Китот Хвалдимир, „рускиот шпион“, сега плива крај брегот на Шведска

Китот белуга Хвалдимир, првпат забележан пред четири години со необичен ремен и камери на главата, што доведе до сомневање дека бил користен за шпионажа од страна на руската морнарица, во моментов се наоѓа крај западниот брег на Шведска, според невладина организација која го следи неговите движења.

Китот првпат е забележан во 2019 година во водите на норвешкиот Арктик, а името што му го дале тогаш е комбинација од норвешкиот збор „hval“, што значи кит, и вториот дел од честото руско име Владимир.

Откако беше забележан во фјордот Осло во последните денови, во неделата беше забележан појужно во Северното Море, во Ханебостранд на западниот брег на Шведска, изјави за „AFP“ Себастијан Странд, биолог од организацијата „OneWhale“.

Тој додаде дека Хвалдимир во последните месеци пливал на југ од непозната причина, откако три години престојувал покрај северниот брег на Норвешка, што е дел од неговото природно живеалиште.

„Не знаеме зошто во последно време се движи толку брзо“, особено затоа што „се оддалечува од своето природно живеалиште“, рече Странд.

„Може да бидат хормони кои го поттикнуваат да најде партнер. Или можеби осаменоста. Знаеме дека белугите се многу социјални, можеби тој бара други припадници на својот вид“, додава тој.

Според експертите, Хвалдимир има меѓу 13 и 14 години. Беше забележан во април 2019 година во близина на арктичкиот регион Финмарк, на далечниот север на Норвешка.

Тој се прослави затоа што имаше специјален појас околу главата со два држачи за камери „GoPro“, на кои пишувало „опрема Санкт Петербург“, поради што некои експерти претпоставуваа дека тој припаѓа на руската армија, која веројатно го користи за шпионажа. Биолозите успешно му го извадиле појасот.

Во тоа време, Норвешката управа за риболов шпекулираше дека Хвалдимир избегал од заградениот простор и дека бил обучуван од руската морнарица. Се чинеше дека е навикнат на човечко друштво и без страв им приоѓа на бродовите.

Москва никогаш официјално не ги коментираше овие шпекулации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот