КК Гостивар со нов претседател се подготвува за АБА2 лигата

фото: МИА

Стојмир Дејаноски е наследник на Игор Ристоски на претседателската функциа.

Екипата на Гостивар доби нов претседател, по истекот на мандатот на досегашниот Игор Ристоски, на раководната позиција претседател на Управниот одбор на КК Гостивар е избран Стојмир Дејаноски, гостиварски стопанственик и доскорешен член на управата на клубот.

Смената на раководната функција се случила по синоќешниот состанок на кој главни теми биле плановите за наредната сезона. На состанокот биле потврдени функциите на Ѓорѓи Божиновски (спортски директор), Александар Трпевски (финансиски директор) и Ивица Адамовски (извршен директор).

Раководството на клубот дискутирало и за учеството во АБА2 лигата, за која во гостиварскиот прволигаш сериозно се размислува. Од тие причини биле разгледувани условите во салата „Младост” во која тимот ги игра натпреварите како домаќин.

Салата засега не ги исполнува критериумите за одигрување на натпревари од повисок ранг кои се пропишани од ФИБА. Претходно биле констатирани некои недостатоци кои се однесуваат на греењето, соблекувалните, семафорите, покривот на салата, влезовите, осветлувањето и инфраструктурата околу објектот. За ова се разговарало и со локалната самоуправа, во чија сопственост е салата и од градоначалникот добиле ветување дека тоа може да се надмине за кусо време.

Раководството на КК Гостивар ја утврди финансиска рамка според која ќе се димензионира и буџетот на клубот за идната сезона.

Од клубот информираа дека се чека на насоките од КФМ и ФИБА за отпочнување на подготовки и стартот на новата натпреварувачка сезона.

По почетокот на вториот дел прекинатото првенство, КК Гостивар го засили играчкиот кадар и најави пласман во врвот на табелата. Пред прекинот, клубот беше на третото место на табелата со 29 бода исто колку и второпласираниот Работнички.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот