Катарските власти 30 часа држеа во притвор норвешки новинари кои известуваа за кршење на човековите права

Катар ќе биде домаќин на Светското првенство во фудбал 2022 година/ фото: EPA/STR

Двајца новинари на норвешката телевизија НРК денеска пристигнаа дома откако во Катар беа притворени на 30 часа бидејќи известуваа за проблемите на работниците мигранти во државата домаќин на Светското првенство во фудбал.

Халвор Екеланд и Локман Горбани беа во Катар кој во неделата одбележа една година од почетокот на Мундијалот кој ќе се игра од 21 ноември до 18 декември идната година.

Катар се наоѓа под голем меѓународен притисок поради лошиот третман кој го имаат работниците што работат на изградба на стадионите, а организациите за човекови права бараат реформи во оваа држава богата со нафта.

Двајцата норвешки новинари беа уапсени во понеделникот наутро додека известуваа во живо од мигрантски камп, а полицијата притоа ги избришала снимките од нивната опрема.

Катарската влада ги обвини за „упад во приватна сопственост и снимање без дозвола“, притоа потенцирајќи дека анонимниот сопственик повикал полиција.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере веднаш реагираше на веста и преку Твитер порача дека апсењата не „неприфатливи“.

„Слободните медиуми се клучни во функционалната демократија. Уште еден доказ за тоа е доделувањето Нобеловата награда за мир на новинарите. Среќен сум што Халвор Екеланд и Локман Горбани се ослободени“, напиша премиерот Стоере.

Осуда за апсењето на новинарите дојде и од фудбалската федерација на Норвешка и новинарскиот синдикат на оваа скандинавска држава.
-Убаво е повторно да се биде дома во Норвешка. Тоа беше голем предизвик, но знаевме дека многу луѓе работеа за нашето ослободување – изјави Екеланд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот