Јапонската амбасада повторно донира опрема: Обновено гинеколошкото одделение во Кочани

Фото Профимедиа

Амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори денеска ја посети Општата болница со проширена дејност во Кочани, за чиешто гинеколошко одделение е донирана опрема вредна близу 48 илјади евра, како дел од јапонската GGP-програма на мали грантови за основни потреби и човекова безбедност.

Обезбеден е дигитален ехо апарат со фетален монитор за ултразвучно и детално набљудување на срцевиот ритам, што овозможува висококвалитетна медицинска услуга и брза дијагноза за пациентите.

Драго ми е што овие апарати носат поквалитетни здравствени услови и безбедност за жените, идните мајки во Кочани, но и во целиот источен регион, при следењето на нивната бременост. Јапонскиот народ е горд и среќен што му помага на македонскиот народ, а од 1996 година поддржуваме проекти во здравствениот сектор, образованието и животната средина и досегашната јапонска помош изнесува 5,8 милиони евра за 171 GGP-проект. Во рамки на иницијативата на Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој, што е многу важно за интеграцијата во ЕУ, истакна амбасадорот Савада Хиронори.

Директорот на Општата болница, Александар Серафимов се заблагодари на поддршката и нагласи дека јапонската техничка помош значително ќе помогне во следењето на здравствената состојба на женската популација во регионот.

Просечно годишно на одделот за гинекологија имаме над 6,8 илјади прегледи, а кај скоро половина од тој број се користи фетален монитор и современа опрема за дијагностика. Наши пациентки се идни мајки не само од Кочани, туку и од соседните општини Виница, Берово, Делчево и останатите, истакна Серафимов.

Благодарност за донацијата од името на граѓаните на општина Кочани упати и градоначалникот Љупчо Папазов, со очекување успешната соработка со Амбасадата на Јапонија да продолжи и во наредниот период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот