Извршителите да не ги чепкаат граѓанските сметки во кризава

Луѓе на пешачки во Скопје / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Граѓанските активисти ја поттикнуваат власта да донесе неколку законски решенија, а прво и основно е да се бришат каматите на долговите во јавните претпријатија. Се бара и замрзнување на каматит, но и на трошоците, кога каматите ќе ја достигне висината на главниот долг

Граѓанските активисти инсистираат додека трае кризата да се стопира извршувањето, кое е дополнително ја отежнува тешката економска ситуација. Во меѓувреме, тие ја поттикнуваат власта да донесе неколку законски решенија, а прво и основно е да се бришат каматите на долговите во јавните претпријатија. Според нив, сепак најбитно е да се донесе закон за замрзнување на каматите, но и на трошоците во случај кога каматата ќе ја достигне висината на главниот долг.

Тие ја поздравуваат иницијативата на Народниот правобранител Насер Зибери за измени на Законот за облигациони односи и Законот за извршување, кои се однесуваат на прашањето на казнената камата. Активистите и синдикалците се борат со драконските трошоци и каматите од 2010-та, кога со Законот за извршување беа трансферирани 400 илјади предмети, кои се чувале во судовите и беа предадени на извршителите.

-Ја поздравуваме секоја иницијатива без разлика од каде доаѓа, а се со цел да им се олесни на граѓаните. Долговите, каматите и трошоците за извршување сотреа цели семејства. Но инсистираме, освен каматите да се замрзнат и трошоците, кога висината на главниот долг ќе ја достигне каматата. Разочарување е што нема слух за нашето барање да се донесе закон кој ќе важи и за старите побарувања. Се чудиме што нема и нов закон за бришење на каматите на долговите кон јавните претпријатија уште од 2018 година – вели за „Слободен печат“, Марија Ристески од Конфедерацијата на синдикалните организации.

Ристески го врти вниманието и кон брзите кредити и бара од инспекциите да ги зајакнат контролите и кон овие институции.

-Мора да има построги контроли кон давањето на брзи кредити, оти граѓаните во кризава, се прилично заглавени во нив- додава Ристески.

Инаку, Омбудсманот предлага казнената камата да не може да биде поголема од основниот долг, односно суштината е кога каматата ќе го достигне главниот долг, таа да престане да тече.

– Предлогот на Народниот правобранител се однесува на член 268а од Законот за облигациони односи, каде е потребно да се додаде нов член 268б кој вели казнената камата престанува да тече кога сумата на втасаната и неисплатена камата ќе ја достигнат главницата. Следствено на оваа, треба да се направат измени и во Законот за извршување, каде што треба да се измени членот 18, односно да се додаде член 18а кој би гласел – кога сумата на втасаната, а неисплатена камата ќе ја достигне главницата, извршителот во постапката на извршување престанува да пресметува и наплатува законска казнена камата – објасни Насер Зибери.

Пред две години имаше измени во Законот за извршување со кои беше прецизирана листата на категории на лица и примања кои се изземени од извршување, како што се примањата од правата и социјалната помош, социјална заштита, од правата на заштитата на децата итн., и беше ограничена висината на извршувањето од една третина на една петтина од плата или пензија, со што се испочитуваа и препораките на Народниот правобранител.

Зибери излезе и со неколку примери во кои на граѓаните долгот им се наплатува со задршка од една третина или една петтина од нивните плати или пензии.

– Пример – извршувањето почнува во 2013 година, треба да се наплати камата од 2010 година. Се спроведува забрана на една третина од пензија. Главниот долг изнесува 371.367 денари до 2022 година кога странката се обраќа кај Народниот правобранител. За девет година наплатени се 885.138 денари од кои 783.628 денари се на име на камата на главниот долг, а за наплата остануваат уште 433.604 денари. Значи, за долг од 371 илјади се наплатува само камата 783.628 денари и истата продолжува да тече – рече Омбудсманот.

Омбудсманот информира дека од претставките кои се однесуваат на постапките за извршување, најбројни се од делот на извршувањето, односно постапките пред извршителите, а кои главно се однесуваат на наплатата на казнената камата.

– Неправилно е граѓаните кои најчесто имаат статус на должници по основ на извршени основи како што се електрична енергија, топлинска енергија, вода, сметки на телефони, по вина на институциите се доведени во неповолна ситуација – рече неодамна Зибери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот