Источното крило на НАТО го „тампонира“ воздушниот простор до Русија

Обработка на податоци: Слободен печат / Иван Самарџиев

Војната во Украина, изминатиов период ги возобнови воените тензии најмогу по Втората светска војна меѓу Истокот и Западот, бидејќи воените авиони на НАТО и на Русија извршија голем број меѓусебни провокации во воздушните простори над Европа.

Токму во таа насока во нашата земја и регионот неодамна пристигна огромна воена сила предводена од Британија. НАТО сојузниците периодов распоредија околу 8.000 војници на воени вежби низ Источна Европа вклучително и Македонија во знак на демонстрација на сила, по руската инвазија на Украина.

Силна потврда за сојузништвото во Алијансата земјава ќе демонстрира веќе утре на армискиот полигон „Криволак“, каде ќе се реализира денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 22“, при што ќе бидат презентирани воздухопловно-десантни операции проследени со падобрански скокови и хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на  Македонија, САД, Велика Британија, Франција, Италија, Црна Гора, Грција и Албанија.

Домашните познавачи на состојбите велат дека Македонија не треба да стравува за својата безбедност бидејќи станува збор за стратешко разместување и патролирање на Алијансата од евентуални закани на нејзината источна граница .

Милан Стефаноски

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефановски за актуелните вежбовни активности на НАТО, коментира дека причина за аларм или паника нема. Напротив тоа според него е теренски показател дека нашата АРМ е веќе преточена во безбедносните структури на Алијансата кои се видливи со „голо“ око во оценките од воените вежби во сојузниците.

– Во овие моменти очигледно е дека НАТО ништо не остава на случајност кога станува збор за заштита на територијата на своите држави члнеки. Сето нормално е иницирано од развојот на случувањата во Украина и руската агресија врз оваа земја. Огромниот број на одржани вежби долж источното крило на Алијансата во кое и ние индиректно се вбројуваме значи подготовка на одбрамбените капацитети на сите нас кои делуваме под чадорот на НАТО – вели Стефановски.

Во меѓувреме Финска и Шведска се поблиску до одлучување за најверојатната кандидатура за членство во НАТО, а официјалното соопштение се очекува во наредните денови, потврди вчера финската страна. Како што пренесува АФП за помалку од три месеци од почетокот на инвазијата на Украина, две нордиски земји кои се соочуваат со руска закана се пред портите на западната воена алијанса во потрага по безбедносен чадор, особено американски, наведува новинската агенција.

„Сто проценти е сигурно дека Финска ќе биде кандидат и сосема е веројатно дека ќе биде членка до крајот на годината“, рече Чарли Салониус-Пастернак, научник од Финскиот институт за меѓународни односи.

Инаку во Финска, како и во Шведска, војната во Украина целосно го промени јавното мислење, кое беше поделено до руската интервенција. Според неодамнешна анкета на националната телевизија Јле, 76 отсто од Финците го поддржуваат членството на земјата во НАТО. Распложението за влез во Алијансата во минатото кај Финците се движеше меѓу 20 и 30 проценти.

Обработка на податоци: Слободен печат / Иван Самарџиев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот