Ќе стане ли конечно Скопје град без кал и ѓубре во 2022 година?

Депонија. / Фото: Слободен печат

За годинава се ветува започнување бројни капитални проекти кои Скопје конечно ќе го избришат од мапата на метрополи каде на секој чекор има расфрлан отпад, но и на метрополи каде сѐ уште луѓето и во 21 век немаат канализација и чиста вода за пиење.

Во обид пак да се подобрат условите на живот на жителите на главниот град, скопските градоначалници за новата 2022 година ветуваат реализација на бројни проекти кои ќе приодонесат до поквалитетен живот на населението. Ветуваат и отпочнување капитални проекти кои Скопје конечно ќе го избришат од мапата на метрополи каде на секој чекор има расфрлан отпад, но и на метрополи каде сѐ уште луѓето и во 21 век немаат канализација и чиста вода за пиење.

Од капиталните проекти во комуналниот сектор, би го издвоил проектот за темелна реконструкција (рехабилитација) на 13 улици со тротоари во населбата Пржино. Се работи за голем проект кој ќе опфати санација на улици во должина од 5 км. Во моментот започнува тендерска постапка за избор на фирма изведувач. Се работи за долгогодишно барање на жителите од овој дел на општина Кисела Вода, кое посебно е нагласено по изведбата на атмосферска канализација на овие улици. Финансиските средства за изведба на проектот во висина од околу 21.600.000 денари се обезбедени преку проектот за подобрување на општинските услуги МСИП 2, кој го спроведува Министерството за финансии, со поддршка од Светска Банка – вели градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски меѓу другото ветува и дека во 2022 година ќе се гради атмосферска канализација на улицата Славка Димкова во населбата Драчево, со целосна реконструкција на улицата по завршувањето на изведбата на атмосферската улица, во соработка со Град Скопје. Покрај тоа, се планира изградба на водоводна мрежа и изработка на проектна документација за изградба на фекална канализација во Каменик, потоа изградба на атмосферска канализација и целосна реконструкција на улицата  Димо Хаџи Димов, во соработка со Град Скопје, како и реконструкција на улицата Ѓорѓи Димитров.

2022 година ќе ја одбележи и проектот кој во мојата програма е насловен “Стоп за урбаната мафија”. Веќе се прави ревизија на донесените Деталните урбанистички планови, но и на актуелните планови кои се во фаза на носење. Ги извадивме на увид на јавноста сите досега донесени ДУП-ови и објавивме повик до граѓаните за нивни забелешки и сугестии кои ќе бидат разгледани од Комисијата за Урбанизам на Општина Кисела Вода, како и од Партиципативното тело на граѓаните на Кисела Вода и по истите ќе се поведат конкретни постапки согласно законските прописи. Ревизија се прави и на издадените одобренија за градба, а граѓаните ќе добијат одговор и за финансиското работење на претходниот градоначалник и тоа од страна на независна ревизорска куќа, избрана  на меѓународен конкурс – ветува тој.

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски пак вели дека како градоначалник, но и како жител на Карпош, општината ја гледа пред сѐ чиста и зелена.

Од самото мое доаѓање на функцијата сум насочен кон обезбедување на финансиски стабилна општина – со деблокирана жиро сметка, за да можеме да работиме на реализација на проекти што ќе придонесат за натамошен развој на општината – објаснува Јакимовски.

Тој жали дека  кога дошол на функцијата немало ниту еден проект за кој можел да распише тендер. Сега се работи на подготовка на повеќе од 25 проекти за улици, фасади, градинки, реконструкција на фасади на градинки итн.

Дарко Костовски градоначалникот на Општина Бутел пак вели дека неговата визија не само за 2022 година, туку и за во иднина, е да има просперитетна, економски стабилна и здрава општина. Во соработка со Советот на Општината донесена е развојна програма, чија реализација веќе започна со на чистење на речното корито на реката Серава, а плнирано е и уредување на просторот долж реката.

Овој проект ќе продолжи и во 2022 година, а ќе се фокусираме и на горливите проблеми со кои се соочуваат дел од жителите на општината. Ќе работиме на водоснабдувањето во селата Љубанци и Љуботен, на асфалтирање и санација на двете главни улици Бутелска и Радишанска, на санација на фекалната и атмосферската канализација. Главна цел останува да се намалат долговите на општината што ги затекнавме за да може да изградиме поуспешна и попросперитетна општина за сите – објаснува Костовски.

За градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски, дадениот збор е најважна обврска врз која почиваат угледот и честа на општината, како и надежта и вербата кај граѓаните.

Стартуваме со дореализација на атмосферската мрежа на улица Радушка во Дексион во должина од околу 1.100 метри. Ова улица е една од најстарите и најфрекфенти улици и поради тоа даваме приоритет на решавање на овој долгогодишен проблем. Урбанистичките проблеми на граѓаните остануваат во фокусот, но на сметка на тоа нема да ги занемариме општествените. Еден од моите приоритети останува образованието, односно нови градинки, доградба на постоечките капацитети и подобрување на условите во училиштата – посакува Стојкоски.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски пак, вели дека испративме година со многу предизвици почнувајќи од ковид пандемијата, економската и енергетската криза, но и внатрешно политичките случувања.

Но затоа пред нас е година во која со многу труд ќе го направиме Центар таков каков што сите ние го сакаме – ветува Герасимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот