Ќе поскапи купувањето возила со пониски еколошки стандарди

Гужва на улици / Фото: EPA-EFE/ORESTIS PANAGIOTOU

Данокот на моторни возила е збир на два данока, еден за емисија на јаглен диоксид по километар, а друг за самата вредност на возилото. Промени нема да има за високо еколошките возила, но има предлог за значајно зголемување на данокот за оние со емисија над 141 грам јаглерод диоксид на еден километар.

Ќе се зголеми данокот што треба да се плати за возила што имаат поголема емисија на јаглерод диоксид (CО2), а целта е очигледна – тие да станат поскапи и да се купуваат возила со подобри еколошки карактеристики. За тоа, ќе се менува Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила, а овие денови се очекува да се избере еден од веќе напишаните предлози за новите вредности. Предлозите не предвидуваат промени на данокот за CО2 за возилата што се високо еколошки, но значајно зголемување предвидуваат за оние со емисија над 141 грам CО2 на еден километар.

Увозниците на стари возила велат дека со ова им се затвора вратата за работа, а граѓаните уште тешко ќе се „подноват“ со старо возило.

– Во време на короната, а уште повеќе во време на висока инфлација, луѓето се помалку се одлучуваа да купат возило, па дури и на старо. И тие што доаѓаат, прашуваат дали има нешто за 2.000 до 3.000 евра, а такви возила веќе нема. Нешто до 4.000 евра е од 2004, 2005 или 2006 година. Сѐ зависи од марката и од очуваноста на возилото, но возило кое е старо 10 или помалку години не може да се најде под 6.000 евра. При увоз на возило се плаќа данок на моторни возила, а сега тој данок ќе биде поголем за постарите возила. Ова уште повеќе ќе ја намали продажбата на половните возила. А, ако се земе превид дека во Македонија просечната вредност на возилата е речиси 20 години, сметаме дека е подобро да се обезбеди подновување макар со помалку стари возила, а тие ќе бидат и поеколошки и побезбедни – објасни за „Слободен печат“ увозник на стари возила.

Извозниците на возила велат дека овој „еколошки данок“ не е мала ставка. На пример, за дизел-гориво за кое е проценето дека е во групата со емисија од 150 грама јаглерод диоксид на километар од 150 грама, сега треба да се платат 600 евра, кои секако ќе се прелеат на купувачот на возилото. Со новите коефициенти, тој износ ќе стане повисок.

Од 1 јануари 2020 година почна да се применува Законот за данок на моторни возила, со што овој данок ја замени акцизата на патнички моторни возила. Овој данок е збир од две давачки – едната е оданочување на вредноста на возилото, а другата е оданочување на емисијата на јаглерод диоксидот. Првата давачка се добива така што вредноста на возилото се множи со одреден процент, а тој е поголем колку што е поскапо возилото. За другата давачка, за емисијата на издувните гасови има коефициенти што растат со зголемување на загадувањето. И процентите и коефициентите се утврдени во Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила, која ќе се менува. Данокот на моторни возила го плаќа увозникот на старо возило.

Коефициентите за оданочување на емисијата на јаглерод диоксид веќе двапати се менуваа, еднаш на 1 јануари 2021 и вторпат на 1 јануари 2022 година – и сега нивниот износ е за 50 проценти поголем од времето кога во 2020 година првпат беше воспоставена оваа давачка.

Во законската регулатива точно е опишано како се утврдува колку грама јаглерод диоксид се емитуваат на еден километар и тоа е во согласност со европските стандарди.
Иако регулативите за емисиите датираат од 1970 година, првиот стандард низ ЕУ – познат како „евро 1“ – беше воведен дури во 1992 година, кога каталитичките конвертори станаа задолжителни за новите автомобили, ефикасно стандардизирајќи го вбризгувањето гориво.

Оттогаш, имаше низа евро-стандарди за емисии, сè до последната „евро 6“. Регулативите, кои се дизајнирани да станат построги со текот на времето, ги дефинираат прифатливите граници за емисиите на издувните гасови на новите лесни возила што се продаваат во земјите членки на ЕУ и ЕЕА (Европска економска зона). Во рамките на Европската Унија се проценува дека транспортот придонесува со 20 проценти од емисиите на CO2, а се најавува и нов „евро 7“ стандард што би требало да се воведе во 2025 година.

Статистиката на Царинската управа на Македонија покажува дека до крајот на август, вкупно биле увезени 28.802 возила, а од нив дури 19.880 биле половни.

 

Ќе се зголемува и данокот за поскапи возила?

 

Неофицијално, постои предлог и за зголемување на данокот за поскапите возила што се плаќа при увоз на возилата. Според сегашната Уредба за начинот на пресметка на данокот на моторни возила, за возило со вредност до 10.000 евра воопшто нема данок поврзан со вредност, а има само данок поврзан со еколошките стандарди. Потоа, стапките се движат од 1 процент за вредност на возило од 10.000 до 12.000 евра, па сè до 20 проценти за оние над 50.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот