Историчарите Чепреганов и Панов го нападнаа Тодоров: Комисијата нема мандат за учебниците по историја

Историчарите дебатираа за работата на Мешовитата комисија за историски прашања/Фото: Скриншот

Тројца видни македонски  историчари дебатираат вечерва на Телма за руско-украинскиот конфликт и политичката злоупотреба на историјата. Но се скараа околу улогата на Мешовитата македонско – бугарска комисија во која член е Петар Тодоров, а не се другите гости, историчарите Митко Панов и Тодор Чепреганов како и за промените во македонските учебници по историја кои треба да претрпат промени.

– Сакате 6 души во Комисијата да кажете како да се однесуваме. Велите во учебниците има говор на омраза бидејќи стои дека Бугарите имаат монголско – татарско потекло. Овие учебници се пишувани во 2006 години и од тогаш до 2017 година ниту еден член од Комисијата нема кажано дека има говор на омраза. Македонските историчари тоа го напишаа врз база на бугарски историски извори. Бугарите сами пишуваа за турско-татарско потекло, а потоа им се допадна хунската теорија па го присвоија и тоа, нагласи проф. Чепреганов.

На ова Тодоров праша кога се случило тоа, а Чепрганов истакна дека тие теории биле во 1945 и 1946 година, по што Тодоров возврати која година сме сега за овие теории да ги ставаме во новите учебници по историја.

– Ако Владата донела некакви заклучоци треба да се обратите до Владата. Настапот дека Комисијата е формирана за да оформи некаква заедничка историја не е правилен. Заедничката историја не значи еден народ две држави. Точно е дека не се објавени решенијата од работата на Комисијата, но транспарентни сме во работата. Би ги објавиле решенијата веднаш ако ни дозволат, рече Тодоров нагласувајќи дека формулацијата за Бугарите дека се татаро-монголско племе кое вршело грабежи е говор на омраза, зошто во 6 и 7 век нема племе кое не го правело тоа, а сепак конкретно се посочени Бугарите.

Историчарот Митко Панов рече дека Комисијата нема мандат за ова што го работи сега.

– Треба само да дискутира за историските факти, а не и за учебниците. Толку е мандатот. Има комисии за учебници под мандат на УНЕСКО и Советот на Европа, рече Панов.

На ова реплицираше Тодоров кој нагласи дека мандатот на Комисијата е утврден со правилници за работа.

-Најголем дел од работата се и учебниците. Наша цел е да се дадат препорали како да се надминат проблемите меѓу двете општества, како да се подобрат учебниците и да се поттикне критичко мислење во образованието, дециден е Тодоров.

– Дали разговарате како Бугари со Бугари или Македонски со Бугари – праша Чепреганов кој смета дека разговорите треба да се водат на рамноправна основа, за помирување и простување.

Во жестината на дискусија во еден момент Тодоров го праша Чепреганов: Вие за Американците одработувате.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот