Измени во Изборниот законик: „Попис“ на службените автомобили за да не се користат за предизборни турнеи

Седница на Собрание на РСМ / Фото: МИА

Пратениците и од власта и од опозицијата во пресрет на локалните избори закажани за 17 октомври ги донесоа измените на Изборниот законик за зголемување на отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси за време на изборниот процес. Сите државни институции се задолжени до Државната комисија за спречување на корупцијата да достават податоци за сите моторни возила со кои располагаат, за да има ДИК увид во нивното користење за време на изборите и спречување евентуални злоупотреби.

Предлогот го поддржаа сите партии и од мнозинството и од опозицијата, а произлегува од последниот извештај на ОБСЕ/ОДХИР за предвремените парламентарни избори во 2020 година.

– Главно, со сите предложени измени и дополнувања се опфатени и ќе имаат придобивка, пред сè, граѓаните како гласачи, кандидатите, но и институциите, кои имаат свои надлежности во изборниот процес – рече Јован Митревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ на нивната последна средба со делегацијата на мисијата на канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР, предводена од шефицата на мисијата Тана де Зулуета, нагласиле дека со прифатените амандмани на Изборниот законик се обезбедени дополнителни гаранции за локални избори според највисоки стандарди. Заев навел дека се спроведени сите дополнителни барања за унапредување на изборниот процес, вклучувајќи го новиот начин на идентификација со отпечаток од прст, за што во Избирачкиот список со новите амандмани е додаден и посебен баркод за поголема контрола на гласањето.

ДИК вчера го донесе ревидираниот роковник за претстојните локални избори, усогласен со измените и дополнувањата на Изборниот законик. Донесено е и упатството за ангажирање лица од редот на вработените во секторите за информатички технологии или надворешни ИТ-лица и донесена е одлука за објавување на описите на избирачките места. Членот на ДИК Борис Кондарко вчера информираше за поважните измени на Изборниот законик.

– Се воведува обврска за која го пропишуваме рокот најдоцна до 25 септември до 24 часот, сите службени органи и институции што располагаат со возила да ги достават податоците до ДКСК, со цел увид во нивното користење за време на избори и спречување евентуални злоупотреби. За сите радиодифузери, печатени медиуми и портали, кои се регистрирани за платено политичко рекламирање во ДИК, остануваат нивните регистрации, а за оние што го пропуштиле рокот, се определува нов рок за регистрација. Тој рок ќе почне на 17 септември и ќе трае до 19 септември, заклучно со недела, до 24 часот – рече Кондарко.

Со измените во Изборниот законик се предвидува да можат да гласаат и лица на кои им истекол рокот на важност на личните карти, а кој истекол од денот на распишување на изборите до денот на нивно одржување, што значи од 6 август до 30 октомври. Се предвидува и рок за пријавување на лицата што се позитивни на коронавирусот или се во самоизолација за гласање во домашни услови. Овие лица ќе гласаат ден пред одржувањето на првиот круг, односно на 16 октомври и на 30 октомври доколку има втор круг.

Во тек се и подготовките за спроведување на изборите, првпат со терминали за вчитување отпечатоци од прсти, за што серверите веќе пристигнаа во земјата. Деновиве се очекува да пристигнат уште 950 терминали, а останатите најдоцна до 1 октомври. Кампањата за изборите започнува на 27 септември, а завршува на 15 октомври.

Јакупи: Не се менува Изборен законик среде распишани избори

Измените во Изборниот законик во ситуација кога локалните избори се веќе распишани, не е во согласност со препораките на Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР поради времето на нивното донесување – смета поранешниот член на ДИК, Субхи Јакупи.

– Ефектот на измените на овие избори ќе бидат минимални, а ефектот од спроведувањето на овие правни норми е повеќе во полза на политичките партии во однос на финансиите и медиумската презентација. Треба да се поздрави забраната за користење ресурси, особено (мобилни) државни и јавни ресурси за време на изборите, но во секој случај тие треба да се видат во практична имплементација. Овие консензуални политички договори во иднина треба да бидат навремени и со напредна јавна дебата – изјави за Јакупи за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот