Ќе се топи ли цинкова прашина пред носот на скопјани?

Едвај ја затворивме велешката, градоначалникот на Гази Баба сака да протне топилница за опасен отпад од тешка индустрија во урбано подрачје на Скопје, предупредува еколошкото здружение „О2 Иницијатива“ и ги повикува граѓаните да ја преплават Општината со забелешки против таквиот потег.

„Најпрвин со обидот да ја избегне задолжителната оцена на влијание врз животната средина, а потоа со  класификување на објектот со класата Е3.1 односно незагадувачка индустрија, градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски го сокрива фактот дека на локацијата се планира тешка и загадувачка индустрија. Со ова се планира да се прошири областа под загадувачка индустрија во општина Гази Баба и град Скопје“, се вели во реакцијата на „О2“ за случајот со планираната изградба на постројка за преработка на отпад на земјоделски површини зад сегашниот комплекс на фабриката Железара, во насока на населбата Бутел, за кој пишуваше „Слободен печат“.

Откако Министерството за животна средина ја задолжи Општината сепак да ја спроведе оценката за влијание врз животната средина, беше изработен нацрт-извештај за таквата оценка во кој се наведува дека ќе се преработува прашина од индустриски филтри, но воопшто не се спомнува какви технологии за преработка на отпад ќе се користат. „Спомнувањето на цинкова филтер прашина и згура упатува дека се планира носење на суровините од индустрискиот комплекс ‘Железарница’ и дека на локацијата ќе се преработува отпад од ‘Макстил’“, велат од „О2“. Според еколозите, цинковата прашина всушност претставува опасен отпад и неговата преработка вообичаено се врши во електролачна печка, така што влијанијата од преработката на филтер прашината се слични со оние од самата преработка на челик.

Општина Гази Баба упорно молчи иако поминаа цели три недели откако се упатени прашања за појаснување во врска со тоа што се планира со трите урбанистички проекти вон опфат за урбанистички план за уредување на земјиште со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад на дел од катастарската општина Старо Скопје, кои се државна сопственост, а кои Општината сака да ги продаде на неименуван инвеститор.

Во меѓувреме, градоначалникот Георгиевски во дел од медиумите изјави дека е шпекулација дека на таа локација ќе се прави фабрика за отпад, односно дека не се предвидува развој на тешката индустрија, освен таа што веќе постои во рамките на „Железарница“.

Уште неколку дена трае рокот за доставување на забелешки од страна на граѓаните во врска со предложената оценка на влијание врз животна средина за овој простор, по што градоначалникот има право да ја одобри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот