Конечна заверка на „имотниот лист“ на Македонија

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Шпанскиот парламент деновиве вонредно ќе се состане, среде вирусна пандемија, за да го потврди членството на Македонија во НАТО. ЕУ во Брисел, пак, потврдува дека  состанокот на Европскиот совет, за чие одржување имаше дилеми заради слични вирулентни причини, пред крајот на месецот сепак ќе се состане за да го потврди добивањето на препораката за отпочнување преговори со Македонија. И така…

Има разни луѓе на високи партиски функции во земјава, некои од нив со долго, некои со средно долго, а некои без никакво политичко искуство, кои до ден денес не разбраа дека „имотниот лист“ на независната македонска држава се наоѓа во Архивата на Западот. Дури и кога, повремено, некој ќе почне да ги спори меѓите на државава, од тој меѓународен архив се вади „катастарскиот план“ на Балканот и повторно се издава потврда за геостратегиската припадност на нашава македонска „парцела“.

Понекогаш тие „имотно-правни“ спорови биле мачни, траеле со години, оспорувани од разни „дрвени“ и партиски адвокати, со „судски трошоци“ што не биле општествено-политички евтини, но секогаш завршувале со нова заверка на западната припадност на „имотниот лист“ на Македонија. Република Северна Македонија (sic!).

А понекогаш веќе исцрпените оспорувачи на тоа „имотно право“ биле комично брзо демантирани… На пример, точно во 19 часот и 42 минути, во дуелот со Љупчо Николовски на Телма, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ злорадо инсистираше дека Македонија сè уште не е членка на НАТО; за само 6 минути потоа, во 19:48, ексклузивно (на новатв.мк) да се објави веста дека Шпанскиот сенат, на посебно свикана седница, како последна земја на НАТО, со таа единствена точка на дневниот ред, наскоро ќе го „завери“ нашето формално членство во Алијансата. Таксират!

И сите овие години контрашите на „имотниот лист“ на Македонија не разбраа дека, како и да ја „препакуваат“ својата идеолошка агенда, на крајот напорите им се залудни, иако штетите не се мали. Како и во минатото, и на овие избори, макар интуитивно, ќе се состави слична „имотно-правна“ коалиција која од различни агли ќе ја напаѓа веродостојноста на геостратегиската припадност на ова парче балканска земја. Некои ќе „тераат“ верска агенда, други руска агенда, трети славјанска агенда, четврти анти-преспанска агенда, но сите заедно „геодетски“ ќе се трудат, во суштина, да ја оспорат легалноста и веродостојноста на „имотниот лист“.

Природата на тие агенди е секогаш подобро да „виреат“ во состојби на некаква криза, кога вербата на граѓанството во „системот“ бидувала разнишувана. Сега кризата е масивна, глобална, здравствена. Таа криза овдека ќе се поттикнува со најимагинативни лажни вести, а и со персонални и институционални дискредитации на формалните „столбови“ на системот кои треба да се справуваат со кризата. Колку полошо, толку подобро, во најлошата смисла на таа теснограда равенка.

Од друга страна, мнозинството – големото мнозинство – граѓани на оваа територија препознаваат што е во игра. Проектот на финалната заверка на „имотниот лист“ трае долго, предолго, но е пред самиот крај, за да вети сосема нов, тактилен, долго очекуван почеток. Нема кампања што може да го победи тоа колективно чувство на успех и надеж во иднината.

Работите се излезени од контрола, во позитивната смисла на зборот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот