќе треба да се донесат некои тешки одлуки – смета Велер

На пример, Велика Британија размислува за модел што се потпира на својата мрежа на избирачки места за да се вакцинира целото население. Но, за посиромашните земји, ова е уште поголем проблем.

Д-р Велер инсистира на тоа дека силните здравствени системи ќе бидат клучни, при што здравствените работници ќе ги поседуваат вистинските технички вештини за да ги имунизираат целните групи.

Сите научници сметаат дека ќе биде откриена некаква вакцина, но многу од нив велат дека не можат да спијат навечер поради сето она што треба да се направи за таа да стигне до седум милијарди луѓе.

Кои вакцини ги купува ЕУ? Европа преговара со повеќе компании, оваа вакцина има најмногу изгледи

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот