Израелска министерка ја повика меѓународната заедница да го промовира доброволното преселување на Палестинците од Газа

Знамето на Палестина/ Фото: EPA-EFE/MATTEO CORNER

Израелската министерка за разузнавачките служби од владејачката партија Ликуд, Гила Гамлиел, изјави дека меѓународната заедница треба да го промовира, како што го нарече, „доброволно преселување“ на Палестинците од Појасот Газа на локации низ целиот свет.

Во авторски напис за „Џерусалем Пост“, таа истакна дека една од можностите по војната ќе биде „промовирање на доброволното преселување на Палестинците надвор од Појасот Газа“ од, како што наведе, хуманитарни причини.

Гамлиел изјави дека меѓународната заедница, место да насочува пари за реконструкција на Газа или за Агенцијата на ОН за палестински бегалци-УНРВА (UNRWA), може да помогне во трошоците за преселување на Палестинците во земјите низ светот.

„Мораме да пробаме нешто ново и ја повикуваме меѓународната заедница да помогне тоа да стане реалност“, посочи Гамлиел.

Министерката оцени дека тоа ќе биде решение за сите бидејќи цивилите од Газа ќе најдат, како што наведе, подобар живот, а тоа ќе биде и победа за Израел по војната.

Секое навестување за преселување на Палестинците е многу контроверзно во арапскиот свет, а Египет, кој се граничи со Појасот Газа, цврсто одбива да се справи дури и со привременото преселување на бегалците од Газа на негова територија за време на војната, велејќи дека тие мора да останат во Појасот, соопшти „Тајмс оф Израел“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот