Израелската армија елиминира командант на Хамас

Фото: EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Израелската армија при напад врз Појасот Газа го уби командантот на Хамас, Хамад Ахмед Ал Кудри, кој беше задолжен за трансфер на пари од Иран за вооружените сили во Газа.

Воздушниот напад врз неговиот автомобил е прво целно убиство на некој воен командант во последните пет години.

Во ракетните и воздушните напади, кои почнаа вчера, досега загинаа тројца Израелци и осум Палестинци.

Армијата на Израел соопшти дека во денешните воздушни напади погодиле повеќе од 210 цели, додека од саботата кон Израел се истрелани повеќе од 600 проектили, од кои 510 ја поминале границата со Појасот Газа.

– Голем број проектили паднаа на отворени подрачја, но над 35 ракети погодија населени места, при што се уништени поголем број куќи во Израел, изјави портпаролот на израелската армија.

Израелскиот одбранбен систем Железна купола пресретна повеќе десетина проектили.

Воздушните напади во знак на одмазда предизвикаа големи експлозии ширум Појасот Газа. Палестинското Министерство за здравство соопшти дека при израелските напади убиено е 14-месечно бебе, кога бомба погоди куќа во источниот дел на Газа. Во нападот повредена беше и неговата бремена мајка, која подоцна почина во болница.

Тројца Израелци се повредени откако ракета истрелана од Појасот Газа погоди фабрика во градот Ашкелон. Двајца од повредените се во критична состојба.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска издаде наредба за интензивирање на нападите на израелските сили врз екстремистите во Појасот Газа. Тој исто така нареди распоредување на дополнителна тенковска бригада  на границата со Појасот Газа и најави одлучен одговор од страна на израелската армија.

–  Им наредив утрово на Одбранбените сили на Израел да продолжат со масивните напади врз терористите во Појасот Газа и дадов инструкции силите околу Појасот да бидат зајакнати со тенкови, артилерија и пешадија, истакна Нетанјаху.

Судирите помеѓу израелската армија и палестинските сили продолжија и синоќа, а во изминатите 24 часа истрелани се над 400 ракети врз Израел. Во знак на одмазда израелските авиони нападнаа цели ширум Појасот Газа.

Насилството почна во петокот, кога снајперист од палестинскиот Исламски џихад пукаше врз  израелски војници и притоа се ранети двајца. Израелската армија одговори со воздушни напади,  при што се убиени двајца милитанти од Хамас, под чија контрола е Појасот Газа. Палестинските власти тврдат дека во петокот се убиени и двајца Палестинци, кои протестирале во близина на границата. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот