Ќе падне ли бугарско(то) вето?

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Политичката клима е поволна, да не може да биде поповолна. Се чини дека таква евроатлантска и регионална едногласност одамна немало. Но, можеби токму затоа почнува да нѐ јаде некое „шубе“. Како да е нешто премногу добро за да биде вистинито.

На нешто повеќе од една недела пред Самитот на Европскиот совет, на кој треба да се донесат некои за нас судбоносни одлуки, никој жив со сигурност не може да каже дали Бугарија ќе ја тргне својата блокада, а Македонија конечно ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија. Берем не повеќе отколку што синоќа некој, при резултат 1:1, можеше да прогнозира како ќе заврши натпреварот Македонија-Австрија. Јас на пример бев уверен дека ќе биде 2:1 за Македонија. Нашите репрезентативци ми изгледаа поенергични, помотивирани и повешти, и мислев дека прашање е на минути кога ќе го видиме вториот гол и ќе ја славиме првата победа на едно европско првенство. Но, не испадна така. Впечатокот знае да лаже.

А каков е впечатокот пред овој друг европски „натпревар“, во не толку споредната игра наречена политика? Подобар не може да биде, во наша полза, очигледно.

Откако португалскиот министер за надворешни Силва, како претседавач со Унијата, и еврокомесарот за проширување Вархељи, ги посетија регионалните престолнини и го презентира својот план, патоказ, или „роуд мап“, се вклучи моќната дипломатска машинерија. Високи посети и изјави од највисоки инстанци во ЕУ плуштеа од разни страни како дождови, сите со иста порака – нужно е симнување на бугарското вето! Бугарскиот претседател Радев дури се пожали дека „станал многу интересен“ за разни државници, ама тоа не сакаше да го нарече „натиск“. Со право, зашто „натискот“ допрва следуваше.

Заев беше угостен во Париз, со третман, иконографија и тајминг, кои најречито говореа за безрезервната француска поддршка за преговори со Македонија (и Албанија), веднаш! Макрон овој пат одбра зборови многу поинакви од неговите поранешни изјави за проширувањето, секогаш недоречени и условени. Дури и Холандија се јави да потсети дека нејзините поранешни резерви кон Албанија не важат веќе. Се виде дека од сите страни дува некој поинаков ветар.

Американската администрација од највисоко ниво ги искажа своите очекувања за почеток на преговори за Македонија и за Албанија, патем објавувајќи, случајно или не, извештај за степенот на корумпираност на бугарското општество, како и „проширување“ на својата црна листа со противниците на Охридскиот и на Преспанскиот договор, потцртувајќи со тоа колку ѝ е важна стабилноста на Западниот Балкан. Кабинетот на Бајден соопшти дека Западниот Балкан ќе биде една од важните теми на неговата европска турнеја, која, по средбата со европските лидери на 15 јуни во Брисел, следниот ден предвидува и тешка средба со Путин. Тоа на Бугарите би требало да им укаже дека се игра „крупна партија“ и дека нивните есапи може да послужат како ситен жетон.

Освен тоа, неодамна се случи и исклучително позитивен самит на земјите од Западен Балкан во Тирана, а денеска (понеделник) во Брисел почна самит на НАТО на кој Северна Македонија учествува за првпат како полноправна членка. И тоа е прилика, претпоставувам, ако не за дополнителен „натиск“, тогаш за едно сојузничко убедување на Бугарија дека тргањето на ветото е вистинскиот потег.

Со еден збор, политичката клима е поволна, да не може да биде поповолна. Се  чини дека таква евроатланска и регионална едногласност одамна немало.

Но, можеби токму затоа почнува да не јаде некое „шубе“. Како да е нешто премногу добро за да биде вистинито. И веднаш се сеќаваме на горкото искуство од самитот на НАТО во Букурешт во 2008, каде американскиот претседател Џорџ Буш буквално до полноќ даваше изјави дека Македонија ќе стане членка на Алијансата, но тоа не се случи – Грција го искористи правото на вето. Тоа беше студен туш за американската дипломатија, а за нас траума и – лекција: дипломатската волја, дури и од највисоко ниво, изгледа некогаш не е доволна.

Дали идната недела може да ни се повтори Букурешт? Колку и да сакаме и да се надеваме на добри вести од Брисел, таа опасност не треба сосема да се отфрли. Како што рековме погоре, впечатокот знае да излаже. А кој „Букурешт“ би бил тоа по ред за Македонија? Зависи, дали се смета и оној од 1913, дали и овој најновиот, фудбалскиот, од неделата вечерта. Но, не треба да очајуваме, изгубена битка не значи и изгубена војна. Да го парафразираме Ниче, секој Букурешт што нема да нè убие, само нѐ прави посилни!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот