Послушајте патриоти, да ви кажам словото

Тони Поповски. / Фото: Архива на Слободен печат

Не сум приврзаник на пренагласен патриотизам, бидејќи лесно транзитира во национален шовинизам. Во политиката следете кој собира, а кој губи политички поени, бидејќи примарна цел е да се задржите или да ја освоите власта

Се согласувам со укажувањето на еден од пратениците, истовремено и лидер на помала партија, дека носењето заедничка резолуција во Собранието за сепатриотска потврда на македонскиот идентитет и неговите обележја може да биде основа за сплотување, помирување и надминување на внатрешните поделби и конфликти кај Македонците. На тој начин, покрај останатите видливи и помалку видливи ефекти од резолуцијата, резолутно ќе потврдиме дека внатрешната неслога кај Македонците е всушност нашиот вистински и најголем предизвик, дури поголем од блокадите и идентитетските аспирации на источниот сосед.

Би сакал да верувам дека резолуцијата ќе ги убеди неубедените во нашиот континуум и етногенеза, и притоа ќе обезбеди внатремакедонско помирување и слога, но сепак стравувам дека тоа нема да се случи сѐ додека една од двете најголеми партии од „македонскиот камп“ има амбивалентен, а особено пред и за време на избори, отворено ревизионистички став кон Преспанскиот договор. На ова се надоврзува и илинденскиот предизборен вокабулар на сметка на власта, за клетите трговци – предавници кои се пазарат со идентитетските обележја на штета на Македонија, но и друга низа етикети, кои од пристојност не би ги цитирал.

Дочекавме европскиот национализам да го инфицира Балканот

И да ги поддржиме иницијаторите и сите што се приклучија кон резолуцијата, во намерата докрај да се осигура дека нема да се преговара за македонскиот идентитет, јазик, и културна посебност согласно барањата на Бугарија, и дека ваквата резолуција ќе ја зајакне позицијата на власта на преговарачкиот астал, останува прашањето дали со овој потег навистина ќе придонесеме соседот да се повлече од отворената аспирација за коренот на Македонците и македонскиот јазик или има други посилни фактори (и тактики) кои можат повеќе да придонесат. Настрана и сценариото дека резолуцијата може херметички да го затвори соседот во нивниот историски саркофаг на неотсонувани соништа и мечти. Второво сценарио е сѐ поизвесно и поради одличната синхронизација и ефектно „проигрување“ на нашата со втората Декларација за враќање кон заедничката иднина, иницирана од предизборната коалиција „Бугарски патриоти“ (ВМРО-БНД, Волја и НФСБ), со која се побара патриотска „заклетва“ од сите партии што учествуваат на нивните собраниски избори дека ќе продолжат резолутно да го штитат нивниот национален интерес за македонското како бугарско.

Балканот има ослабен имунитет и е ранлив. Европа има искусено циклични пандемии предизвикани од национал-шовинизам. Ефикасна вакцина која овозможува траен имунитет за овој вирус, очигледно нема. Еден национал-шовинист за помалку од 60 секунди инфицира 10-ина на другата страна, кои потоа инфицираат стотина на првата страна, сѐ до отворен конфликт и пресметка на цели народи.

Тоа е причината поради која не сум приврзаник на пренагласен патриотизам, бидејќи лесно транзитира во национален шовинизам, особено кога доаѓа од устата на политичари – наводни демофили, кои виреат на оправдани фрустрации и го позајмуваат гласот на фрустрираните со намера да не возвратат. Кај организираниот криминал, следете ги парите. Во политиката следете кој собира, а кој губи политички поени, бидејќи примарна цел е да се задржите или да ја освоите власта.

Преспанска неслога – фиромјани против северџани

Како до слога со внатрешна македонска, на моменти револуционерна неслога околу Преспанскиот договор? Многу тешко, но сепак не е невозможно. На ВМРО-ДПМНЕ не му е едноставно да го напаѓа Преспанскиот договор, не толку поради нелагодноста од Извршната наредба на Бајден и истовремено амбицијата да се предводи државата, туку многу повеќе поради претходно „пазарење“ кое имавме можност да го слушнеме. Ако е ова така, секако со резерва, тогаш најголеми, автентични и невмешани во пазарења, а истовремено најгласни противници на Преспанскиот во моментов, преостануваат само академикот Коцарев со неговите истомисленици во и надвор од МАНУ, и идеолошката „кубанско-маоистичка“, анти-НАТО Левица на Апасиев. Притоа, трите организирани опоненти на Преспанскиот, подзабораваат да објаснат од која причина покрај нив и Бугарија резолутно се спротивставува на доследно аплицирање на решенијата од Преспанскиот договор во Советот на ЕУ, кога веќе параходот исплови и пристигна на Њујоршкото пристаниште и понатаму во ООН. Ќе признаете дека помалку чудно изгледа овој сојуз на истомисленици со секако различни мотиви.

Само да се потсетиме дека Бугарија почна суштински да блокира во Советот на ЕУ кога го здогледа македонскиот јазик во нацртот на преговарачката рамка, подготвен од Европската Комисија, иако од идентична причина и претходно го блокираше потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС во Советот. Од своја страна Европската комисија и Европскиот парламент во целина ја прифатија номенклатурата од ООН и доследно ја применуваат, вклучувајќи и доследен однос кон македонскиот јазик, без фусноти и слични егзибиции. Бугарија врши притисок врз нас, но во суштина се обидува да изнуди од Советот на ЕУ, билатералната јазична формула и тоа само за македонскиот јазик да влезе во мултилатерална употреба во Унијата. Од оваа поставеност на позициите може да се заклучи дека иако и претходно фундиран во ООН, употребата на македонскиот јазик во Советот на ЕУ беше попречувана од Грција сѐ до Преспанскиот договор, чија примена следствено и очигледно е клучната причина за бугарското блокирање на нашиот процес на преговори во Советот на ЕУ.

Во однос на нас, Грците прифатија дека термините „Македонија“ и „македонски“ ја означуваат нашата македонска територија, македонскиот јазик, македонскиот народ со сите одлики, со нашата сопствена историја, култура и наследство кои се особено различни од грчките. Секако, очекуваме и Грците да го спроведат нивниот дел од договореното. Грците прифатија, барем на потпишана хартија, но не прифаќаат Бугарите и повеќе од очигледно е дека решенијата од Преспанскиот се трн во нивното око загледано во минатото. Точно е дека Преспанскиот ја предизвика бугарската блокада, но извртен е „аргументот“ дека нашата подготвеност за отстапки во Преспанскиот го охрабрува другиот сосед дека повторно ќе направиме отстапки.

Наш интимен простор

Тековново однесување на Бугарија само потврдува дека никогаш искрено не посакувала да се склучи Преспанскиот, држејќи се настрана со „чисти“ раце и совест кон нас, но во суштина надевајќи се дека Грција вечно ќе нѐ блокира со сите перверзни сценарија за внатрешна нестабилност кои за жал се случуваа и кои би можеле да придонесат во источниот сосед да гледаме како во спасител.

Да привршам и со мојот личен став за нашиве собитија и премрежија. Со или без донесена резолуција, за мене е неприфатливо да станеме членка на ЕУ без да биде прифатен македонскиот јазик како официјален јазик на сите институции и тела во Унијата, на идентичен начин, без фусноти и дообјаснувања, како што се прифатени јазиците на 27-те членки на Унијата вклучувајќи го и бугарскиот. Македонскиот јазик е мајчин јазик само на македонскиот народ, и без оглед кога е кодификуван, има своја етногенеза. Спротивставување на оваа определба е влегување во наш интимен простор и нарушување на човекови слободи и права, лични и колективни како народ на кој му припаѓаме.

Идеолошкиот и мултиетнички опус микстум во нашето Собрание, деновиве дискутира, бара резултанта на општи национални, но и сопствени трансакциски интереси, и доколку ја донесе резолуцијата, со право очекуваме таа суштински да придонесе кон одблокирање на евроинтегративниот процес и отворање на перспективата за зачленување во ЕУ. Епилогот од оваа промена на тактиката ќе го видиме до октомври, надевајќи се дека барем овој пат, ќе биде позитивен. Надежта сепак умира последна.

 

Преземено од Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот