Кај нас доаѓаат келнери од Непал, нашите заминуваат во Хрватска

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Понудите за работа на хрватското приморје и понатаму се нижат, а не стивнува и интересот на нашите работници за сезонска работа на море. Охридските угостители тврдат дека почнал увозот на угостителски работници кај нас

Угостителите се загрижени како ќе ја истераат сезонава. Во ек е периодот на свадби, матурски прослави, Скопје го опсипуваат странски туристи, а охридската ривиера се подготвува за летната сезона. Бројот на странски туристи од година во година се зголемува, но она што ги мачи сопствениците на угостителските објекти и на хотелите е како да најдат соодветен кадар, затоа што нашите работници масовно заминуваат на сезонска работа, а најатрактивна им е Хрватска.

„Слободен печат“ направи обиколка низ повеќе скопски ресторани. Таму разговаравме со вработените, кои не сакаа нивните имиња да им бидат познати на газдите. Главно, задоволни се што веќе не работат за минимални дневници и често непријавени, но велат и дека предизвик им е да работат во Хрватска и поради парите и поради тоа што ќе поминат неколку месеци на море. Сепак, ваквото расположение зависи и од возраста.

– Јас одев со години на сезонска работа, сум бил и во Црна Гора и во Малта и во Хрватска, но тоа веќе не е за мене. Сега имам семејство, имам мали деца и сакам иднината да си ја барам тука. За среќа, нашите угостители колку-толку си ја научија лекцијата и сега не ги даваат оние мизерни плати како во минатото – вели еден келнер од Скопје.

За добар готвач во Скопје, барем според огласите, има и понуди за 1.500 евра плата. Со готвачите со кои успеавме да контактираме, не сакаат да зборуваат за платите, велат дека има големи осцилации, но сметаат дека нивниот квалитет е многу поценет во странство.

– Ресторан без добар готвач не е ништо. Ние им го носиме гостите на газдите. Според тоа колку тие заработуваат од една порција, малку нè плаќаат – вели еден наш соговорник.

Сопствениците на угостителските локали, пак, велат дека имаат големи трошоци, дека не може да закрепнат уште од периодот на пандемијата и дека многумина од нив зедоа кредити што мораа да ги враќаат.

– Овде има вработени со години. Има и такви што отишле да работат сезонска работа, но се покајале, па се вратиле. Мислам дека е најтешко во моментов да се задржи добар готвач – велат во еден скопски ресторан.

Охриѓани и годинава ќе ги пополнуваат „дупките“ со средношколци. Тие на тој начин може да стекнат искуство, но и да бидат идните вработени. Сепак, сопствениците на угостителските објекти велат дека таквиот кадар би требало да биде само дополна, а многу важно за еден ресторан или хотел за да има реноме е да има професионален кадар.
Според тврдењата од охридски угостител, дел од увезените работници од Непал, Филипини и од Малта, кои оваа сезона ќе работат во хотелско-угостителскиот сектор, веќе пристигнаа на брегот на Охридското Езеро, а поголемиот број од нив се очекуваат во наредните денови.

– Иако почетната плата се движи од 500 евра па нагоре во зависност од работната позиција со обезбедена храна и сместување, нема интерес од нашите работници за работа. Нашиот кадар нè напушти, оди во Хрватска, или во други дестинации. Иако по една година се враќаат, откако ќе видат каква е ситуацијата таму, ние мора да бараме варијанти, а тоа е увоз на работна сила. Нашите што заминуваат да работат во Хрватска за 1.000 евра, или во други земји за 1.200 или за 1.300 евра, треба да ги земат предвид не само платите, туку и тамошните трошоци за живот – изјави угостител од Охрид за ТВ Сител.

Понудите за работа на хрватското приморје и понатаму се нижат, а не стивнува и интересот на нашите работници. Во моментов, на пример, активен е оглас за работа во Хрватска преку агенцијата „Оксон вакејшн консултант“, која ги повикува заинтересираните да дојдат во нивните канцелари на улица „Македонија“ во Скопје.

„Во потрага сме по работници за угостителство во Хрватска, директен договор со компанијата, една од најлуксузните компании за вработување во Хрватска. Ги повикуваме сите келнери, рецепционери, шанкери, собарки, градинари, базенски работници, готвачи, помошни готвачи на разговор на нашите простории“, пишува во огласот.

Се нуди работа на островите Паг, Крк, Корчула, во Макарска… Според понудите, платите се од 1.000 до 3.500 евра, а има и сместување и два оброка. За организираната обука, превоз, документи и за интервјуто, кандидатот треба да плати пакет од агенциски трошоци од 99 евра, кои се враќаат доколку не го помине интервјуто. Но, дел од нашите што заминуваат на работа во Хрватска, веќе имаа стекнато искуство со сезонска работа, па се враќаат повторно на работа кај познат работодавач.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот