Кога музиката ја среќава политиката: Контроверзни моменти на Евровизија, настанот кој ја обедини Европа

Фото: EPA/Скриншот, Јутјуб

Изборот на песна за Евровизија е, пред сѐ, екстравагантен музички фестивал кој е мешавина од различни култури, многу музички стилови и, дефинитивно, гламур.

Идејата за Евровизија е „родена“ од желбата за обединување на земјите од воено-разурнатата Европа преку т.н. забавна програма. Уште од првото издание, кое се одржало во Лугано, Швајцарија во 1956 година, целта на фестивалот е да е од неполитичка природа, а радиодифузерите и изведувачите кои учествуваат не смеат да промовираат политички идеи во своите песни.

Сепак, низ годините се случија повеќе контроверзни моменти кои создоа политички тензии меѓу земјите-учеснички.

Русија и Украина

Односите меѓу Русија и Украина беа претежно пријателски во првите години на нивното учество на Изборот на песна за Евровизија. Сепак, политичките односи меѓу двете земји се влошија по руската анексија на Крим во 2014 година и руската вооружена агресија против Украина. Секако, тоа ги усложни и нивните односи на најголемиот музички настан во Европа – Евровизија.

Во 2016 година, украинската претставничка Џамала победи со песната „1944“, чиј текст се однесува на прогонот на Кримските Татари. За оние кои не знаат, советските власти организирано ги раселувале Кримските Татари во Узбекистан и останатите делови на државата во 1944 година. Со оглед на настаните во Крим, многумина ја доживеаја песната „1944“ како политичка изјава против дејствијата на Русија. Но, и покрај негодувањата од страна на Русија, Украина учествуваше на Евровизија таа година.

Украинката Џамала, која победи на Евровизија во 2016 година / Фото: EPA/MAJA SUSLIN

Руската пејачка Јулија Самојлова беше избрана да ја претставува својата држава со песната „Flame is Burning“ во 2017 година. Сепак, на неа ѝ беше забрането да влезе во Украина, земјата-домаќин на тоа евровизиско издание. Причината за тоа беше нејзиниот нелегален влез на Крим во 2015 година, област која беше анектирана од Русија во 2014 година. Поради изречената забрана, Русија го откажа настапот на Евровизија.

По почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, која започна на 24 февруари, ЕБУ донесе одлука да ја исклучи Русија од музичкиот натпревар. Нивното образложение беше дека остануваат „посветени на заштитата на вредностите на културниот натпревар кој промовира меѓународна размена и разбирање“.

Ерменија и Азербејџан

Долгогодишниот етнички конфликт помеѓу Ерменија и Азербејџан се рефлектираше и на Евровизија, откако и двете земји го започнаа своето учество кон крајот на првата деценија од новиот милениум.

Во 2009 година, дел од граѓаните во Азербејџан кои гласаа за ерменската песна беа повикани на распит во полиција.

Ерменските претставници „Џиниалоџи“ во 2015 година / Фото: EPA/GEORG HOCHMUTH

Шест години подоцна, Ерменците мораа да го променат името на нивната песна „Face The Shadow“ бидејќи алудирало на повик за признавање на ерменскиот геноцид за време на Првата светска војна.

Во 2016 година, ерменската претставничка Ивета Мукучјан направи контроверзен гест со тоа што го развеа знамето на Нагорно-Карабах, непризнаена република која е дел од Азербејџан, но во која претежно живеат етнички Ерменци. Нешто слично како Косово во Србија.

Контроверзната грузиска песна

Грузија избра прилично контроверзна песна во 2009 година, кога земја-домаќин на евровизиското шоу беше токму Русија.

По завршувањето на руско-грузиската војна во 2009 година, грузиската група „Стефан и 3Г“ беше избрана да ја претставува Грузија со песната „We Don’t Wanna Put In“. ЕБУ воочи дека текстот на песната е политички и дека го критикува рускиот претседател Владимир Путин.

Групата „Стефан и 3Г“ ги одби барањата од страна на организаторите за промена на текстот, па затоа грузиската телевизија реши да се повлече од настанот.

Израел на Евровизија

Првото учество на Израел во 1973 година било обележано со зголемено обезбедување на просторот во кој се одржувала Евровизија таа година. Една година претходно, 11 членови на израелскиот олимписки тим биле убиени во Минхен, од страна на палестински терористи. Поради тоа, организаторите на Евровизија стравувале дека нешто слично ќе се случи и за време на музичкото натпреварување.

За време на седумдесеттите години на минатиот век, Евровизија се емитувала и во арапскиот свет. Но, бидејќи многу од тие земји не ја признавале Израел, на нивните телевизии се емитувале реклами додека израелските претставници ја изведувале својата песна. Во 1978 година, кога се пребројувале бодовите и кога било сѐ поизвесно дека Израел ќе победи, многу од тие земји го прекинале емитувањето на Евровизија.

Израел беше земја-домаќин на Евровизија дури четирипати. Поради тоа што финалната евровизиска вечер се одржува во сабота, верските водачи во земјата имале свои приговори. Имено, шабат или сабота е седми ден во еврејската недела посветен на одмор и, според нив, со одржувањето на Евровизија се нарушува одморот на верниците.

Дана Интернешнл / Фото: EPA

Во 1979 година, овие приговори биле главно игнорирани, но Турција била притисната да се откаже од своето учество бидејќи арапските држави не се согласувале со идејата една претежно муслиманска држава да учествува на Евровизија во Израел.

Приговорите за одржувањето на Евровизија во сабота биле повторно покренати во 1999 година. Исто така, тогаш имало бројни критики и за израелската претставничка Дана Интернешнл, првото транс-лице кое победи на Евровизија во 1998 година.

Во 2019 година, Движењето БДС, кое бара бојкот, неинвестирање и санкции против Израел поради третманот на палестинското население, го крена својот глас и со месеци ги повикуваше земјите и изведувачите да го откажат гостувањето во Тел Авив. Истата година, исландските претставници „Хатари“ држеа палестински знамиња во моментот кога се појавија на екраните, додека водителите ги читаа бодовитe што ги добиле од гласовите на публиката.

Заборавен скандал: Што се случи на првата Евровизија, која и ден-денес се смета за контроверзна?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот