Ќе ги „изгори“ ли скопјани новата цена на парното: Бислимоски тврди дека нема да се дозволи ценовен шок

парно радијатор греење
Парно греење / Фото: Архива на Слободен печат

Од следниот месец парното греење во Скопје ќе има нова цена. Колку ќе плаќаат граѓаните до чии домови се испорачува топлинска енергија, Регулаторна комисија за енергетика ќе утврдува во наредните денови.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски денеска објасни дека уште во јуни компаниите доставиле трошковници, а до денеска тие треба да достават ревидирани трошковници за да се одреди новата цена за греење. Највисока ставка во нив, според Бислимоски, е цената на природниот гас.

Тој е дециден дека нема да се дозволи ценовен шок за граѓаните. Пред грејната сезона Бислимоски предупреди дека такво нешто може да се случи доколку не се постави новиот цевковод на мостот „Беласица“ кој се користи за испорака на топлинска енергија од Те-То, чија цена е трипати пониска од онаа на топланите.

Регулаторот нема да донесе нова цена за топлинска енергија додека не добиеме цврсто уверување дека ТЕ-ТО е ставен во функција, што значи дека ќе се применува ланската цена – изјави тогаш Бислимоски.

Сега, РКЕ го смета тоа за завршена работа, затоа што, како што вели Бислимоски на терен веќе се започнати активности за поставување на топловодот под мостот со што се исполнуваат предусловите кои РКЕ ги бараше во изминатите месеци,  да се почне на терен со реална санација на цевките од ЕСМ со дозвола од Градот Скопје.

Но, од ЕСМ неодамна информираа дека санацијата на мостот и поставувањето на топловодните цевки е комплесна работа која бара многу подготвителни активности и ветија дека ќе го завршат зафатот во најкус можен рок, не прецизирајќи кога цевководот би бил во функција. Од монтирањето на цевките зависи и проодноста на овој многу сообраќајно фреквентен мост, кој во моментов, додека ЕСМ не ја заврши работата, е само делумно пуштен за сообраќај, односно се вози само по крајните две ленти.

Во однос на стартот на грејната сезона, Регулаторна комисија одржала состанок со трите државни компании на ЕСМ за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија кои информирале како се одвива почетокот на грејната сезона и со какви проблеми се соочуваат во изминатите денови. Еден од тие проблеми е и проблемот во населбата Водно, каде на екипите на ЕСМ дистрибуција на топлина не им беше дозволено да користат дел од инфраструктурата со која со топлинска енергија се снабдуваат одредени потрошувачи од овој дел на Скопје, а која е лоцирана на земјиште во приватна сопственост.

За тоа има соодветни правни постапки. Сепак, во моментов проблемот е решен и снабдувањето се одвива непречено, рече Бислимоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот