Кога ќе ви се пресечат нозете, но не и надежта – Слободен печат
Колумни

Кога ќе ви се пресечат нозете, но не и надежта

Помислив дека го знам младиот татко од источен Лондон чијашто вест за убиството ми ги пресече нозете и, за жал, - бев во право. Тоа беше Џејмс Амаду, еден од пријателите на Хаким, умното и надежно момче од источен Лондон, на кое, заедно со петнаесеттина други, му бев ментор за време на Олимпијадата во Лондон во 2012 година.

Младиот татко, избоден до смрт во источен Лондон, беше опишан во весниците како вреден човек кој ја обожавал ќеркичката, бил столб на семејството, навивач на Арсенал и уште една жртва на епидемијата убиства со ножеви низ Лондон, која последните години зема замав, како што зема замав малолетничкиот криминал, членувањето во банди и неуспехот на полицијата да се справи со овие состојби. Без оглед која политичка структура е на власт. Ми се пресекоа нозете кога ја прочитав веста, зашто помислив дека ја познавам жртвата…

Да познаваш некого во Лондон е како да најдеш, да се изразам сликовито, игла во пласт сено. Градот има осум милиони жители; лондончани често се селат од север на југ и од исток на запад во зависност од тоа каде работат, а често ги менуваат работните места, сакале или не; во градот доаѓаат и одат луѓе од други делови на земјата и светот. Па и ние сме се селеле четири пати. Е сега, во иста област, ама ако се земе предвид дека областа е населена колку мојата главна татковина, не е тоа мала работа. И таман ќе запознаеш некого, кога, тие се преселиле… или ние.

И затоа, оние што ги знаеш, тукашните, ги знаеш и ги паметиш во Лондон. Зашто не се многу. Не како некаде каде што се очекува секој да знае секого. Што ме потсети на една повозрасна жена со која на времето патував со „Транскоп“ од Битола за Скопје, која ме праша дали го знам оној полицаецот Цане, кој работи во Козле. Кога се обидов да ѝ објаснам дека Скопје, сепак, е голем град, ме погледна сожаливо и промрморе – ти, не ќе да си од Скопје. Сепак, тоа што јас не го знам Цане, не значи ништо, особено не за област како Скопје. Оние што го читале текстот каде што објаснувам за македонските „два степени оддалеченост“, знаат за што зборувам. Шансите дека некој што го чита ова, а го знае, се големи. Цане. А, ако да, има поздрав од Петрула од Цапари. Малку доцна, ама сепак, ја користам оваа можност…

Избодена генерација

Но, да се вратам на темата… Помислив дека го знам младиот татко од источен Лондон чијашто вест за убиството ми ги пресече нозете и, за жал, – бев во право. Тоа беше Џејмс Амаду, еден од пријателите на Хаким, умното и надежно момче од источен Лондон, на кое, заедно со петнаесетина други, му бев ментор за време на Олимпијадата во Лондон во 2012 година. Средношколците беа од Њуам, сиромашен дел од источен Лондон. Сите тие (и нивните родители и старатели) се согласија да бидат дел од проект на Би-би-си со „Опен јуниверзити“, да бидат обучувани да се изразуваат преку медиуми, главно преку радиото, да снимаат интервјуа и прилози за она што се случува во нивната средина, да контактираат со јавни личности кои мислат дека би можеле да променат нешто, со шефови на полиција, со спортисти, со познати и помалку познати за да „кажат“ што ги интересира, што сакаат, на што се надеваат… Тие лично, нивните пријатели, нивната генерација. По нивна иницијатива, проектот го нарековме – Генерација 2012.

Со неколкумина од групата посебно се зближив, меѓу кои Хаким, кој пак еднаш го донесе Џејмс. Останавме до доцна вечерта, зборувајќи за младите во Њуам, за она што ги мачи и за она што би сакале да не е како што е. Велеа дека е лошо тоа што се затвораат младинските клубови, па младите остануваат на улица, а примери им стануваат брзо збогатените дилери и шверцери, дека не гледаат иднина, дека малкумина се гледаат себеси на факултет или со некоја посветла иднина. Зборуваа за младите девојки што стануваат мајки за да избегаат од дома или полошо, младите момчиња без идеи за иднина, а посебно за соперништвата меѓу бандите, како да е најобична работа, во стилот- мора да припаѓаш во некоја група и, ако не си со нив, значи против нив си. Ги слушав и се обидував да разберам што можам повеќе, да ги упатам кого сè би можеле да интервјуираат, со кого да се поврзат, кој би можел да ги инспирира, каде евентуално да побараат совет и поддршка. Насилствата ни се секојдневие, онака попатно спомна Хаким, мене ме имаат избодено неколкупати. И бидејќи го погледнавме со неверување, ја крена маицата и – кога навистина – на неговото кревко младо тело имаше три лузни, две помали, една речиси десеттина сантиметри. Добро поминав, рече смирено, еднаш пукаа по мене, ама ме промашија. Зошто, добога, прашав? Затоа што бев каде што не требаше, одговори.

Дилери, жртви и лидери

Во Лондон само оваа година и досега се случија 73 убиства со бодење со нож, 13 со огнено оружје и едно со самострел, главно на млади луѓе или од млади луѓе. А имаше илјадници други напади. Зошто? Па, оние што се задолжени за објаснување, велат дека најчесто причина е дрогата. Урбаните дилери на дрога ги принудуваат децата и другите ранливи категории да носат дрога во руралните области – т.н. „селски рути“ прават профит од 1,8 милијарди фунти, односно 5.000 фунти на ден! Дрогата ја растураат млади деца од растурени домови, а бандите се борат за доминација. Полицијата најчесто ги наоѓа убијците зашто честа меѓу денешните наркобанди е на ниско ниво. Ама бројот на убиените, главно избодените, расте. Попатно, ќе настрада и некој погрешен човек кој ќе се најде на погрешно место. Колатерална штета. Или некој кој „ќе послужи“ како жртва за новиот регрут да ја докаже верноста кон бандата со тоа што ќе биде – па, жртвуван.

Дали таков беше Џејмс Амаду? Погрешен човек на погрешно место? Или избра некој друг пат? Се слушнавме со Хаким. Ми рече дека не знае, го немал видено Џејмс од натпреварот на Арсенал со Олимпијакос кога бевме заедно, она кога ги нервиравме Грците, мавтајќи им со македонското знаме, зашто 300-те навивачи на Олимпијакос беа погласни (а не беа во апс) од остатокот на домашните навивачи на стадионот… Хаким, инаку, е роден во Уганда, но дојде во Лондон на двегодишна возраст со мајка му. Ја обожава ќеркичката, навива за Арсенал, столб е на семејството и работеше како ноќен чувар за да може да студира. Основач е на „Нет-Ворт“, волонтер во национални и меѓународни организации кои имаат цел да помагаат поединци и организации, има свој локален бизнис и амбиција му е еден ден да стане светски лидер. А да, и претседател на Уганда. Ако конечно го сменат Мусавени по повеќедецениското владеење, се разбира, на мирен начин. Му бев ментор на Хаким. Сега ми е гордост.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close