Канадски професор предупредува: Канаѓаните да се спремат за диктатор во Белата куќа до 2030 година!

Насилствата од 6 јануари 2021 година би можеле да се повторат и во 2025, смета канадскиот експер
Насилствата од 6 јануари 2021 година би можеле да се повторат и во 2025, смета канадскиот експерт/Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

До 2025 година би можела да се урне американската демократија, предизвикувајќи екстремна политичка нестабилност и општи граѓански насилства во САД. До 2030 година, ако не и порано, Америка може да биде владеена од десничарска диктатура, пишува Хомер-Диксон

Соединетите Американски Држави може веќе до 2030 година да станат десничарска диктатура, предупредува канадскиот професор по политички науки Томас Хомер-Диксон, повикувајќи ги своите сограѓани да се заштитат себе си од можниот колапс на американската демократија.

– Не смееме да ги отфрлиме овие можности само затоа што се чини лудо или премногу ужасно да се помисли на нив – истакнува во колумна Хомер-Диксон, основач на институтот Каскада на Универзитетот Ројал Роудс во Британска Колумбија.

Во колумната во весникот „Глоуб енд мејл“ тој предупредува дека подеднакво неверојатно звучеле и предупредувањата во 2014 година дека Доналд Трамп би можел да стане претседател на САД.

– Денес живееме во свет во кој апсурдите редовно стануваат реалност. До 2025 година би можела да се урне американската демократија, предизвикувајќи екстремна политичка нестабилност и општи граѓански насилства во САД. До 2030 година, ако не и порано, Америка може да биде владеена од десничарска диктатура – пишува Хомер-Диксон.

Канадскиот политиколог не исклучува сценарио според кое Трамп би можел да се врати во Белата куќа по изборите во 2024 година, на кои институциите под контрола на републиканците би одбиле да признаат победа на демократскиот кандидат. При таков развој на настаните Трамп би имал само две цели, одмазда и потврдување на лагата дека на изборите во 2020 година изгубил од Џо Бајден поради изборна измама, смета експертот специјализиран за проучување насилни конфликти.

Трамп би можел да победи во реваншот со Бајден, смета Томас Хомер-Диксон /Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Тој ги повикува Канаѓаните уште од сега да се подготвуваат за „кризата што се отплеткува“.

– Ужасна бура доаѓа од југ, а Канада е сосема неподготвена. Во изминатата недела ние го пренасочивме вниманието кон внатре, разнишани од предизвиците на ковид-19, помирувањето и засилените последици од климатските промени. Но, сега мораме да се фокусираме на итниот проблем што ќе правиме со веројатното уривање на демократијата во Соединетите Држави. Мора да почнеме со целосно препознавање на големината на опасноста. Ако Трамп повторно биде избран, дури и при најоптимистичките сценарија, не ќе може да се набројат економските и политичките ризици за нашата земја – пишува Химер Диксон.

Помалку оптимистичкото сценарио што го наведува канадскиот политиколог е идната администрација на Трамп да го загрози и северниот сосед на САД.

– Кумулативниот ефект од ризиците за нашата земја ќе биде егзистенцијален, многу поголем од кој било друг во историјата на нашата федерација. Што би се случило, на пример, ако високи политички функционери соочени со гонење пребегаат во нашата земја, а режимот во Вашингтон побара да им ги испорачаме. Ќе го направиме ли тоа? – истакнува експертот.

Канадскиот политиколог смета дека Трамп и неговите најгласни следбеници, како Такер Карлсон од телевизијата „Фокс њуз“ или конгресменката Мерџори Тејлор-Грин, ја трансформирале републиканската партија во „речиси фашистички култ на личноста“, што го смета за „идеален инструмент за разбивање на демократијата“.

– Што е уште полошо, Трамп можеби е само загревање. Враќајќи се во Белата куќа, тој ќе биде ѓулето што ќе ја разурне димократијата, но процесот ќе произведе политичка и социјална катастрофа. Преку таргетирани напади, тој би можел да ги истенчи редовите на политичките противници во државата, бирократите, функционерите и технократите што независно од партиската припадност ги надгледуваат функционирањето на основните институции и владеењето на правото. Тоа ќе создаде сцена за настап на поспособен владетел, за да воведе ред во хаосот што го создал господинот Трамп – предупредува канадскиот политиколог Томас Хомер-Диксон во колумна во весникот „Глоуб енд мејл“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот