Кирил Лазаров: Влегов со многу енергија и ентузијазам во оваа работа и затоа сум сигурен во успех

кирил лазаров
Кирил Лазаров со двојна улога во репрезенацијата како селектор и капитен/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Знам што сакам и на кој начин сакам да направам Македонија да изгледа европски сега и во иднина. Нормално дека сум човек кој има позитивни и негативни вибрации во зависност од моментите, но со многу енергија и ентузијазам влегов во оваа работа и затоа сум сигурен во успехот. Потребна е и спортска среќа, но ќе ја заслужиме и неа кога најмаку се надеваме, вели Лазаров

Ракометната репрезентација на Македонија месецов по седми пат ќе биде дел од Европските првенства, а шести пат по ред, и во нив неизоставен дел е најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров кој сега ќе има двојна улога и како играч и како селектор.

Лазаров повеќе од 20 години е лидер на репрезентацијата на теренот, а сега на ЕП во Унгарија и Словачка (13 – 30 јануари) ќе има и нова улога како селектор.

Селекторската функција ја започна на најдобар можен начин, со победа над актуелниот олимписки и светски шампион Данска (33:29) и обезбеди пласман на Европското првенство.

– Трема имав со септември кога минатата  година почнав да се подготвувам за ЕП како селектор. Сега сум влезен во машинеријата и дури и чудно ми е што не го чувствувам тој предизвик на таков начин. Знам што сакам и на кој начин сакам да направам Македонија да изгледа европски сега и во иднина. Нормално дека сум човек кој има позитивни и негативни вибрации во зависност од моментите, но со многу енергија и ентузијазам влегов во оваа работа и затоа сум сигурен во успехот. Потребна е и спортска среќа, но ќе ја заслужиме и неа кога најмаку се надеваме – вели Лазаров кој е претпазлив во очекувањата од настапот на македонската репрезентација на Европското првенство.

Кирил Лазаров/ фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Јас сум претпазлив во изјавите и со мојата екипа потајно во себе нешто тлееше дека можеме да изненадиме некоја голема репрезентација на Европските репрезентации. Сега, 95 отсто од репрезентациите на ЕП се квалитетни, големи. Задоволен сум од тоа што го сработивме од моето назначување на селекторската фунција. Напоредно работиме да подмладување на репрезентацијата кое е неминовно но и со неколку поискусни репрезентативци држиме рамнотежа да не отидеме во некој непосакуван правец кој што е очекуван кога се прави смена на генерации.

Токму смената на генерации е една од главните задачи кои Лазаров планира да ја направи во неговиот мандат. Од генерацијата која тој како капитен ја предводеше во последните десетина години, на теренот во Дебрецин ќе бидат искусни ракометари кои долги години се дел од репрезентацијата, а тука се и играчи кои веќе имаат настапи на големи натпреварувања, па се до „најмладите кои треба да бидат иднината и да продолжат да одат по стапите кои ги остави токму генерацијата предводена од Лазаров.

– Мислам и сигурен сум дека ќе направиме нова квалитетна македонска репрезентација. Системот го поставивме и само ќе го надоградуваме со разновидност, а така ќе станеме незгодни за сите како национален тим. Младите во тренажен процес не заостануваат воопшто во споредба со поискусните, но самото стапнување на паркетот каде што се игра ЕП веднаш се блокира сè кај нив. Затоа и ангажиравме спортски психолог кој работи индивидуално со нашите помлади играчи за што побезболно да ги поминат овие работи – вели Лазаров.

Ракометарите на дебитантскиот настап на Кирил Лазаров како селектор на едно големо натпреварување, ќе имаат тешка задача бидејќи во групата А која ќе се игра во Дебрецин,се наоѓаат заедно со големиот фаворит Данска, Црна Гора и Словенија ,а од ова ЕП е променет системот на натпреварување и само првите две селекции од секоја група ќе обезбедат пласман во следната фаза. Првиот натпревар, ракометарите ќе го играат задутре против Словенија, на 15 јануари следува дуелот со Црна Гора и во последното коло противник е Данска (17 јануари).

Кирил Лазаров ја одведе Македонија и на Европското првенство во Словачка и Унгарија 2022/Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Не сме оптоварени само на Словенија бидејќи тоа може да претставува еден вид хендикеп. Секојдневно работиме на нас самите, и дали ќе бидеме успешни или не, ќе  зависи од нас колку ќе успееме системот кој е поставен да биде квалитетно спроведен. Секојдневно ги снимаме сите тренинзи и секој нареден ден на видео сеанса го анализираме секој тренинг. Мојот стручен штаб има задачи да работи деноноќно. Работиме вредно и посветено, сигурен сум дека порано или подоцна тоа ќе ни се врати со добро. Репрезентацијата е светост и тоа мора така да го сфатиме и да го негуваме – смета Лазаров.

Последна сезона во кариерата

Кирил Лазаров најави дека ова ќе биде негова последна сезона како играч во богата кариера и засега опстојува на оваа идеја. Од првите ракометни чекори кои ги направи во родното Свети Николе, преку Борец (1995-1997) и Пелистер (1997-2000) каде во македонската лига го потврди големиот талент, а од 2000 година Лазаров игра во најдобрите европски клубови како Загреб. Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Во 2015 година со Барселона ја освои толку посакуваната титула во Лигата на шампионите.
– Ситуацијата со коронавирусот ги промени моите и плановите на мојот клуб Нант. Горд сум што сè уште на моја возраст придонесувам за клубот каде што играм и имам важна улога во сите успеси и неуспеси. Тоа претпоставените знаат дa го почитуваат и моето чувство е предобро. Никогаш не вели никогаш, но, мислам дека ДА, ова е моја последна сезона – вели Лазаров.

Тој веќе го направи првиот чекор во новата епизода во спортската кариера, седна на клупата на македонската репрезентација и за очекување е по завршување на богатата кариера да се пресели во тренерски води.

– Понуди допрва ќе има во таа нова кариера, доколку може така да се каже. Мило ми е што како играч така и како тренер првите чекори ги правам со мојата Македонија. Тоа е важен момент и како што истакнав, секогаш како и досега ќе работам за доброто на македонскиот ракомет и спортот воопшто. Тоа е мојата обврска.

Лазаров неодамна ја издаде втората автобиографска книга, но овој пак во „Секогаш за победа“ тој открива многу повеќе за себе.

– Автбиографијата „Секогаш на победа“ ја напишав со многу искреност и со вистински случки, храброст е да се одважиш да тргнеш во таков предизвик. Стојам позади се што е напишано. Реакциите се позитивни барем тие што стигаат до мене, з и да име негативни, би ги прифатил доколку се аргументирани. На Македонија и на нашата иднина им се потребни идоли и квалитетни примери од сите области од животот јас со гордост можам да кажам дека сум квалитетен спортски пример и идол на нашите нови генерации. Македонија имала и ќе има големи спортисти и затоа треба да ги чуваме и да ги негуваме – вели Лазаров.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот