Кондарко ќе седне на фотелјата на Даштевски во ДИК

Државна изборна комисија Фото: Фејсбук ДИК

Претседателот Гаши ја извести Комисијата за прашања на изборите и именувањата за пристигнати дописи од СДСМ и од Беса. Предлог од СДСМ за ДИК е Борис Кондарко. Огласот за двајцата членови од ВМРО-ДПМНЕ ќе се распише на седницата на Комисијата за избори и именувања, велат од кабинетот на спикерот Африм Гаши.

Борис Кондарко ќе биде новиот претседател, а Абдуш Демири потпретседател на Државната изборна комисија (ДИК) по промената на власта. Од Собранието за „Слободен печат“ потврдуваат дека до претседателот на парламентот Африм Гаши од СДСМ и од Беса стасале дописи со предлози за Кондарко и за Демири, кои се актуелни членови на ДИК.

Според собраниски извори, на пленарната седница в среда се очекува Собранието да распише оглас за уште двајца членови на ДИК кои треба да бидат на предлог на ВМРО-ДПМНЕ за целосно са се комплетира највисокиот изборен орган во државата.

По празникот најавите се дека ќе се екипира и новата собраниска комисија за следење на правичната застапеност. За претседател на оваа комисија е предложен поранешниот претседател на Собранието, а сега пратеник Талат Џафери.

– Претседателот Гаши ја извести Комисијата за прашања на изборите и именувањата за пристигнати дописи од СДСМ и БЕСА. Предлог од СДСМ за ДИК е Борис Кондарко. Огласот за двајцата членови од ВМРО-ДПМНЕ ќе се распише на седницата на Комисијата за избори и именувања – велат од кабинетот на Гаши.

Собранискиот спикер пред еден месец ги известил партиите дека поради промена на власта треба да предложат кандидати за претседателското и за потпретседателското место во ДИК.
По промената на власта, претседателот на ДИК треба да биде од опозицискиот СДСМ, додека потпретседател треба да биде од коалицијата Вреди.
Откако членот на ДИК предложен од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стојаноски, беше избран за заменик генерален секретар на Собранието, остана едно празно место во ДИК кое треба да биде пополнето на предлог на владејачката партија.
На предлог на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да се избере уште еден член на ДИК, бидејќи според Изборниот законик, во Комисијата, победничката партија има три члена, додека опозицијата има два.

Даштевски останува член во Комисијата

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека откако Собранието ќе распише оглас за двајца нови членови на ДИК партиските тела ќе разговараат за кадровските решенија. Извесно е само дека актуелниот претседател на ДИК Александар Даштевски останува член во Комисијата.

Од ДУИ само потврдуваат дека актуелната потпретседателка на ДИК Дитмире Шеху останува во ДИК, но и таа сега само како член на Комисијата. Од ДУИ не коментираат дали ќе го проблематизираат комплетирањето на ДИК, бидејќи со Европскиот фронт се сметаат за победници на изборите. Оттаму само велат дека „со непочитувањето на изборниот легитимитет во многу сфери ќе има нејаснотии“.
Најверојатно, на ДИК нема да ѝ се повтори ситуацијата од лани кога речиси една година не беше комплетирана поради кавгата меѓу партиите Беса и Алијанса за Албанците за тоа кој треба да делегира член на Комисијата.

ДИК брои седум члена, вклучувајќи ги претседателот и потпретседателот. Изборниот законик предвидува опозицијата да предложи претседател и двајца членови на ДИК, a партиите на власт да предложат потпретседател и тројца членови на ДИК.

Во случај на промена на политичките партии во опозиција или политичките партии на власт, тогаш Собранието го усогласува составот на ДИК, така што партии што преминале од власт во опозиција на парламентот му доставуваат предлог за претседател на ДИК од членовите во постојниот состав и предлог за престанок на функцијата пред истекот на мандатот на еден од членовите предложени од нивна страна.
Партии што преминале од опозиција во власт, до пратениците доставуваат предлог за потпретседател на ДИК од членовите во постојниот состав и еден член, за што Собранието го огласува изборот на еден член на ДИК.

Претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Ристевски останува член, Ристеска ќе се повлече поради возраста

По промената на власта, претседател на ДИК ќе биде Кондарко од опозицискиот СДСМ. Член останува и актуелниот Оливер Ристовски, а третиот член на ДИК од СДСМ, Радица Ристеска, ќе се повлече поради возраста.
ВМРО-ДПМНЕ, како владејачка партија, го губи претседателското место на кое сега е Даштевски, но ќе има тројца членови. Бидејќи Стојаноски веќе не е член на ДИК, Собранието ќе треба да распише оглас за двајца нови членови кои ќе дојдат на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателското место ѝ припаѓа на власта, во случајов на коалицијата Вреди. Според ова, потпретседателката Дитмире Шеху од ДУИ ќе треба да ја отстапи функцијата на Абдуш Демири од Вреди.

Следната недела доекипирање на Комисијата за следење на правичната застапеност

Следната недела се очекува да заседава и Комисијата за избори и именувања, на која треба да се екипира Комисијата за следење на соодветната и правична застапеност на граѓаните што им припаѓаат на заедниците. За претседател на Комисијата, Европскиот фронт го предлага Талат Џафери, а за членови Илир Демири и Сали Мурат.
По празникот се очекува и другите парламентарни партии да предложат членови за Комисијата. Ад хок комисијата беше формирана по договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. ДУИ го поддржа Законот за реорганизација на Владата и за возврат доби Комисија за правична застапеност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот