Кинотека: Врачени се наградите „Златен објектив“

Наградата „Златен објектив“, која Кинотеката ја доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија, конечно, на 14 октомври, им беше врачена на годинашните лауреати.

Управниот одбор на Кинотеката на Северна Македонија уште во март годинава одлучи признанијата да им бидат доделени на актерот и режисер Коле Ангеловски и на костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ. Вообичаено наградата се врачува на роденденот на Кинотеката, 29 април, но ковид-ситуацијата тогаш го одложи врачувањето на „Златен објектив“.

На свеченоста во Кинотеката се обратија вишиот филмолог Петар Волнаровски, филмологот советник д-р Атанас Чупоски, кој темелно го анализираше уметничкиот и животен опус на Младеновиќ и на Ангеловски, а директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, им ги врачи пригодните плакети и значки „Златен објектив“. Разговорот со лауреатите го модерираше филмскиот критичар Стојан Синадинов.

Во своето обраќање, лауреатите на „Златен објектив“ го истакнаа значењето на кинотечната дејност, но и влијанието што кинотечната програма го имала во нивниот професионален опус. Коле (Никола) Ангеловски (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург, а се занимавал и со преведување на драмски текстови од француски јазик. При врачувањето на наградата, шеговито дофрли дека ја добил десеттата награда за животно дело, а во однос на својата работа рече дека „најубаво е да се биде актер во филм, а најтешко е да се биде филмски режисер“.

Покрај учеството како актер го голем број филмови од некогашната југословенска и македонска кинематографија, Ангеловски е режисер на три играни филмови: „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго во 1973 година, како и филмските комедии „Викенд на мртовци“ (1988) и „Ах, љубов моја“ (2017).

Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмски и театарски костимограф и моден дизајнер. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 г., по што се вработила во тогашната Радио-телевизија Скопје како костимограф за ТВ-серии, драми и забавно-музички емисии.

Автор е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на приближно 200 историски костими за восочните фигури изложени во поставки на Музејот на македонската борба и Археолошкиот музеј во Скопје.

При врачувањето на наградата „Златен објектив“, таа истакна дека најмногу ја сакала работата на филм, а нејзина костимографија е користена во „Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ и други. Предавала Историја на облека и Модно креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ, каде што се пензионирала.

Досегашни добитници на „Златен објектив“ се режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмологот и филмски критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографката Елена Дончева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 53, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот