Јо, хо, хо, и едно шише рум…

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Сè додека модерните пирати се чекор напред, со нив нема што да се преговара. Преостанува што побрзо да им се плати.

Со терористи, велат, не се преговара. Со пирати уште помалку.

Важат за дното од талогот, за најсурови меѓу бандитите. Од памтивек, секогаш биле за едро и ѓуле понапред од трговските галии и од воените флоти. Поинаку не можело. Ако заостануваат во вештината или во опремата, не им гине бесилка.

Ги имало разни сорти – од корсарите и викинзите, преку буканирите од Карибите во Златната ера, па сè до сомалиските пирати од 21 век. Најдолго издржале гусарите, посебна сорта што не се разликува по суровоста, туку по дејствувањето како „приватници“ – со писмо од суверена земја да напаѓаат и ограбуваат само бродови на соперничките земји. Писмата им давале уште поголем мотив да грабаат, без да мораат да го споделат пленот со „патронот“, а и да имаат безбедно пристаниште за да закрпат едра, да купат ѓулиња и буриња рум, па и да закопаат ковчежиња со злато. Романтично, како од новела на Стивенсон.

На современите пирати не им се од полза стоки и илјадници тони нафта. Тие ги држат бродовите со екипажот како заложници. Сомалиските пирати во својата Златна ера само во 2010 година добиле откуп од 238 милиони евра. Буквално долари во вреќи. Штетата била многу поголема, близу седум милијарди, кога ќе се надоврзат трошоците за осигурителните компании, доцнењето на стоката, оружена придружба….

Речиси истата историја, иако во сосема друга форма, се пресликува во дигиталниот глобален океан. Уште од првите сурфања по него, хакерите се чекор пред сите. Како и пиратите, ги има разни сорти. Некои уфрлаат вируси, Напстер и Пајратбеј ги направија смешни авторските права, Викиликс обелодени строго доверливи преписки „во интерес на јавноста“, разни „тројанци“ крадат корпоративни тајни, „киднапери“ преземаат контрола врз компјутери… Сето ова прави штета од милијарди и милијарди долари, а на најуспешните хакери им дава престиж и луксузен живот.

Се сеќавате на Ким Дотком? Како млад хакер стекна слава, пробивајќи ги заштитните бедеми на НАСА, Пентагон и „Ситибанк“, а стекна стотици милиони долари како творец на „мегааплоуд“, една од пионерските платформи за споделување песни, филмови и други содржини. Во 2012 година Ким Дотком беше уапсен на својот луксузен имот во Нов Зеланд по потерница од ФБИ. Во акцијата учествуваа 76 полицајци, поддржани со два хеликоптера. Во неговиот дом беа запленети 18 луксузни автомобили, скапи уметнички дела и 175 милиони долари – во кеш! Спектакуларното апсење предизвика големо внимание во светот, но во долгиот судски процес беа оспорени несоодветниот налог за апсење и предавањето докази на ФБИ, поради што Дотком денес е на слобода, правно распнат помеѓу притисокот да биде екстрадиран во САД и барањето за отштета од милиони долари.

А неговото дело ни од далеку не е опасно како блокирањето на компјутерскиот систем на „Колонијал пајплајн“, преку која одат бензинот, дизелот и керозинот од Тексас до Источниот брег на САД. Иако застојот траеше само неколку дена, штетата беше огромна. Бензинските пумпи во големите градови останаа празни, а цената на горивото тројно се зголеми. Компанијата завчера призна дека платила 4,4 милиони долари во криптовалута (чии трансакции не може да се следат) за да добие шифри за деблокирање на системот. Експерти велат дека „Колонијал“ се извлекла добро. За таков напад се очекувало да бидат побарани десетици милиони долари.

За разлика од уценувањето, плаќањето откуп не е забрането. ФБИ ја советувал „Колонијал“ да не плаќа. Иако тоа би било единствениот правилен потег, ни „Колонијал“, па ни ФБИ, едноставно немале избор. Со пирати, нели, не се преговара, но тие сепак се чекор пред сите.

За нападот беа обвинети хакерите од „Дарксајд“, кои се сметаат за „дигитални гусари“ под патронат на Русија. Поврзаноста никогаш нема да може да се докаже сè додека не биде пронајдено „писмото“, ако воопшто постои. „Дарксајд“ во изминатите десет месеци собрале повеќе од 90 милиони долари со уцени на 47 жртви – компании, јавни претпријатија, владини агенции, дури и училишта и болници. А, згора на тоа, украдените податоци од блокираните системи ги продаваат на заинтересирани, повторно преку невидливи трансакции со криптовалути. Пленот е примамлив, а можните последици не се опасни, не поголеми од оние на Дотком.

Само во изминатиот месец: Со хакерски упад беше исклучена струјата на центрифугите што збогатуваат ураниум во иранскиот центар во Натанц. ЕУ ги продолжи санкциите за граѓани и организации од Русија, Северна Кореја и Кина поради „учество во компјутерски криминал“. Хакери го нападнале ирскиот оператор на здравствени услуги…

Решение е надградување и подобра заштита на виталните бази на податоци. Тоа секако е скапо, но можната штета е многу поголема. Како со сомалиските пирати. Нивните напади запреа кога го загубија чекорот предност, кога и трговските бродови се вооружија со автоматски пушки и рачни фрлачи.

Во ера на забрзана дигитализација, особено кај нас, најмалку треба да се штеди на добрата заштита, зашто сè додека модерните пирати се чекор напред, со нив нема што да се преговара. Преостанува што побрзо да им се плати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот