Историско НЕ на Европската Унија!

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Колку и долго да сметавме дека зачленувањето во Европската Унија е за нас безалтернативна стратегија, сега, со олку драстично сменетите околности мораме да сфатиме дека преговорите за членство – кога Унијата се реши дека тие мораат да одат со бугарски изим – се реално многу пострашна опција за Македонија.

За Апелес од Ефес, според Плиние најдобриот од сите антички сликари, и, важно е да се напомене, омилениот сликар на Александар Трети Македонски, до нас стасаа само неколку анегдоти. Една од нив, раскажана од Плиние, е поучна и применлива на многу ситуации и од денешниов живот.

Елем, Апелес имал обичај да ги става своите слики долж тремот од својата куќа и да седи затскриен зад осликаните панели, за да учи од гласните коментари и критиките на минувачите. Во една пригода, некој кондураџија застанал и искоментирал дека сликарот згрешил во прикажувањето на некои делови од сандалите на насликаниот модел. Следниот ден, минувајќи по истиот пат, кондураџијата забележал дека Апелес преку ноќ ги коригирал сандалите според неговите забелешки, па тоа го поттикнало да почне да го критикува и сликањето на нозете. Апелес тука излегол од неговиот заклон и со индигнација му срежал на кондураџијата да не го надминува полето на својата експертиза, од каде што и произлегла славната поговорка: „Кондураџијата да не суди над неговите сандали“. Или, како што латинскиот запис стасал до нас: „Ne supra crepidam sutor judicaret“.

Како оваа стара анегдота може да се примени на бугарското вето, нашата безалтернативна и поради тоа и безизгледна ситуација со отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, и напорите на проминентните членки на Унијата со предлози да помогнат во разрешувањето на блокираното европско проширување? Одговорот е неочекувано лесен. Бугарија, а со неа пред некое време Германија и сега и Франција, со нивните предлози не само што ја надминаа висината на сандалите, а со тоа и границите на нивната јурисдикција, туку почнаа да судат и за виталните делови од македонското тело, длабоко навлегувајќи во егзистенцијалните и конституционалните столбови од нашиот државен суверенитет, односно за територијалната, политичката, националната и културната сувереност на Македонија.

Излегува како сите учесници на оваа срамна и гнасна политичка уцена да се комплетно несвесни дека бугарските фашисоидни барања одамна се спротивни на носечкиот принцип на современото меѓународно право, а тоа е принципот на сувереноста на народите и нивните држави. Врз овој принцип се темели целата Повелба на Обединетите нации, а тој се однесува пред сè на правото на народите слободно и без какво и да е надворешно мешање да одлучуваат за нивниот политички статус и за нивните економски, социјални и културни вредности и состојби.

Со самиот акт на ветото Бугарија де факто и де јуре ги прекрши сите одредби на Договорот за добрососедство и пријателство со Македонија, а со содржините на парламентарната декларација и со славниот Објаснувачки меморандум тие извршија брутална агресија врз Македонија, негирајќи го постоењето на македонската нација и јазик и оспорувајќи го историското право на суверенитет на територијата на Република Северна Македонија. Бугарите нивните аспирации ги објаснуваат со нивното убедување дека Македонија е историски блгарска земја уште од почетокот на времето, или барем од јукатанската катастрофа пред 65 милиони години. Претпоставувам и дека оној стаорец што ја преживеал пропаста на диносаурусите и од кого потекнуваат сите денешни цицачи, во бугарската научна номенклатура има латинско име rattus bulgariensis exelsior и, разбира се, бил неспорно од бугарски происход.

Шегата настрана, но запрепастува фактот што бугарската фашистичка идеја за крвта бугарска што тече низ нашите жили и за почвата бугарска на која полагаме историски невтемелен суверенитет, Бугарите отворено и неказнето ја бладаат по аулите на Европа, а европските сили, небаре сосем несвесни, со своите предлози ги вградуваат бугарските аспирации кон Македонија во преговарачката рамка и со тоа ги легитимираат и легализираат. Додека ние се правиме дека агресијата врз нашиот суверенитет и егзистенцијалната загрозеност воопшто не сме ја ни забележиле, како и да не се случила. Но, оваа веќе вулгарна меѓународна гротеска мора да прекине.

Тоа е гротеска во која Бугарите своите уцени со кои сакаат да го остварат фашистичкиот сон за целокупна Блгарија ги пелтечат со навредени гримаси небаре се онеправдената страна и жртва што нивните европски пријатели не ја разбираат. Европејците се обидуваат да ја „оправат“ со сè поголемо разбирање за бугарските барања и со предлози со кои бугарските аспирации ги претвораат во услови што ние треба да ги исполнуваме низ целиот пат на пристапните преговори. А, ние, ние се однесуваме ко невеста што гувее, румена и подиспотена, и чека што ќе одлучат за нејзината иднина „старите“ и, кутрата, лукаво чека другата страна да го одбие францускиот предлог и така да ја преземе на себе одговорноста за блокадата.

А, што ако Бугарите го прифатат францускиот предлог? Тоа е за нас не само најлошиот предлог досега, туку и несомнено убиственото сценарио со кое Европската Унија во слава на своето ѓоа успешно проширување ќе го институционализира „семејното насилство“ со кое една нејзина членка (Бугарија) ќе може во европските ходници да ја силува младата кандидатка (Маседонија Гувеачка), со децении бришејќи ѝ го духот и сотирајќи ѝ го телото. На кого сметаме овој пат дека ќе нè спаси? Чешка и Словачка нè спасија од германскиот предлог, а кој ќе нè спаси од францускиот?

Во актуелнава геополитичка меќава, во која интересот на големите империјални сили буквално го ништи интересот на малите и маргиналните, веќе никој не може да не спаси… никој освен нас самите. Ние мораме да се разбудиме од „европскиот сон“, зашто од предолгото сонување тој од замислена рајска градина се претвори во пеколна стварност, во казан за бесконечно и не помалку ужасно подварување и растворање, со бугарски вратар што со долг стап го уредува „процесот на пристапувањето“.

Колку и долго да сметавме дека зачленувањето во Европската Унија е за нас безалтернативна стратегија, сега, со олку драстично сменетите околности мораме да сфатиме дека преговорите за членство – кога Унијата се реши дека тие мораат да одат со бугарски изим – се реално многу пострашна опција за Македонија отколку да го ставиме статусот на кандидат во мирување, додека Унијата не го смени начинот на одлучувањето за нејзиното проширување. А ние да се занимаваме со уредувањето на сопственото домаќинство и со интеграции од типот на Отворен Балкан, Европска економска заедница, Европски совет, Европска политичка заедница и уште многу други. Колку и да е силна триесетгодишната навика што веќе сраснала за нашата политичка мисла, мора да сфатиме дека сите општи места од типот „да не губиме уште 30 години залудно“, „ако можевме да го решиме проблемот со Грците, ќе можеме и со Бугарите“, „потребен е компромис, а за компромис е потребна политичка храброст“ и многу други, дека тие немаат никаква веродостојност и суштина во новонастанатите околности со бугарското вето.

Првин, ниедно искуство од проблемот со грчкото вето не е применливо на бугарското, и тоа е првиот чекор во длабинското сфаќање на историскиот миг. Тие две вета се со драматично различна природа и суштина, па според тоа и со несомерливо различни последици по македонската сувереност. Грците со ветото ја зацврснуваа својата сувереност на својата територија, па компромисот со нив последично ја зацврсна нашата територијална, национална и културна самобит. Промената на името беше понижувачки процес, но последиците по македонската држава и култура се практично непостоечки, а со компромисниот договор проблемот е решен засекогаш.

Од друга страна, Бугарите ја негираат нашата сувереност на наша територија, па компромисот со нив не е можен зашто е контрадикторен со самиот поим на нашата самобит. А, конечно, каков и да е договорот со Бугарите, всушност ќе претставува почеток на бескрајните проблеми со нивните вулгарни аспирации во негирањето на се што е македонско, а не нивна разрешница. Затоа, неопходен е нашиот одлучен прекин на преговорите со фашистичките уцени на Бугарија, зашто каков и да е компромис со нивните барања за наше непостоење, ќе го претставува фактичкиот почеток на нашето непостоење. Историското НЕ на Европската Унија е за нас единственото решение на апоријата со бугарското вето. И сознанието дека нашиот суверенитет и нашето постоење се гарантирани единствено со челичната македонско-бугарска граница, која како со нож ќе ги сече лепливите прсти на бугарските аспирации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот