„Изборна“ кампања на Хаити со куршуми наместо гласачки ливчиња

Хаос, беда и смрт на улиците на Порт-о-Пренс - Фотографија ЕПА, Џонсон Сабин

Потпирајќи се на древното правило „раздели па владеј“, непопуларниот премиер Ариел Анри некако ја контролираше земјата во која бандите тероризираа, убиваа, киднапираа, силуваа и убиваа цивили. Но, привидната власт се распадна за само неколку дена

Бандите на Хаити неверојатно лесно загосподарија со карипскиот остров. Доволно беше за момент да заборават на меѓусебните непријателства и да ги здружат силите. Сега се во невообичаена ситуација да решаваат кој ќе ја управува најсиромашната и најопасна земја во светот, не само на Карибите.

Потпирајќи се на древното правило „раздели па владеј“, непопуларниот премиер Ариел Анри некако ја контролираше земјата во која бандите тероризираа, убиваа, киднапираа, силуваа и убиваа цивили. Во 2021 година подмолно го убија дури и претседателот Жовенел Моис.

Но, привидната власт се распадна за само неколку дена.

Веднаш по координираниот напад врз затворите низ Порт-о-Пренс, премиерот воведе вонредна состојба, наметна полициски час и прогласи тревога во армијата. Веќе беше доцна. Беа ослободени повеќе од 4.600 тешки криминалци, беа нападнати државните институции, националното радио и телевизијата, банди воспоставија контрола врз пистата и контролната кула на меѓународниот аеродром, пристаништата беа ограбени и беше одземено оружјето од полициските станици.

Премиерот и министрите го напуштија островот и поднесоа оставка. Странците се разбегаа, а американските државјани беа евакуирани како пред две години од Кабул или пред половина век од Сајгон.

– Оставката на премиерот не е политички чин, туку прифаќање на реалноста. Тој не беше истиснат од партиите ниту од масовни улични протести против неговата политика. Тој замина зашто се здружија бандите. Ситуацијата се смени откако завојуваните банди се договорија да соработуваат – објаснува Џад Џонатас, консултант вклучен во доставување хуманитарна помош до островот.

Од подземјето на политичката сцена

Сојузот полека се распаѓа откако бандите ја постигнаа својата главна цел – да се ослободат од силите за безбедност, барем од она што остана од нив. И тие тешко се привикнуваат на новата состојба – да не се пресметуваат само по улиците, туку и на политичката сцена. Бандите сега се единствените во состојба да предложат кандидати што би извојувале победа на некакви избори, организирани од соседните карипски земји, заедно со САД и Франција како гаранти да се испочитува договореното.

Во актуелната ситуација неверојатно е да се спроведе иницијативата за „десант“ на меѓународни полициски сили што би воспоставиле ред и мир во Порт-о-Пренс и во внатрешноста. Во часот на координираните напади врз затворите, премиерот Анри беше во Најроби, за да ги договори деталите за кениските полициски сили што требаше да бидат распоредени на Хаити.

Претседателот Вилијам Руто уште лани предложи да биде формирана единица од 1.000 кенијски полицајци што би им се придружиле на хаитските за да воспостават контрола врз виталните институции во Порт-о-Пренс. Но, тој е соочен со критики од домашната јавност, која тврди дека тој настојува да извлече лична полза од неуставното испраќање полицајци во друга земја, што всушност би било окупација. Кенијски офицери учествувале во мировни мисии низ целиот свет во изминатите 35 години – во Камбоџа, поранешна Југославија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Истoчен Тимор, Сиера Леоне и Судан. Кенијски полицајци и денес служат во мисии во Сомалија, во Јужен Судан и во Демократска Република Конго и досега немаат претрпено ниту една единствена жртва. Но, и кениските полициски генерали се согласуваат дека Хаити веројатно е „невозможна мисија“ за прекалените мировници.

Главната цел на бандите не е да ја практикуваат власта што е во нивни раце, туку да обезбедат амнестија за злосторствата и да обезбедат што е можно посилно влијание врз идниот премиер и претседател во Порт-о-Пренс, за да им биде заштитен нелегалниот бизнис. Некои лидери, сепак, изразуваат и претседателски амбиции. Во бизарната кампања во хаотичната „куршум-демократија“ веќе се издвојуваат тројца амбициозни „кандидати“.

Офицерот Барбикју

Највпечатлив секако е 47-годишниот поранешен полициски офицер Џими „Барбикју“ Шеризие, кој е лидер на сојузот банди Г9. Облечен како војник, во маскирна униформа, панцирен елек и црна беретка, Барбикју не се крие од објективите и стана „лице на бунтот“.

Барбикју води новинари во обиколка на главниот град – Фотографија ЕПА, Орландо Барија

Барбикју со години настојува да се прикаже и како „борец против олигархијата“ или „заштитник на угнетениот народ“. Тој уште од првиот ден на мандатот го критикуваше премиерот Анри и бараше негова оставка. Барбикју, од друга страна, е обвинет и веројатно одговорен за водач на масакр во 2018 година и за низа напади врз конвои со хуманитарна помош за најсиромашните жители на карипскиот остров.

Суровиот рапер Ајзо

Многу помлад, но и помоќен од полицискиот ветеран Барбикју е Џонсон Андре. Озлогласениот бандит познат под прекарот Ајзо стигна до врвот буквално од дното. Во подземјето влегол како дете и напредувал низ хиерархијата, сѐ до врвот на моќната „5 Сегон“. Ајзо контролира повеќе луѓе под оружје од Барбикју и воопшто не настојува да се прикаже пред јавноста како „спасител“ или „револуционер“. Наместо да шири политички пораки, тој ги користи социјалните платформи за да објавува шарени музички спотови. Неодамна добил признание од Јутјуб откако неговиот канал надминал 100.000 следбеници.

Ајзо е ултрапопуларен на социјалните мрежи – Фотографија Јутјуб

Популарноста не значи дека не е свиреп злосторник. Неговата банда е обвинета за убиства, силувања и грабежи, за трговија со дрога и оружје и за напади врз хуманитарни конвои. Клучно за неговото влијание е контролата на сите бродови што впловуваат и испловуваат од заливот на главниот град. Според извештај на Обединетите нации, „Ајзо ја злоупотребува кревката ситуација на Хаити за да собира милиони од контрола на трговијата и од шверцување“. Експерти укажуваат дека младиот криминалец се чувствува доволно силен за да им продава оружје и на спротивставените банди, сѐ со цел да заработи уште повеќе пари и да го прошири бизнисот.

Амбициозниот Филип

Ги Филип е третиот истакнат криминален лидер на Хаити е уште еден одметнат полициски офицер. Педесет и шестгодишниот офицер своевремено учествувал во пучот против претседателот Бертран Аристид во 2004 година. Во 2016 тој се кандидирал за сенатор и победил, но само неколку дена пред да ја даде заклетвата што ќе му донесела имунитет од кривично гонење бил уапсен поради шверцување дрога и бил екстрадиран во САД. Филип ја отслужил казната и во ноември бил депортиран назад на Хаити, потег што аналитичарите го оценуваат како „долевање бензин во пожарот“.

Филип отпоздравува откако беше избран за сенатор, но не дочека имунитет – Фотографија ЕПА, Ричард Патерсон

Искусниот офицер и наркобарон веднаш се вклучил во хаотичната пресметка, повикувајќи на народно востание против премиерот Анри, но е и единствениот од подземјето што јавно изразил амбиции да биде претседател.

– Нелсон Мандела беше во затвор. Уго Чавез беше во затвор. Луиз Инасио да Силва Лула беше во затвор. Ако моите луѓе веруваат во мене и имаат доверба, јас ќе бидам нивниот водач. Тоа ќе го каже мојот народ, никој друг – порача неодамна Филип.

Агенции на Обединетите нации во нов извештај проценуваат дека на Хаити гладуваат 1,4 милион луѓе, повеќе отколку во палестинскиот регион Газа. Итно им е потребна храна на уште 4 милиони жители на карипскиот остров. Сѐ додека бандите царуваат, хуманитарната помош што се доставува на Хаити не стигнува до оние за кои е наменета, туку завршува во магацините на бандите, кои печалат од продажба на црниот пазар.

Жители во некои квартови организираат народни стражи за да се заштитат, но принудени се да склучат сојуз со некоја од бандите, зашто дури и да се одбранат од куршумите, немаат како да стигнат до храна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот