Како Челси потроши 250 милиони евра за засилувања и не се наоѓа под лупа на УЕФА

„Сините“ се расфрлаат со пари во време кога фудбалот е погоден од финансиска криза предизвикана од пандемијата на коронавирус.

Иако летниот преоден рок се уште трае, Челси е убедлив победник трошејќи речиси 250 милиони евра за шест засилувања со кои стана еден од главните фаворити за титулата во Премиер лигата.

Тимо Вернер/фото: твитер

Челси ова лето ги ангажира Тимо Вернер за 53 милиони евра, Бен Чилвел за 50.2 милиони, Хаким Зијех за 40 милиони, како слободни играчи дојдоа Тијаго Силва и Маланга Сар, а се очекува „сините“ да фрлат уште 100 милиони евра за Каи Хаверц. Минатата сезона поради забраната за регистрирање на нови играчи, платија само 45 милиони евра за откуп на договорот на Матео Ковачиќ.

Марина Грановскаја

Сите знаат дека сопственикот Роман Абрамович нема проблем да истресе милиони евра во клубот, но тука е и Марина Грановскаја сето тоа умешно да го „спакува“ за „сините“ да не се најдат на удар на УЕФА поради финансискиот фер-плеј. Додуша Челси заработи двегодишна казна од УЕФА за забрана на купување играчи, но поради неправилни трансфери на млади фудбалери. Токму поради големото расфрлање со пари, летните потези на Челси се најдоа на анализа кај економистите кои сметаат дека е се чисто во книгите поради една работа.

Заклучокот е дека станува збор за „амортизација“.
Имено, Челси во изминатите две години продаде фудбалери во вредност од 231.7 милиони евра, а највеќе пари донесоа Еден Азар (115 милиони) и Алваро Мората (57 милиони).

Еден Азар/EPA-EFE/MAXIM SHIPENKOV

Според „амортизацијата“, сумата од 231.7 милиони евра е поголема во финансиските книги од летово потрошените 250 милиони евра. Причина за тоа е едноставна: Кога се носи нов играч платената сума за обесштетување се книжи подеднакво на сите години додека трае договорот, а кога фудбалерот се продава целата сума се книжи веднаш во тековната година.

Алваро Мората/ EPA-EFE/NEIL HALL

На пример, Челси го плати Вернер 53 милиони евра и потпиша петгодишен договор, па така во финансиските книги на клубот тој трансфер се води како минус од 10 милиони евра годишно. Доколку Челси одлучи да го продаде Вернер по три години, во финансиските книги ќе мора да заведе дека трошокот за трансферот на германскиот репрезентативец изнесувал нешто повеќе од 30 милиони евра, а на колку што летово плати (53 милиони).

Кога Марота беше продаден за 57 милиони евра Челси во своите книги заведе дека вредноста на Шпанецот по две години на „Стемфорд бриџ“ изнесува околу 27 милиони евра иако тој е платен 66 милиони евра. Според правилникот на ФИФА и УЕФА, фудбалерите се водат како инвестиција за екипите и тие имаат одредена ведност.

Кога ќе се погледнат сумите од продажба и купување, видливо е дека Челси е во минус од 10 милиони евра, но во финансиските книги стои дека тие се во плус околу 29 милиони евра. Челси е во плус бидејќи од тие 66 милиони евра колку што го платија Мората, дури 37 милиони евра се „амортизирани“ со неговата продажба по само две години…

Исто така голем удел во финансиите имаат и платите на фудбалерите па така Челси на прекинувањето на соработката со Гери Кејхил, Вилијан, Педро… заштеди околу 50 милиони евра.

Кога ќе се соберат сите работи, Челси иако потроши околу 250 милиони евра, сепак се наоѓа во плус и не е во опасност од нова истрага од страна на УЕФА која дозволува екипите во тригодишен период да пријават минус од најмногу 30 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот