Кауза за спасот на Македонија!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Сега е моментот за помирување на македонските партии за да се заузда криминалот, да се спречи крчмењето на државата, уценувањето и расцепувањето на земјата, за конечно државата да застане на своите нозе! Затоа, ајде сите заедно да се заложиме за оваа кауза!

Неодамна си ветив дека нема да пишувам колумни, зашто видов дека од тоа ништо не видов. Никакво фајде нема од моето пишување и кажување на вистината. Се случува исто како во народните поговорки за лаежот на кучињата по карванот и чешлањето на бабата додека гори селото, на што ве потсетувам да си ги спомнете поуките! Значи, не го исполнив ветувањето, зашто не можев да издржам мирно да седам и да ги набљудувам случувањата, а ја знам обврската што ја имаат новинарите, поетите и писателите, која им наложува во вакви услови кога пропаѓа државата, бездруго први да го кренат гласот, да ги лоцираат проблемите и да дадат насоки за решавање?!

Веќе ми стана дегутантно да ги набројувам сите небулози и глупости што ни ги сервираат надлежните како успеси на владеењето апропо или версус, како што вели еден „невладин“ угурсуз, на противењето на опозицијата?! Затоа и не знам што побргу да кажам за спротивното да го докажам?! Попрво се сетив на еден свеж пример од морето негативности што не можат да се набројат на дневна основа, па сакам и вас да ве потсетам.

Станува збор за некаква индивидуална пресметка на македонски државјани, кога бугарското водство експресно реагираше, божем се нејзини граѓани и „ни пет ни шест“ се дрзна да испрати „воен“ авион за спас на натепаниот преземајќи го во своја надлежност за „лекување“.

Наместо да се засрамат водачите на институциите и државнички да постапат, министерот наш Албанец за надворешни работи, „нозете да му се позлатат“, со спринт отрча во Софија да го посети „беспомошниот“ и да му се извини, зашто овие нашиве не знаеле дека е наш граѓанин, наедно „дилер“, односно „консумент“ на опојни дроги, односно ништо не би било вака за да ни создава мака?!

Не знам колку ме разбравте, но работата и не е толку за разбирање колку што е за чудење и за жалење?! Ова е уште еден апсурден раритет и невиден светски негативен преседан во политиката и во дипломатијата?!

„Ненајавеното“ доаѓање на авионот може да се толкува и како повод или најава за инвазија во услови на нашава системска абразија?! Истото може да се поврзе и со заканата за убиство на македонскиот претседател, која нашите „одговорни“ водачи, ај што не ја виделе, зашто е вербална, туку и оглувеле, демек со сигурност не ја слушнале?!

Ама, бидете мирни и умни бе луѓе и наведнете ја главата уште подолу до земја, за да не ги налутиме Бугарите, зашто уценувачкото вето за влез во ЕУ нема никогаш да се крене, ниту во кое било време?! Ете, кон каде стремиме и во каква демократија живееме?!

Не знам дали ова требаше да го спомнувам и кажувам, бидејќи како тргнала работата ќе ме обвинат дека лиферувам лажни вести и ширам говор на омраза?! Сега вистината стана невистина зашто се извртува и превртува од новинарски натрапници, од послушници колумнисти, пропагандисти, камуфлирани полтронисти, разноразни корумписти и за такви дејанија специјалисти. Но, зарем не е вистина дека тонеме во сиромаштија, дека најмалку се води сметка за стандардот на граѓаните, за економијата, за социјалната заштита, за унапредување на здравството, на образованието (безучебничко) и културата, како и на сите продуктивни дејности. Криминалот и корупцијата навлегоа во сите пори на животот и општеството, а правото и правдата ги нема никаде?!

Власта блефира дека нешто работи и прави за ништо да не направи. Сега главно е фокусирана на создавањето парламентарно мнозинство за отворање на Уставот и за доисполнување на сите барања на Бугарите и на Албанците. Демек, уште ова требало да се оствари за да се отвори некаков кластер за почеток на преговорите со ЕУ и со фластер да им се затвори устата на граѓаните за да поверуваат дека навистина „чесно“ се работи?!

Се откажав од набројувањето и на други негативности што ја урнаа државата во бездна, зашто сакам да предложам како да ја извадеме оттаму и да го побараме излезот од тунелот?! Веднаш ми дојде наум дека треба да се послуша и почитува гласот на граѓаните! Најпосле, зошто не се земе пример од нашиве Албанци во најдоброто и најлошото сите да си подадеме рака и да се сплотиме! Нели се сеќавате колку беа раскарани нивните партии, а еве сега одеднаш што е чудно, но вистинито, една на друга си целиваат рака, демек најдоа заеднички јазик докрај да се нафатираат и да си ги остварат своите цели?!

Значи сега е моментот за подавање рака и за помирување на македонските партии за да се заузда криминалот и да се спречи крчмењето на државата. Така ќе запре уценувањето и расцепувањето на земјата, ќе се отстрани подаништвото и расипништвото и конечно ќе застане државата на своите нозе! Затоа, ајде сите заедно да се заложиме и да застанеме зад оваа кауза за спасот на Македонија!

Авторот е писател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот