Јагма за бугарски пасош: За 14 години над 85 илјади Македонци побарале бугарско државјанство

Бугарски пасоши/ Фото: Архива на „Слободен печат“

Бугарскиот министер за правда Атанас Славов на пратеничко прашање реферираше за бројот на поднесени барања за бугарско државјанство со натурализација во последните 4 години, при што се осврна и барањата кои пристигнале од македонски државјани.

Според бројките кои ги презентираше бугарскиот министер за правда Атанас Славов пред пратениците, годинава, заклучно со 24 ноември биле поднесени 2990 барања за добивање бугарско државјанство од страна на македонски државјани. Оваа година Македонија не е на првото место на листата баратели на бугарско државјанство, како што беше во 2020 и 2021 година. Годинава бугарско државјанство во најголем дел побарале турски државјани, потоа Украинци, но и 2992 албански државјани, само две барања повеќе од пристигнатите од Македонија. Турците кои се цела вечност во чекална за ЕУ го користат бугарскиот пасош за работа во европските земји, главно како и македонските државјани откако Бугарија стана членка на ЕУ и можноста на мала врата и со корупција на службите брзо и лесно да се стигне до бугарска патна исправа заради работа во странство. Украинците поради војната со Русија која трае речиси две години, иднината си ја бараат со бугарски пасош во ЕУ, но мора да се напомене дека во Украина живее и значително бугарско малцинство и има многу мешани бракови.

Најмногу барања до бугарското министерство за правда од македонски државјани се поднесени во 2021 година – 3.428, а околу 1000 помалку претходната 2020 година, односно 2551. Станува збор за двете пандемични години, кога Бугарија ја започна блокадата македонските евроинтеграции, која кулминираше со францускиот предлог во 2022 година и барањето за внесувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав, иако пописните резултати од 2021 година покажаа дека во Македонија живеат 3504 Бугари.

За минатата година Бугарија излезе само со податок дека од вкупно пристигнати 16.711 барања за бугарско државјанство, над 7.500 биле поднесени од Украинци и Турци, а годинава овие државјани исто така предничат по бројот на барања за бугарско државјанство – 5935 досиеја од Турци и 3141 Украинец. Само лани 1992 Македонци добиле бугарски пасош, според бугарските податоци околу 12.000 македонски државјани последниве 4 години поднеле барања за добивање бугарско државјанство.

Во 2020 година тогашната бугарска министерка за правда Десислава Ахладова нагласи дека од 1 јануари 2010 година до 22 октомври 2020 година речиси 78.000 македонски државјани поднеле барање за бугарско државјанство, а речиси 90 отсто од нив и го добиле, односно 66.000 Македонци добиле бугарски пасош врз основа на своето бугарско потекло, што значи дека за 14 години над 85 илјади Македонци аплицирале за бугарско државјанство.

„Советот за државјанство при Министерството за правда ги разгледува списите по редоследот на прием, според различните законски основи по кои се доставени. Најголемо доцнење во решавањето на досиејата за бугарско државјанство има за лицата со бугарско потекло“, изјави бугарскиот министер Атанас Славов.

Тој додава дека причина за тоа е релативно големиот удел на овие барања, како и утврдените „бројни случаи на поднесување фалсификувани и невистинити документи, со кои се заверени основите за натурализација – бугарско потекло“.

Министерот објаснува дека, поради оваа причина, Советот назначува дополнителни проверки на досиејата на апликантите врз основа на бугарско потекло, со цел да се спречи натурализација на странци со фалсификувани или лажни документи. Периодот во кој се вршат проверките на документите е околу 8-9 месеци кога барателот е по потекло од Бугарија и 12 месеци кога родителот е бугарски државјанин.

Неодамна Република Бугарија  почна постапка на промена на дел од условите за добивање на бугарско државјанство, па кандидатите мора да презентираат доказ за неосудуваност не само во Бугарија туку и од земјата на потекло. Познавањето на бугарскиот јазик се воведува како задолжителен услов за сите случаи на натурализација и се наведува можноста за добивање бугарско државјанство во случај на интерес во Република Бугарија или кога лицето има посебни заслуги за тоа.

Предлогот опфаќа лицата кои официјално ќе добијат бугарско државјанство, уверенијата ќе им бидат врачени на посебна официјална церемонија како и одземање на бугарското државјанство заради навреди кон Бугарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот