Изборите – срам за пензионерите и аларм за нaдлежните

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

По толку години изборите повторно се одржуваат по старо и за тоа никого мува не го лази и глава не го боли! Во што е проблемот? Одговорот е дециден и недвосмислен: во нерегулираната постапка на изборите во статутот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија и статутите на повеќето здруженија.

Верувам некој ќе се присети дека пред четири години буквално се спротивставив на нерегуларноста и на беззаконитоста во спроведувањето на изборите во пензионерската организација. Вината за тоа првенствено ја лоцирав во водството на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, зашто оттаму го почувствував мирисот на самоволието и затскривањето зад декларативното однесување на главните од раководствата на пензионерите. Благодарение на нивното недејствување, на небулозите, махинациите и на подметнувањата што се правеа во здруженијата и во Сојузот, напишав книга „Што ни се случува?!“ со укажувања и предупредувања за повеќе тоа да не се случува!

За волја на вистината, во почетокот успеав да ја информирам јавноста и многумина одговорни да натерам да размислат и да преземат некакви мерки за да се поправи состојбата во изборните активности. Тогаш навистина малку ги ставив во ред раководствата на пензионерите, ама сега гледам дека од тоа ништо не гледам! По толку години изборите повторно се одржуваат по старо и за тоа никого мува не го лази и глава не го боли! Но, во што е проблемот?

Одговорот е дециден и недвосмислен: во нерегулираната постапка на изборите во статутот на СЗПМ и во повеќето статути на здруженијата на пензионери во Македонија. Кога ја „увидоа“ грешката создавачите на Статутот на Сојузот веднаш пристапија кон „решавање“ на проблемот со покренување постапка за измени и дополнувања на овој темелен документ, што заврши со незначително преименување на некои поими со цел да се камуфлира промената и да се задржат старите одредби како „најдобри“?!
Значи, остана истата општа формулација и нерегулација како што беше и претходно запишана, дека изборите се извршуваат после четири години, колку што трае мандатот на избраните органи и тела. Можеби не е точно вака запишана регулацијата во статутите, но сосема така е искажана суштината на нерегулацијата. И, зарем оваа формулација не е добра за калкулација и за вистинска манипулација со изборите?!

Најнебулозна работа што се случи потоа е спроведувањето на постапката за усогласување на статутите на здруженијата на пензионери со Статутот на СЗПМ зачинета со препораки на Сојузот. Тоа беше вистинско мачкање очи и создавање погодности за нови лагодности. Овде се откажувам од анализа на препораките зашто бадијала ќе си го потрошам просторот, а сигурно знам дека Сојузот и со нив сакаше и сè уште сака да си го зацврсти потпорот!

Сепак, со оваа ретроспектива и потсетување на претходните избори во пензионерската организација сакам да го свртам вниманието на основната и најзначајна активност на пензионерите, која сега целосно е ставена во функција на потребите на старите раководни структури за исполнување на лични интереси кои по секоја цена сакаат да останат на своите места до крајот на животот?! Затоа се злоупотребува и се приватизира организацијата со бенефит на инволвираните структури на кои изборите им служат за зачувување на старите функции!

За полесно манипулирање со оваа активност е создадена критична маса поддржувачи и хушкачи, проверени полтрони и камелеони, поткупени ситни души, нивни пријатели, изнепотизирани роднини со бледи и кусогледи погледи! Ова е таа изборна фаланга што не почитува одредби и регулативи, туку „на мускули“ ги поддржува и ги одржува изборите, особено во базните ограноци.
За вакво спроведување на изборите можам лично да сведочам како и многу други пензионери што во сплет на околностите биле вклучени во оваа активност. За поткрепа на моето уверување прашав еден од главните инволватори и организатори дали навистина искрено мисли дека изборите во нашиот огранок беа регуларни, легални и легитимни? Одговорот беше без одговор, само со кревање на рамената, но избраните си останаа избрани и делегирани! За жал, или за нивна среќа, речиси на ист начин беа спроведени изборите во најголем дел ограноци на здруженијата на пензионери ширум републикава.
Од сигурни извори и инсајдери дознавам дека ваква изборна ујдурма се подготвува и во Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, но со голема олеснителна околност, бидејќи зад сета рашомонијада стои актуелната претседателка, која, поради покажаните успеси во оваа работа и потребата за родова застапеност во СЗПМ, ќе мора повторно да се кандидира и да продолжи со реализација на сопствените проекти, веќе на многумина познати?!

Но, што може сега да се направи во „предвечерието“ на завршетокот на изборите во СЗПМ?! И овде одговорот е – ништо! Претседателката пак ќе си остани претседателка, бидејќи буквално „одозгора“ беше поставена, а сега, кога целосно им ја исполни агендата, сигурно нема да биде на цедило оставена?! И повторно изборите ќе бидат легални, легитимни и интимни!

Туку, не е само претседателката во прашање. Зад оваа регимента стои цела булумента. Можеби затоа е потребно да се вклучи алармот кај надлежните за да се зачува законитоста и да се спречи срамот од самонадежните!

Авторот е новинар и писател

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот