Кај поранешна „Алумина“ ќе се гради комплекс од згради, две од нив високи по 35 ката

Фото: Општина Карпош

На просторот кај некогашната фабрика „Алумина“, во населбата Тафталиџе, се планира изградба на комплекс на згради со различна катност, меѓу кои двете највисоки ќе бидат со по 35 ката, поточно со приземје и 34 ката. Едната од нив, според предложениот Детален урбанистички план, е наменета за деловни простории, додека другата ќе биде станбена зграда. Покрај нив, на овој простор ќе има и две 14-катници, една десеткатница и две згради на 9 ката, сите наменети за домување.

Според она што може да се види на 3Д приказот во прилог на јавната презентација на ДУП за Градска четврт 3 06, блок 11, објавен на веб-страницата на Општина Карпош, на просторот ќе се изградат модерни згради, со зелени тераси и покриви, а меѓу објектите ќе има зеленило и пешачки патеки.

Станува збор за плански опфат кој се наоѓа меѓу улицата Прашка, булеварите 8 Септември и Митрополит Теодосиј Гологанов, како и новопроектираната улица С6. Предлог ДУП-от во моментов е на јавна анкета, која ќе трае до 15 декември, а на 12 декември ќе се одржи и јавна презентација во просториите на Општината, каде граѓаните кои живеат во овој плански опфат можат да доставуваат и анкетни листови секој работен ден од 7.30 до 15.30 часот.

Фото: Општина Карпош

На она што го нуди предложениот ДУП на својата фејсбук страница реагираа од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“, кои во изминативе две години се најгласни и најупорни во борбата за хумано живеење во Општина Карпош.

Кај повеќето ДУП-ови има скриени податоци за кои треба детална анализа. Кај некои треба да се фокусираме на парцелите на кои нема ништо за да видиме колкава зграда е планирана и чиј е плацот. Најчесто тие ДУП-ови се носат баш за тие 1-2 згради кои излегуваат од параметрите од останатите објекти во населбите. Ама план како овој за „Алумина“ до сега не сме виделе. Кај другите ДУП-ови се жалевме дека планирале малку зеленило и не доволно простор за објекти од јавен интерес ( градинки, училишта.). Во ДУП за Алумина нема ни скриени податоци. Јасно е што се прави. Таму има само грст згради од 9, 11 и 14 ката. И две згради-монструми од 35 ката – коментираат од граѓанското здружение „Борба за Влае“.

Според нив, планот личи како градоначалникот да не се грижи за општината, за Тафталиџе и за целиот град, како да не се грижи ниту за својот углед.

За парцелата кај Алумина организираа партиципативни фокусни групи со невладини организации и граѓани. И на крајот што предлагаат за Алумина? Мега објекти од 35 ката. Ниту парк ниту нешто од јавен интерес. За градска четврт во која нема жители што можат да се пожалат на анкетниот лист бидејќи таму имаше фабрика, не домови, а Општината не дозволува да реагираат другите жители ниту ги зема предвид коментарите од алатката е-урбанизам, се планираат 35-катници и не се дозволува соседите да дадат мислење – велат од „Борба за Влае“.

Оттаму додаваат дека северно од тие 35- катници, преку една мала уличка, има куќи и зградички кои таму постојат со децении и немаат право да се пожалат за тоа што ќе им биде одземена сончевата светлина.

 Овој предлог ДУП со 35- катници не е предлог кој би го прифатиле советниците. Овој предлог ДУП со 35катници е порака од градоначалникот за нив и за сите жители.Зградите во Алумина од 35 ката се врв на алчноста и непочитувањето кон сите жители на Карпош – сметат од граѓанската група.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот