Ќе се чисти малата депонија во ОХИС, големата ќе почека

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Македонија побара меѓународна помош во справување со отровното наследство на некогашната фабрика за органоско-хемиски производи. Проценките се дека за целосно решавање на проблемот со линданот на ОХИС ќе требаат помеѓу 40 и 260 милиони евра, во зависност од обемот на работите и од технологијата која ќе се користи.

Една година откако беше најавен, процесот на чистење на линданот што останал во почвата во кругот на некогашната хемиска фабрика ОХИС на периферијата на Скопје конечно тргна од мртва точка. Министерот за животна средина Насер Нуредини на прес-конференција во петокот објави дека е избрана компанија која ќе ја чисти малата депонија сместена во дворот на фабриката и дека наскоро ќе биде соопштено не само нејзиното име, туку и технологијата која ќе се користи за чистењето на опасната хемикалија, како и рокот до кој тој процес треба да заврши.

Засега анализите потврдиле две локации на депонии на линданот – мала и голема. Двете заедно, според проценките на стручњаците, како и Министерството за животна средина, базирани, меѓу другото и на кажувањата на некогашни вработени во ОХИС, содржат некаде помеѓу 50 и 70 илјади тони опасен отровен материјал и контаминирана почва.

Малата депонија ќе се чисти две години, за другите допрва ќе се одлучува

Иако засега не е официјално потврдено, со голема веројатност се смета дека освен овие две, постојат и други локации на кои е закопан линданот на ОХИС, од кои едната е сместена на самото излетничко место Пеленица кај скопската населба Драчево.

Македонија побара меѓународна помош во справување со отровното наследство на ОХИС. Организацијата за индустриски развој на Обединетите Нации УНИДО распиша меѓународен тендер за чистење на малата депонија, на кој по многу одложувања конечно беше избрана компанија, која во рамките на својата понуда треба да предложи и најсоодветна и најприфатлива технологија за чистење на опасната хемикалија. Од Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи – ПОПС, при Министерството за животна средина и просторно планирање, велат дека депонијата треба да биде исчистена приближно за две до три години. Начинот на кој ќе се чисти, односно дали ќе се донесе технологија на лице место, или пак ќе се пакува и изнесе отпадот надвор од државата, сè уште не се соопштува.

Оттаму велат и дека е неблагодарно да се предвидува колку време ќе помине додека не се реализира чистењето и на големата депонија со линдан, бидејќи се работи за скап и долготраен процес.

Проценките се дека за целосно решавање на проблемот со линданот на ОХИС ќе требаат помеѓу 40 и 260 милиони евра, во зависност од обемот на работите и од технологијата која ќе се користи. Засега со пари од Владата и преку донации се обезбедени средства само за малата депонија.

Од гордост на некогашен ОХИС до забрана поради токсичност

Од она што сега се знае за линданот, чие хемиско име е хексахлороциклохексан ХЦХ (HCH), тој масовно се користел во светот како пестицид за земјоделско производство уште од 50-те години на минатиот век, произведуван во повеќе фабрики во светот, меѓу кои била и некогашната Органско-хемиската индустрија од Скопје (ОХИС). Откако била утврдена неговата висока токсичност по целокупниот жив свет, линданот со многу меѓународни конвенции бил забранет уште во 1980 година, но неговата масовна употреба на глобално ниво опстојувала сè до 2000 година. Во Европската Унија линданот и сите други производи кои содржат ХЦХ се дефинитивно забранети во 2008 година.

Македонскиот хемиски гигант ОХИС прекинал да го произведува линданот во 1977 година, по што сите заостанати количества на опасниот пестицид, како и хемиските компоненти кои се користеле во неговото производство, биле спакувани во буриња и грубо затрупани со земја на неколку локации во кругот на фабриката. Се претпоставува дека одредено количество било закопано и надвор од него. Експертските сознанија од изминативе неколку години укажуваат на тоа дека опасната хемикалија не само што го контаминирала просторот непосредно околу складираниот линдан, туку и почвата со која тој бил покриен, како и подземните води до кои отровното соединение стасало откако бурињата во кои бил складиран кородирале.

Линданот во крвта на девојчиња од 8 години со преран пубертет

Отровниот линдан, закопан неколку метри под земја во дворот на поранешната фабрика Охис, со децении наназад, бавно, но постојано го труе скопското население. Не само што ја затрул непосредната околина во која е закопан, тој уште децении наназад продрел до подземните води кои гравитираат кон реката Вардар, а ја загадил и почвата со која бил покриен, која денес се разнесува со посилни ветришта на поголеми дистанци.

Во 2007 година било направено едно истражување на токсини во крвта кај 56 девојчиња, на неполни осум години, кај кои настапил предвремен развој на млечни жлезди како вовед во пубертет и се покажало присуство на линдан кај 10 отсто од тестираните деца. Девојчињата биле од различни делови на Македонија, а најмногу  40 од нив биле од Скопје. Во студијата се констатира дека покачените нивоа на линдан кај оваа популација треба дополнително да се испитаат.

Нема информации дека по оваа се правени други испитувања за штетните ефекти врз здравјето на луѓето кои биле изложени на линданот од Охис.

Случајот со фабриката на германскиот гигант БАСФ

Историски индустриски отпад од типот на линданот на ОХИС е проблем во огромен број земји во светот. Од него не куртулиле ниту најразвиените како Германија, која имала 10 фабрики во кои се произведувал линдан. На својата територија, Германија денес има осум локации со отпаден линдан, од кои само на дел е извршена т.н. ремеријација.

Германскиот и светски хемиски гигант БАСФ во свој хемиски комплекс произведувал линдан од 1955-1966 година. Се проценува дека околу 780.000 кубни метри отпад (вклучувајќи и HCH-отпад) е исфрлен на поранешен земјен ископ, при што било контаминирано земјиште од 4,5 хектари. Во 1972 година, на местото на депонијата со линдан бил изграден шопинг мол на таа локација, што работел до 1999 година.

Во 1990 година бил инсталиран систем за заштита кој црпел подземна контаминирана вода и ја носел во инсталациите на BASF на третман. Во 2000 година, молот е урнат. Иако првично било планирано целосно да се елиминира отпадот, во 2009 год решено е да се запечати (затвори) површината, да се изврши дренажа и мониторинг на подземни води. Поради докази за загадени подземни води, во 2016 одобрена е програма за деконтаминација и рехабилитација преку ископување на почва и поставување на непропустлив површински слој. Направени се нови бушотини за црпење подземна вода и пиезометри. Во 2018 год почнала ремедијација на подземните води.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот