Казни, дури и затвор за сопствениците што малтретираат коњи

Со кампања треба да се подигне свеста на сопствениците и одгледувачите на коњи што се користат за влеча, превоз и работа, како и свеста за опасноста од учеството на оваа категорија животни во сообраќајот.

Слики од изнемоштени, изгладнети и жедни коњи по скопските улици, кои влечат импровизирани приколки со преголем товар, но и тажни фотографии од овие животни оставени да умираат по градските улици честопати споделуваат граѓаните и здруженијата за заштита на животни по социјалните мрежи. Тие со години апелираат да се заштитат коњите од тортурата што нивните сопственици ја вршат врз животните и бараат да се одредуваат казни за сопствениците, какви што предвидуваат постојните закони, а во практика не се изрекуваат.

Агенцијата за храна и ветеринарство конечно реши да се заложи за овие животни и вчера почна кампања за подигнување на свеста на сопствениците и одгледувачите на коњи што се користат за влеча, превоз и работа, како и подигнување на свеста за опасноста од учеството на оваа категорија животни во сообраќајот.

Според АХВ, при одгледувањето коњи, како и сите други животни, клучно е унапредувањето на нивната здравствена заштита и благосостојба, но и законската одговорност на секој сопственик.

– Не само парични, туку и затворски казни се предвидени за сопствениците што несоодветно ги третираат коњите, ги измачуваат и ги оптоваруваат повеќе од она што физиолошки можат да издржат – истакна директорот на АХВ, Зоран Атанасов, најавувајќи  го почетокот на кампањата.

Тој информира дека во изминатите години биле доставени голем број претставки од невладини организации и од граѓани за негрижа и несовесно однесување.

Контролите на ветеринарните инспектори покажале дека здравствената состојба на коњите е лоша и дека животните се изнемоштени. Атанасов потсети дека според законските прописи во земјава, секое предизвикување болка, повреда и секое нехумано однесување кон овие животни е казниво дело. И во кривичниот закон измачувањето на животните претставува кривично дело, а сторителот може да се заврши и во затвор.

Почетокот на кампањата беше означен со координативен работен состанок во АХВ меѓу претставници на Министерството за внатрешни работи, ЗЕЛС, Градот Скопје, Општина Шуто Оризари и на Коњичката федерација на Македонија. На состанокот, како што информира Атанасов, станало збор за актуелните прашања и за изнаоѓање решенија во однос на подигнувањето на свеста на сопствениците за здравствената заштита и благосостојбата на работните коњи.

– Освен што негрижата значи загрозување на благосостојбата на животното, претставува и загрозување на благосостојбата на сопствениците зашто коњите се и вид економски ресурс, кој овозможува остварување финансиски средства за издржување семејствата – напомена директорот.

Кампањата е една од компонентите на кампањите за подигнување на јавната свест за благосостојбата на животните во рамките на проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи“, што АХВ го реализира со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на ИПА 2015. Проектот е составен од неколку компоненти и изнесува 1,6 милиони евра.

Официјалните податоци покажуваат дека во земјава има 8.373 коњи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот