Ќе останат ли четвртоодделенците во Карпош без дневен престој? Училиштата и партиите велат – да, од Општината тврдат – не!

Ученици во основно училиште/Илустративна фотографија:ARNE DEDERT / AFP / Profimedia

Родителите чии деца  ќе учат во четврто одделение во некое од основните училишта на територијата на општина Карпош, на два дена пред почетокот на новата учебна година беа непријатно изненадени од известувањето кое им пристигна од училиштата дека годинава за нивните деца нема да се организира продолжен престој.

Тоа значи дека учениците на возраст од 9 години остануваат незгрижени и дека родителите до задутре треба да смислат како ќе се организираат и кого ќе ангажираат да ги зема нивните деца од училиште претпладне и да ги чува додека не се вратат од работа. Проблемот е голем и сериозен затоа што немаат сите родители на располагање баби и дедовци, од работа не може секојдневно да излегуваат во 11 часот, а децата се на возраст кога сѐ уште е небезбедно сами да се враќаат од училиште и со часови да седат сами дома.

„Почитувани родители, од Општина Карпош сме известени дека оваа учебна 2023/24 година нема да има продолжен престој за учениците во четврто одделение што досега Општината доброволно го овозможуваше“ е известувањето кое го добиле родителите на учениците од „Лазо Трповски“.

Родителите се гневни и крајно револтирани, бараат да се смени одлуката, која како што им било пренесено од училиштата, биле донесена од Општина Карпош, односно, како што тврдат родителите ја донел и потпишал градоначалникот Стевчо Јакимовски, иако Советот на Карпош кон крајот на јануари изгласа сосема поинаква одлука.

На седницата одржана на 30 јануари годинава Советот на Општина Карпош донесе одлука со која се обезбедени финансиски средства за ангажирање на одделенски наставници за реализирање на настава со физичко присуство во продолжен престој за ученици во четврто одделение во општинските основни училишта за 2023 година, што значи дека за укинувањето на дневниот престој за четвртоодделенците причина не се финансиските средства.

Адријана Јакимовска Панчевска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ вели дека за ова што сега се случува не постои никаква писмена одлука на Советот.

 За советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата овој прекин на продолжениот престој за 4- то одделение е неприфатлив, но исто така и крајно нехуман ако се земе во предвид дека родителите на овие деца во последен момент треба да се снаоѓаат и да бараат начини како да ги згрижат сопствените деца. Го повикувам првиот меѓу еднаквите, претседателот на Совет во општина Карпош , Бранко Ристов од Левица веднаш да свика итна седница на која ќе ја разгледаме оваа информација. Зошто веќе донесена одлука не се почитува? Што превзема претседателот на Совет? – вели Јакимовска Панчевска и нагласува дека неопходно е да им се излезе во пресрет на родителите и наместо да им се прават дополнителни маки и проблеми да продолжи продолжениот престој за овие ученици.

И од Левица -Карпош соопштија дека од оваа година целодневен престој за четврто одделение во Општина Карпош нема да има бидејки општината нема да издвои средства за таа намена од Буџетот.

Според закон задолжителен дневен престој е регулиран само за децата до трето одделение школска возраст додека четврто одделенците не ги следува. Службите истакнуваат дека до сега дневниот престој за децата од четврто одделение го плаќала општината, но од оваа година тоа нема да продолжи – се вели во соопштението од партијата.

Оттаму бараат градоначалникот Јакимовски да образложи како до сега можело да се регулира дневниот престој за овие деца, а отсега без никакво објаснување да не може.

Ние како советничка група бараме во најкус временски период да се најде начин да се продолжи целодневниот престој за овие деца бидејки родителите за истите очекувале дека дневен престој ќе има и децата ќе им бидат згрижени. Финансискиот дел не може да биде пречка за продолжување на дневниот престој бидејки ако до сега се наоѓале средства за истата цел можат да се најдат повторно особено откако буџетот од оваа година двојно е зголемен – велат од Левица.

Но, од Општина Карпош велат дека сето ова не е вистина и дека станува збор за лаги и шпекулации. Оттаму тврдат дека и годинава во основните училишта во Карпош ќе биде организиран дневен престој за учениците до четврто одделение.

– Нашата посветеност и грижа за најмладите карпошани e искрена и континуирана и секогаш во интерес на децата.Тоа досега многупати сме го докажале преку различни проекти за доделување на стипендии за талентирани ученици и спортисти, бесплатни ужинки, постојани реконструкции на училишните објекти.Оттука, непријатно сме изненадени од неодговорниот однос на одредени советници и згрозени сме од нивниот обид преку ширење лаги и шпекулации за наводно укинување на дневниот престој на четвртоодделенците што е апсолутна невистина, да заработат одредени политички поени на сметка на нашите најмлади сограѓани – одговараат од Карпош на прашањето  зошто се укинува дневниот престој за четворооделенците во претстојната учебна година и зошто ваквото решение се носи на неколку дена пред почетокот на учебната година и родителите не се навреме известени.

По ваквите сосема противречни информации останува да се причека први септември кога со сигурност ќе се знае ќе има или не дневен престој во училиштата во Карпош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот