Кој е безгрешен, прв нека фрли камен врз неа!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Македонецот денеска е едно длабоко несреќно, исфрустрирано, напатено, искомплексирано и незадоволно од себе и од својот живот човечко битие, кое мрази и обвинува сè околу себе, само себе не! Кутрата Андреа беше само уште една жртва на патот на кој разбеснетиот Македонец „не простува и меле сè пред себе“.

Секогаш сум бил противник на релативизирањето, особено ако тоа доаѓа од редовите на самопрогласени интелектуалци, јавни општественици, кои треба да бидат т.н. морални ориентири на една нација. Што се вели: светилниците во темните и мрачни времиња, кои треба да му го покажуваат вистинскиот пат на народот и кога е најтешко. Особено тоа релативизирање доаѓа од универзитетски тетки-професорки на кои им е срам јавно да признаат, да обзнанат и да објават дека се на страната на московскиот злодеј и дека неговата бестијална воена агресија врз Украина и врз украинскиот територијален интегритет и суверенитет тие ја поимаат како „специјална воена операција“. Уште да ѝ додадат „хуманитарна“ нота. Повеќе ги почитувам ликовите како Миленко Неделковски, и покрај тоа што имаме целосно спротивставени гледишта во однос на војната во Украина, тој е барем искрен и не се крие под превезот на релативизацијата и јавно си кажува за кого навива. Па, оттука, како противник на релативизаторите, веднаш ќе кажам дека целосно и беспардоно ја осудувам постапката на македонската евровизиска претставничка во Торино, кога (не)намерно, несмасно, многу непромислено го фрли македонското знаменце на подот за да позира пред фоторепортерите. Тоа не ѝ го припишувам на нејзината „младост“, бидејќи многу помлади наши претставници нè претставувале на овој музичко-шоу-парадерски шунд од евровизиски настан, па не направиле ваква ноторна глупост. Но, Македонците како нација која уште од времето на настапот на „ХХЛ“ веруваа дека имаме најдобра песна само Европа не сака да победиме, необјасниво зошто, ама премногу ѝ даваат значење на една европска карикатурално шоуменска манифестација, па можеби реакциите на (ФБ) јавноста по глупоста на Андреа беа такви. А какви беа тие?!

Ние сме неизлечливо душевно „болна“ нација!

Во најмала рака, болни, грозоморни, реакции што доликуваат не на пристојно здраво психосоматско човечко битие, туку на разјарен грозоморен ѕвер, кој сака да ја земе „правдата во свои раце“, бидејќи скапаното јавно обвинителство кое е надлежно да се произнесе по случајот – дали има предмет за кривично дело и тој да се адактира со извинување на претставничката – го  нема  јавно и транспарентно да се произнесе и да ја успокои вознемирената јавност. Да, ама не! Тоа не беа повици за линч, за бесење на плоштад, пречек на аеродромот „да не избега“ од Македонија и правец веднаш во Идризово, и слични ми ти болно-грозоморни повици од разбеснетата фејсбук патриотска толпа, која барем на социјалните платформи ја распна на националниот столб на срамот, без претходно нејзино „сведочење“.

А да се запрашаме кој тоа народ бара од неа „крв“? Тој што едвај чека да дојде до некоја јавна функција и „маме да ѝ ебе на Македонија“, што би рекол покојниот Амди Бајрам. Да ја краде до последно (читај: буџетските пари од граѓаните), ама битно во неговиот патриотски кабинет да стои и гордо да биде истакнато македонското знаме!? Тоа се тие патриоти што ја бараа „главата на Андреа“!

Да не зборуваме за народ што во своето секојдневно поведение, на секој можен начин ја бербати и ја погани земјата во која живее, загадувајќи ја и уништувајќи ја нејзината божја природна убавина. Но, сето тоа е „нормално“, патриотски и нема простор ние останатите да се згрозуваме и да повикуваме на бесчестие и линч на таквите. Луцидно интелигентната новинарка Катарина Синадиновска го даде најдобриот одговор за тоа што се случи во Торино, и зошто, добога, се случи тој „немил настан“. Таа вели вака: „Цело време велам дека проклетството на Македонија е непрофесионализмот и импровизацијата, на сите нивоа, на сите полиња. Незнаење и царување на просекот, и на тоа под него. Слушаме необјасниви гафови на лидери, функционери, новинари професори… сведочиме на невидени протоколарни грешки, на срамни настапи во јавност, на елементарна неписменост и невоспитание во целиот јавен простор. Итно е потребен бран на просветителство, луѓе. П.С: Коментарите со ‘критика’ за срамниот чин со знамето сведочат сами за себе еднакво како чинот. Па видете до кое дереџе сме…“. Во овие неколку синхронизирани реченици се крие одговорот на овој „гаф“, но и на сите грешки и пропусти што ги правиме во сè –  (не)намерно. Ама грешка сме од кога сме родени во 1991 година или пак се однесуваме во сè погрешно.

Единствено среќни во и од несреќите!

Понекогаш си велам дека целосно е во право и поранешниот новинар, а актуелен колумнист господинот Бранко Тричковски кога тврди дека Македонците се единствено среќни во својата несреќа. Односно своето најголемо душевно и егзалтирачко радување го доживуваат преку несреќите. Тие хистеризирачки реакции на социјалните мрежи по секоја национална трагедија (Ласкарци,  Денис Тот и многу други), како да чекаме да се случи нешто ново такво за ние да се исполниме со „среќа“, т.е. со сеирџиска злорадост. Гневно и ѓомити бесно да плукаме и да пцуеме по системот, државата, институциите колку не ги бива, а всушност ние сме тие, кои ги правевме институциите на системот во овие изминати три децении. И ги направивме такви какви што се: да бидат наши убијци, а ние од тоа да правиме хистеризирачки национални драми во кои (не)свесно уживаме. Себеси си докажуваме дека сме живи, односно дека не лутаме како зомбизирани суштества низ времето и просторот без да знаеме за себе. Вака овие национални трагедии имаат обединувачка синергија и тогаш Македонците се сплотени.

Јас не сум психијатар за да ја објаснам оваа национална душевна состојба на Македонците, но сметам дека никаде на светот нема ваква колективна деструктивна енергија како обединувачка нишка, како што има кај нас. Не знам дали се должи тоа на трагипатетичната историска димензија на македонската нација, која најголемиот национален траор всаден во националниот мемориски код по лошо, е поделбата на македонското национално ткиво во Букурешт во 1913 години (делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила) и оттука излегоа сите зла што во наредната временска отсечка од повеќе од еден век донесе само страдања и национални незадоволства и несреќи на Македонците, но едно знам: Македонецот денеска, за голема жал е едно длабоко несреќно, исфрустрирано, напатено, искомплексирано и незадоволно од себе и својот живот човечко битие, кое мрази и обвинува сè околу себе, само себе не! Кутрата Андреа беше само уште една жртва на патот на кој разбеснетиот Македонец „не простува и меле сè пред себе“, чекајќи уште многу такви понатаму. За трагедијата да биде целосна, тој „морален суд“ доаѓа од народ што одамна расчистил со зборот морал. Или, уште пострашно, не го поима и не знае што значи тој, воопшто.

Видео на денот