Јазикот на џез-музиката обединува и зближува на „Џез фабрика фестивал“ во Битола

Четвртото издание на Интернационалниот џез-фестивал „Џез фабрика фестивал Битола 2021 – Jazz Factory Festival“, ќе се одржи од 1 до 3 јули на сцената на НУ Народен театар Битола со исклучителна програма.

Единствениот џез-фестивал во Битола, „Џез фабрика фестивал“ (ЏФФ) со сериозна меѓународна програма се етаблираше на македонската и европската џез сцена како фестивал кој ја негува современата и прогресивна музика со фокус на промоција на македонските џез артисти и нивните најнови изданија, што ја става Битола во листата на градови со џез-култура, придонесува кон културната децентрализација и меѓународна промоција на Општина Битола.

Фестивалот има автентичен пристап кон промовирање на џез-културата, спојување едукативни работилници, мастер класови, музичка индустрија и новинарство, вмрежување и регионална соработка, како и промовирање домашни и регионални џез изведувачи.

Организаторите на фестивалот потенцираат дека џез-културата е стожер на социјални и општествени промени, запознавање нови култури, градење современо европско општество, универзален јазик што глобално го разбираме, кој зближува и обединува без оглед на националната или на верската припадност.

Васил Хаџиманов ќе настапи во трио состав со Мартин Ѓаконовски и Александар Секуловски

Со такви премиси фестивалот годинава состави исклучително добра програма која во три дена ќе биде реализирана на сцената во Народниот театар во Битола. Во рамките на главната програма се поместени концертите на Васил Хаџиманов трио (Васил Хаџиманов, Мартин Ѓаконовски, Александар Секуловски) со премиерна изведба на новиот албум „Melody Rhymes 2021“ на 1 јули, Пеѓа Милутиновиќ со Друмботи квинтет од Србија ќе настапи на 2 јули, додека на 3 јули ќе настапат „Хјуман тач“ од Грција со промоција на албумот „The Acoustic Set 2020“ и Филип Динев трио, кои ќе го промовираат новиот албум „Светло 2020“.

Во дополнителната програма се сместени фотоизложбата „Џезтетика“ на Татјана Ранташа, која опфаќа портрети на современи македонски џез-музичари, онлајн конференцијата во организација на Асоцијацијата на џез фестивали на која ќе се трага по одговори на прашањата што значи да се биде џез-музичар денес, кое е неговото место во џез индустријата и како да се направи успешна џез кариера, како и диџеј-сет на Јордан Николов. Во рамките на ЏФФ на 3 јули на Филип Динев, магистранд на Џез-академијата во Хамбург, Германија, ќе му биде доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар македонски млад џез-музичар.

Гитаристот Филип Динев ќе ја добие наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар македонски млад џез-музичар

Оваа година ЏФФ Битола е поддржан од Министерство за култура на РСМ, Генералниот конзулат на Грција во Битола, Општина Битола и традиционалниот партнер НУ Народен театар Битола. ЏФФ Битола е член на програмата МОСТ – Будимпешта, проект поддржан од Европската Унија преку програмата „Креативна Европа“, и ЕФФЕ – Брисел (Европска асоцијација на фестивали), како и од регионалната Асоцијација на џез-фестивали (Србија, Црна Гора, Албанија и С Македонија).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 86, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот