Како се подготвува македонската економија за опоравување? Прво ќе проработат кафеаните, а кога ќе се патува во странство – кризата завршила

Македонија Скопје ковид-19 коронавирус маска маски
Жена со заштитна маска на ул. Македонија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На непрехранбениот сектор ќе му треба подолго време да се опорави и да почне да произведува како порано затоа што ќе се соочи со намалена побарувачка.

Отворени кафулиња и кафеани, но со седење преку една маса, во „денска шема“, отворени кладилници и повторно одење во молови, но проретчено и со дезинфекциски средства поставени на влезовите, е она, што според сегашните најави и размислувања, може да се очекува како прв знак на нормализирање на животот и враќање на економската активност во државата.

Во европските земји веќе почна да се најавува враќањето на нормалниот живот, а и македонската влада излезе со најави дека прави сценарија за да почне рестриктивно да се враќаат во живот кафеаните, продавниците и производствените погони. Но, кога реално тоа ќе се случи и со каков разработен план, тоа засега никој не може да го каже. Престижниот Универзитет Харвард објави студија според која социјалната дистанца можеби ќе мора да се држи до 2022 година!

Помалку пари и страв од купување

Според претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, рестораните и кафулињата кои прво се затворија, прво и ќе се отворат.

– На луѓето после овој период ќе им треба една издишка. Ќе се отворат и хотелите, макар и со рестрикции. Веднаш штом ќе се укаже првата прилика за тоа, луѓето што отворале хотели и ресторани со свој капитал, што ги вложиле своите судбини, подигале кредити, ставале хитпотеки на станови, ќе направат се за да нивниот бизнис проработи веднаш – вели Димитров.

Но, тој предупредува дека на непрехранбениот сектор ќе му треба подолго време да се опорави и да почне да произведува како порано.

– Речиси сите бранши се погодени и ако се намалат платите, работнците ќе имаат помалку за трошење, а од друга страна, кај луѓето подолг период ќе има страв од неизвесност и тие нема да се осмелуваат да купуваат нешто што не им е неопходно. Еве сега текстилните компании од Македонија кои главно работат за Германија чекаат таму да се отворат продавниците, но и да се вратат купувачите во нив – вели Димитров.

Извозните компании ќе чекаат побарувачка

Секако, стравот од неизвесноста и загубените приходи не е само наша карактеристика, тоа ќе се случува во целиот свет и затоа се оценува дека најдоцна ќе се опорави автомобилската индустрија како најлускузна. Со автомобилската индустрија пак, се поврзани странските компании што работат кај нас.

Според Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство кои создаваат 60 отсто од нашиот извоз, веќе нема проблем со набавка на репроматеријали и компоненти од Кина, но сега проблемот е на страната на побарувачка, затоа што овие компании главно произведуваат делови за автомобилската индустрија.

–  Во Кина 99 отсто од компаниите работат, но 70 отсто од луѓето се вратени на работа. Тие произведуваат за кинескиот пазар. Секторот што е поврзан со автомобилската индустрија побавно ќе се опоравува. Тој зависи од тоа дали неговите дилери се отворени, потоа од направените залихи и на крај кој ќе купува возило кога на берза загубил големи пари. Во Европа, според најавите, фабриките за автомобили ќе се отвораат од почетокот на мај до средината на јуни, но ќе работат со редуциран капацитет – вели Мизо.

Што се однесува до ударот врз македонскиот извоз, фабриката „Џонсон Мети“ што работи во Македонија, прави годишен извоз од 1,8 милијарди евра, а таа веќе не работи три недели. Тоа е веќе кусок од околу 100 милиони евра, а овие пари за Македонија многу значат.

Со страв и скромен џеб најмногу до Охрид

Со рестрикции и ограничено производство во многу дејности, се очекува да се дочека летото. Сепак, според духот и менталитетот на нашиот народ, се очекува тој да успее да си дозволи по некое задоволство.

Според сегашното расположение, за почеток, со намалени приходи и со доза на страв, хотелиерите сепак се надеваат дека граѓаните ќе се свртат кон домашниот туризам. Во туристичките агенции се уште стојат дел од уплатите за летување во септември во Грција, но еден дел, дури и за овој термин си ги побарале парите назад.

– Летната сезона е пропадната. Цела среќа што Министерството за економија ја донесе одлуката согласно која им даваме ваучери на граѓаните што веќе платиле за јуни, или за некој друг месец, па со тоа земаме обврска да им овозможиме летување кога ќе заврши здравствената криза. И ние веќе сме дале пари за да ги резервираме одмаралиштата. А во сите земји каде што сме направиле резервации, и во Грција, и во Шпанија, и во Турција ни велат да почекаме да видиме што ќе се случува и не ни враќаат пари – вели Миле Спировски, претседател на Асоцијација на туристички агенции на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот