Изборен мониторинг на АВМУ: Избалансираност кај јавниот сервис, непропорционалност во известувањето на комерцијалните ТВ

Ниту една од комерцијалните телевизии не успеа целосно да го спроведе принципот за известување пропорционално на бројот на потврдени кандидатски листи и интензитетот на кампањата, покажува анализата од Извештај од мониторингот на изборното медиумско претставување за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година, што го претстави денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– Некои од телевизиите одлучиле акцентот во известувањето да го стават врз петте учесници во изборната кампања коишто произлегуваат од последниот парламентарен состав и да ги занемарат останатите десет вонпарламентарни субјекти. Други телевизии, пак, одлучиле да известуваат и за вонпарламентарните учесници во кампањата, но притоа да се концентрираат на тоа да постигнат временски баланс меѓу двете најголеми коалиции – „Можеме” и „Обнова на Македонија”, соопшти АВМУ.

Мониторингот покажал дека четирите програмски сервиси од Јавниот радиодифузен сервис, генерално обезбедиле избалансираност во вестите исполнувајќи ја двојната формула за поделба на времето во вестите, иако, наведуваат од АВМУ, беше нужно малку поголем дел да издвојат за дневните новости, за да можат да ја исполнат својата функција како јавен сервис – да ги пренесат релевантните информации за развојот на состојбата со Ковид-19 во сите делови од земјата.

Што се однесува до обврската на националните радиофузери да ја прилагодат својата програма така што ќе ги информираат за изборите и лицата со сетилна попреченост,како што наведува АВМУ, единствено МРТ1 и ТВ 24 Вести ја исполнија оваа обврска, но тие и досега обезбедуваа вести на знаковен јазик. Неисполнувањето на обврската од страна на другите телевизии се должи на тоа што ваквиот зафат бара и финансии и време, без оглед дали прилагодувањето ќе биде направено преку знаковен јазик или преку текстуални објаснувања, потенцираат од АВМУ.

Најавуваат дека Извештајот од изборното медиумско претставување за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година ќе биде доставен на разгледување до Советот на Агенцијата, кој воедно ќе одлучува за покренување прекршочни постапки против радиодифузерите кои не обезбедиле баланс во известувањето.

Со мониторингот беа опфатени петте радио и телевизиски програмски сервиси што ги обезбедува Јавниот радиодифузен сервис (МРТ1, МРТ2, Собранискиот канал, Македонско Радио 1 , Македонско Радио 3 Програма на албански јазик) и комерцијалните национални телевизии: ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 21-М, ТВ Клан, ТВ Шења и ТВ 24 Вести. За другите програмски сервиси, информираа од АВМУ, се постапувало врз основа на претставки. Предмет на надзорот била целокупната 24-часовна програма, од која биле анализирани и кодирани сите емитувани облици на изборно медиумско претставување, а анализата на дневноинформативните емисии е спроведена врз централното издание на вестите. Мониторингот се спроведувал следејќи ја веќе добро утврдената методологија, којашто е заснована на светски релевантните меѓународни стандарди и практики за изборен мониторинг.

Според АВМУ, имајќи предвид дека станува збор за парламентарни избори, согласно Изборниот законик, постигнувањето на балансот и во вестите и во посебните информативни емисии се одвива преку следење на принципот на пропорционална поделба на времето меѓу учесниците во изборната кампања согласно бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници. На овие избори имаше петнаесет учесници во изборната кампања, од кои пет произлегуваа од партии кои досега беа во Парламентот, а останатите беа вонпарламентарни субјекти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот